Голема операција во Франција: Уапсени 80 мажи осомничени за сексуално злоставување на деца

од Nikola Popovski

Во Франција оваа недела биле уапсени 80 мажи осомничени за сексуално злоставување на деца, во голема акција при која било откриено дека ова зло ги погодува сите општествени категории.

Неименуван висок полициски функционер за агенцијата „Франс прес’ изјавил дека тоа е најголемата операција спроведена во Франција и дека меѓу уапсените има двајца воспитувачи, тренер и надзорник во домот за деца со пречки во развојот.

-Еден од наставниците крадел фотографии и видео снимки од неговите ученици, а бил обвинет за сексуално злоставување на ученик, соопштила тамошната полиција.

Меѓу уапсените има десет мажи осомничени за силување на малолетници или сексуален напад.

Уапсените се на возраст од 30 до повеќе од 60 години, а меѓу нив има и локален функционер, инженер и невработени.

„Нема типичен профил меѓу овие криминалци, наидуваме на сите социо-професионални категории“, изјавил претставник на полицијата, додавајќи дека при претресот биле пронајдени повеќе од 100.000 видеа и фотографии од злоставување на деца.

„Сликите се чувале на компјутери, хард дискови или во други дигитални форми. Некои од содржините беа крајно насилни“, изјавил полицискиот службеник.

Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманен ја поздравил работата на полицијата и „големото сузбивање на овој вид криминал“. Тој додал дека истрагата се уште е во тек.

Слични содржини