Гошевски: Сегашните пари ќе станат алтернативни средства за плаќање, како што се сега криптовалутите

од Vladimir Zorba

Никој не може да ја предвиди иднината, но оправдан е ст(р)авот дека за една деценија од сега можеби ќе зборуваме за сегашните пари како занемарливи и алтернативни средства за плаќање како што сега се алтернативни крипто- средствата, вели во интервју за „Локално“, адвокатот Душко Гошевски.

Според него, најмалку една деценија живееме во нова дигитална реалност односно во крипто – технолошки свет кој постојано се менува.

Се работи за комплексен, претежно анонимен, децентрализиран и нерегулиран свет кој постепено се централизира, регулира и се става во некоја рамка, вели тој.

-Регулацијата и прифаќањето на новата реалност оди со помало, небалансирано темпо од самиот развој на дигиталната технологијата. Самата основа на крипто-валутите предизвика фундаментално нов систем на економски односи, надвор од секоја економска теорија, литература или пракса, овозможувајќи трансакции со висок степен на приватност и анонимност и без финансиски посредници и провизии, сето тоа базирано на децентрализирана технологија, објаснува Гошевски.

Крипто-валути – минувачки тренд или основа на нова економија?

-Самиот назив кој претежно се користи за да се опише трендот со крипто – валутите ,,виртуелна реалност” е оксиморон, но тоа е само уште еден показател дека старите правила повеќе не важат.

Ние најмалку една деценија сме во нова дигитална реалност и во крипто – технолошки свет кој постојано се менува. Се работи за комплексен, претежно анонимен, децентрализиран и нерегулиран свет кој постепено се централизира, регулира и се става во некоја рамка.

Притоа, регулацијата и прифаќањето на новата реалност оди со помало, небалансирано темпо од самиот развој на дигиталната технологијата.

Самата основа на крипто-валутите предизвика фундаментално нов систем на економски односи, надвор од секоја економска теорија, литература или пракса, овозможувајќи трансакции со висок степен на приватност и анонимност и без финансиски посредници и провизии, сето тоа базирано на децентрализирана технологија.

Така да може слободно да се каже дека не толку и не само крипто валутите, туку и технологиите кои му го овозможија тоа, пред се мислам на DLT и blockchain технологијата , се основа на новата дигитална економија која како што напоменав е и ќе биде се поголема цел на регулирање и контролирање.

Некои централни банки веќе имаат активни проекти за утврдување на потребата за издавање суверени валути во дигитален облик, коишто се познати под називот дигитални валути. Како се разликуваат тие од криптовалутите и зошто Централните банки „ги туркаат“ повеќе во однос на крипто-средствата? Дали е само поради контролата и децентрализирањето?

– Најпрво, дозволете да направиме една дистинкција на термините дигитална валута и крипто – валута за да може поконретно да Ви одговорам на прашањето. Терминот крипто – валута се помалку се користи, односно се изостава при регулацијата на криптовалутите. Термините кој во најголема мера се застапени при регулацијата се виртуелно/крипто – средство/имот ( Crypto-assets, virtual assets ). Ова претставува значајна и многу важна разлика од причина што виртуелните средства со тоа (о)стануваат дигитални записи на вредност или права и не вклучуваат во себе дигитални записи на пари. Ова е најважниот момент од легислативна и регулативна гледна точка, бидејќи со тоа се прави јасно разграничување во однос валута = имот.

Сега ако се навратиме на прашањето, да, централните банки почнуваат да издаваат суверени валути во дигитален облик обидувајќи се да фатат приклучок во дигиталниот свет. Но иако термините се синоними и можеби користат и иста технологија се работи за различни работи. Имено, парите или ФИАТ средства се и понатаму гарантирани од централните банки и државите,само што сега ќе имаат дигитален облик и нема да бидат печатени, односно ке имаме еквивалент на печатените пари во дигитални. Тоа е различно од самата основа на крипто валутите/средствата.

Во делот на дигитални валути гарантирани од централни банки, освен Бахами која беше прва, најнапредни се НР Кина и Шведска. Инаку и во Европската Унија, Европската централна банка и другите наднационални институции водат дискусија и анализа за издавање на дигитално ЕВРО. Изјавите кои доаѓаат од првите лица на овие институции се дека сериозно се разгледуваат сите аспекти за издавање на дигиталното евро. Секако тоа се обемни студии, анализи и проценки на ризик како од безбедносен така и од аспект на користење на лични податоци, бидејќи преку следење на потрошувачката на дигиталните валути се невлегува во приватноста на корисникот итн. Се очекува во текот на 2021/2022 година да се затвори прашањето дали ќе се издава дигитално евро и уште најмалку 3-4 години за реализација на тој план.

Што би значело, накратко, прифаќање на криптовалути на ниво на држави? Ел Салвадор, пример, го изгласа законот со кој биткоин ќе биде признаен како платежно средство во земјата…

– Како што напоменав претходно, најголем дел од државите ги прифаќаат и регулираат како крипто – средства. Ел Салвадор е мислам првата држава во светот која ја прифаќа како крипто – валута односно како легално платежно средство ! Односно, истата ќе може во секој момент да се конвертира и изразува во пари, во нивниот случај во долар како национална валута.

Дури и најхрабрите држави во Европа кои предничат во регулацијата и прифаќањето на овие технологии, како Малта или Естонија, ги немаат признаено дигиталните крипто-средства на ниво на валути (бидејќи не ги исплнуваат основните функции на пари) туку се, како што реков, средства/имот кој во даден момент се конвертираат во пари. Ова е многу важен момент и од монетарен и од регулаторен аспект.

Ова е и основа за објаснувањата на централните банки дека крипто – средствата не претставуваат валута дека немаат карактеристики на пари и следствено на тоа тие немаат ни надлежност да го регулираат тој пазар.

Можно ли е, според вас, во иднина целосно „искоренување“ на кешот и финансиските средства контролирани од банките и целосно префрлање на трансакции со криптовалути? Кои се придобивките од таков епилог?

– Дебатата која што се води се сведува на традиционалните платежни средства од една страна и вариетети и најразлични дигитални форми од друга страна. Од основните децентрализирани крипто-валути кои не се врзани со вредност (Биткоин) , па круптовалути кои се врзуваат за традиционални тврди валути, „стејблкоини“, криптовалути кои можеби ќе се издадени од приватни банки или приватни ентитети, па се до дигитални валути кои ќе бидат замена за традиционалните како што го наспоменавме дигиталното евро.

Facebook со својата најава за издавање на ЛИБРА и КОЛИБРА сериозно ги разниша највисоките финансиски и политички авторитети а дебатата стигна до самиот Американски Сенат . Не е тајна дека и Студијата на Европскиот парламент и анализите за дигитално ЕВРО на ЕЦБ ( Европската централна банка ) се директен одговор на оваа најава.

Никој не може да ја предвиди иднината, но оправдан е ст(р)авот дека за една деценија од сега можеби ќе зборуваме за сегашните пари како занемарливи и алтернативни средства за плаќање како што сега се алтернативни крипто- средствата.

Њујорк го лансираше првиот комерцијален имот кој може да се купи со биткоин. Кои се предностите при купувањето со криптовалутите?

-Њујорк неодамна избра градоначалник кој отворено и силно ја подржува ајде да ја наречеме крипто – револуцијата. Очекувано е да се стимулираат ваков вид на техно-оптимистични активности . Едноставно не му личи на главниот град на светот да заостанува во непредокот во било која област а особено не во делот на оваа технологија.

Во главниот град има канцеларија која врши конвертирање на криптовалутите во денари, дали оваа трансакција е законска?

-Не е само во Скопје, крипто-менувачници се отвараат и во другите градови. Од 1991 година наваму, согласно демократското устројство на државата, дозволено e се што со Устав и Закон не е забрането, дури и да се наоѓа во сива зона. Секако, секоја економска активност и дејност е подложна на позитивните законски прописи, особено на Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам, Законот за трговски друштва како и на посебните даночни закони.

Инаку, Србија има крипто менувачници од 2012 година а законот ( Zakon o digitalnoj imovini ) кој е сосем солиден од правна гледна точка, го донесе во 2020 година.Хрватска имаат менувачници иако немаат посебен закон туку се регулирани со даночни и АМЛ ( anty money laundering ) закони. Таму субјектите кои ја поминаа таа пред-фаза на регулација сега предничат и во другите држави во регионот кои малку заостануваат во регулацијата.Регионалниот контект го кажувам бидејќи има информации дека и овдешните крипто-менувачници се поврзани со тие од регионот .во дел на поврзаност, соработка итн.

Согласно најавените измени на Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам ,барем така како што е предложен во нацрт- верзијата, за прв пат ќе се регулираат трансакциите со виртуелните средства. Заокружување на оваа област се очекува со најавениот Закон за регулација крипто средствата кој беше најавен во неколку прилики од страна на Министерството за финансии.

Колку македонски граѓани во моментов инвестираат во криптовалути, дали ги имате тие информации? Дали најчесто се работи за помлади луѓе поради тешкото разбирање на процесите и технологијата?

-Се работи за технолошки бум кој особено се засилува во последните години, месеци и недели !!!

Доколку помладите технолошки напредни индивидуи можеби предничат во копањето/рударењето, има сериозно побуден интерес кај луѓе од најразлични возрасти за инвестирање, купување, продавање односно тргување со крипто валути/средства.

Односно за да може полесно да објасниме иако споредбата не е најсоодветна, може да се каже дека има примарен пазар ( копање , издавање, стекнување) и секундарен пазар (тргување).

Имате ли информации во колкав обем се тргува со криптовалути во земјава и кои се најпопуларни меѓу нашите граѓани?

– За жал, самата нерегулирана сфера оневозможува надлежните институции како и другите организации кои се бават со анализа и следење на одредени економски процеси да можат емпириски и прецизно или приближно да го утврдат обемот на тргување.

За една таква анализа би требало вкрстен крос чекинг на неколку економски параметри, од приливи и одливи на средства, платени даноци, увоз и користење на комјутерска опрема за рударење, платформите па се до потрошувачка на електрична енергија. Тоа во овој момент е слабо видливо и возможно како анализа. Според некои процени се работи за илјадници граѓани

Оваа технолошка револуција зема се поголем замав кај младите лица. Некои од нив успеваат и да зароботуваат големи суми на пари. Кој е вашиот совет на што треба да внимаваат?

-Во неколку држави, при носење на законите за регулација на оваа сфера, во образложението за оправданоста за носење на законот меѓу другото како силна аргументација се наведува дека оваа дејност нуди алтернативни извори на финансирање особено кај помладата технолошки напредна генерација, и може да е сериозен извор на приход како за дел од населението така и за државите, од аспект на девизен прилив, даночен импакт и така натаму.

Секоја шпекулативна дејност која се базира на финансиски пазари носи сериозни финансиски ризици, а особено доколку истата се уште не е регулирана и не е ставена во законска рамка пазарот е уште понестабилен. Од тие причини би препорачал особена претпазливост, сеопфатно информирање како и следење на насоките и инструкциите од надлежните органи се до конечна регулација на оваа сфера.

Дали вие би му препорачале на некој граѓанин да земе (кредит) за да инвестира во криптовалути? Ако не, зошто, ако да, во кои? Која е најдобрата апликација за купување криптовалути?

– Инвестирањето во секој финансиски пазар е под ризик. Ризикот е дополнително поголем доколку инвестиционата активност се однесува на нерегулирана или недоволно регулирана зона.

Во делот на советување или препораки, секако дека не можам да препорачам, но очекувам дека како и во другите држави, и самото советување ќе се регулира на начин што ќе влезе во правна рамка на инвестиционо советување и истото ќе биде регулирано слично како што е регулирано и инвестиционото советување во хартиите од вредност и другите финансиски инструменти.

Б.М.

Слични содржини