Владата денеска ќе одлучува дали граѓаните ќе ги поминат првомајските празници во тридневен карантин, по препораките на Комисијата за заразни болести која предложи полицискиот час во земјата за 1 Мај да трае од 19 часот в четврток до пет часот в понеделник, сличен на оној на Велигденските празници.
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев предлага полицискиот час да почнува исто како изминатиов викенд, кога забраната за движење започна во сабота од 15 часот, а траеше до 5 часот наутро во понеделник.
„Во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека Владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните “,- напиша Чулев на својот фејсбук профил.
Во однос на ставот на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, за престојниот празник да нема ограничување како за Велигден, Филипче посочи дека одуката ќе ја донесат стручните лица од Комисијата на заразни болести, врз база на епидемиолошки и медицински сознанија.
– Во меѓувреме видов и некои реакции на министерот Чулев. Сметам дека не треба да станува збор за какво било лично мислење или некоја тенденција да се пренесе, некакво мислење или став или желба на која било група на граѓани заради тоа што сите овие мислења се темелат на стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. Одлуката ќе биде донесена на седница на Владата. На утринскиот состанок на Штабот јас го изнесов мислењето и на Комисијата која со консензус смета дека треба викендот да биде целосно затворен како што беше оној за Велигден, сега од петок до понеделник.И така функциониравме досега. Тие се темелеа на бројот на пациенти, на тоа што може да очекуваме од рестриктивните мерки во смисла на намалување на бројот на случаи но со медицинска издржаност. Зашто тоа го препорачуваме? Секако дека граѓаните не сакаат да седат дома. Кој би сакал да седи дома затворен три дена, но има причина зашто тоа е така предложено, истакна Филипче.
По објавените ставови во врска со тридневниот карантин за претстојниот викенд граѓаните почнаа да ги изнесуваат своите ставови на социјалните мрежи, еве дел од нив:
„Така треба, многу исправно е да нема олабавување на мерките, веднаш се се размрда, ни маски, ни ракавици.Ги носат под брада и собрани во купчиња по 10 души“….“Стварно мислиме дека улиците без нас не можат и ајде па и шетаме без маски и заштитна опрема, е штом не знаеме и не го прифаќаме ризикот кој е околу нас и за нашите постари дома, треба карантин…„Нема да бидат тие мерки ако постапуваме совесно, а ние ем без осет а од друга страна па и се лутиме“….„Доста веќе со полициски часови“…„А ,што треба веќе да се опаметиме, треба совесни да сме и самите ред да си ставиме а не други ред да не стватаа ама чим сме веќе своеглави и паметуваме е така ќе е како они ќе кажат“… „Може грешам ама има покомпетентни од нас они ќе одлучат“… „А и не гледам причина да не се продолжи викендот и треба да сме благодарни бидејќи ако како министерот е тој се грижи за нас и за наше добро ние треба да ја почитуваме неговата одлука “.
Во Србија, ќе има забрана за движење за првомајските празници и ќе трае од четврток, 30 април од 18 часот до понеделник, 4 мај до пет часот.Како што соопштија од Српската Влада, граѓаните на возраст над 65 години ќе можат секој ден да излезат на еден час прошетка помеѓу 18 часот и 1 часот по полноќ, најмногу 600 метри од местото на живеење, додека продавниците за нив ќе бидат отворени во четврток од 16 до 19 часот.
За разлика од Србија, во која ќе има продолжен полициски час за првомајскиот викенд, Хрватите ќе може да печат и скара на 1 мај, Меѓународниот ден на трудот, но под определени услови – одржување дистанца меѓу „празникољупците“ и со ограничен број луѓе.
„За 1 Мај скарата е дозволена, но треба да се внимава на дистанцата. Не е дозволено ни собирање на повеќе луѓе. Уште важи одредбата до петмина, а од 11. ќе биде до десет“, изјавил Крунослав Цапак, прв човек на Хрватскиот завод за јавно здравје за РТЛ.