Откако вчера беше објавена владината одлука за полициски час кој ќе трае три дена, почнувајќи од вечерва, па се до понеделник наутро, огромен број реакции и коментари ги преплавија социјалните мрежи.
…Знаете како функционира карантин во Македонија? Здравите седат дома, за болните да можат слободно да шетаат без никого да заразат…. Ситуацијата е под контрола, ги знаеме сите кластер семејства. Скопје е кластер семејство….. Полицискиов час ми е еквивалентен на тоа да имаш пожар дома и да ти гори спалната а ти ко будала упорно си ја поплавуваш дневната со вода и се чудиш зашто уште мириса на чад….. Не можеш по Чаир, удри по Скопје!… А полиција ќе работи за време на полициски час или како? Овој пат полициски час, ама за озбилно. Кажете им у Чаир и Сарај….На гробишта е опасно по живот.На избирачко место, не е!!!Видим и чудим!…Ова со карантинов излегува дека важи само за нашите,,а не за вашите,,…Најголеми карантински денови за верски празници.Ако е вирус кој не бира,зошто ние бираме? ….Тоа значи групно одење на гробишта и маркети во четврток…., се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Министерот за здравство Венко Филипче по својата пре-конференција на својот Фејсбук објави дека поголем дел од граѓаните од оваа одлука се чуствувате обесправени.
„Враќањето на рестрикциите на никој не му паѓа лесно. Верувам дека можеби се чуствувате обесправени бидејќи најголем дел од вас доследно се придржуваат до мерки за што сум ви благодарен. Но, моја обврска како министер е да направиме сѐ за заштита на колективното здравје, како и заштита на здравствениот систем кој не смееме да дозволиме да се оптовари. Ако било кога во историјата на земјата било потребно единство и заеднички интерес, тоа е сега. Убеден сум ако сите се заложиме и секој со своето влијание се бори за заедничката цел – здравјето на граѓаните, верувам дека ќе успееме многу брзо да го надминеме и овој втор бран“, напиша на фејсбук првиот здравствен работник во земјава.
По зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава и за ефикасно спречување на ширењето на коронавирусот, Владата донесе одлука да се воведе целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје, во сите сите скопски општини и во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Забраната на движењето почнува вечер, од 21 часот и ќе важи се до понеделник, до 05:00 часот.
Во сите останати градови се забранува движење на сите граѓани од вечер, од 21:00 часот до наредниот ден, до 05:00 часот наутро. В петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро. Петок е прогласен за неработен ден за сите граѓани. Владата ја донесе оваа одлука на вчерашната 60-та седница, согласно препораките на Комисијата за заразни болести.