Горењето и фрлањето на отпад, фабриките и индустријата, како и греењето и затоплувањето според граѓаните се најголемите загадувачи на воздухот. Ова го покажува анкетата на емисијата „Детектор“, а која ја има изготвено Институтот за политички истражувања Скопје.
Анкетата покажува дека 22,9% од граѓаните велат дека во нивното населено место најголема причина за загадениот воздух е горењето и фрлањето на отпад, 22% сметаат дека главни причинители на загадувањето се индустриските капацитети додека 21% греењето на домовите. Осумнаесет и пол отсто рекле дека најмногу загадува транспортот а 7,1% градежништвото. Речиси 19 проценти од испитаниците рекле дека во нивното населено место нема загадување.
Во споредба со анкетата која на истата тема ја презентираше „Детектор“, а исто така беше изготвена од ИПИС минатата година во јануари, граѓаните имаат сосема различно мислење за главната причина за загадувањето.
Ако во јануари лани дури 31% од анкетираните сметале дека автомобилите се најголема причина за загадување, една година подоцна ваков став имаат само 18,5%. Значително пораснал бројот на граѓани кои мислат дека главна причина за загадувањето се фабриките, од 13,6% во јануари лани, на 22% во анкетата од оваа година. Кај останатите потенцијални загадувачи нема некоја значителна промена во перцепцијата на граѓаните.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје за потребите на Детектор е спроведена телефонски во периодот 8 до 11 јануари годинава врз репрезентативен примерок од 1105 испитаници.