Иако властите се обидуваат да ја намалат паниката кај граѓаните, тие панично ги празнат рафотивте.
Екипата на Локално ги посети аптеките каде имаше намалена гужва од вообичаената. Во разговор со фармацевтите тие ни кажаа дека маски како и гелови за дезинфекција нема.
-Цената на хируршката маска останува иста, но во моментов немаме на залиха. Нарачани се нови количини, а кога ќе пристигнат не знаеме, велат фармацевтите.
По тоа што може да се понуди на пазарот, се забележуваат различни видови маски – со менливи филтри, со еден или два филтри, за еднократна употреба, за повеќекратна употреба. Нивната цена варира, од 200 до 899 денари, но и од нив нема на залиха.
На социјалните мрежи пак корисниците велат дека цената за една хируршка маска од 4 е зголемена на 15 до 30 денари.
Од организацијата на потрошувачи апелираат до трговците да не ја користат ситуацијата и да ги поскапуваат производите кои во моментов се најбарани.
Со одбирањето несоодветна маска граѓаните прават погрешен чекор и, наместо да го заштитат своето здравје, го доведуваат во поголем ризик. Според тоа, оние што се одлучуваат за користење маска како превентивна мерка мораат да ја изберат вистинската, велат фармацевтите.
Од друга страна, епидемилозите објаснуваат дека маските не можат да обезбедат превенција од коронавирусот, а истото го повтори и министерот за здравство, Венко Филипче.
Образовните институции со препораки
МОН излезе со соопшение дека во сите училишта мора да има основни средства за хигиена, во спротивно ќе има санкции.
Вакво предупредување упати министерот за образование по појавата на Ковид-19 во земјава. Арбер Адеми, министерот за образование, потенцираше дека државата им префрла пари на општините за да набавуваат сапуни и дезинфекциони средства, дали ова се почитува инспектори од министерството уште денеска ќе ги контролираат образовнитѕе установи, најпрво во Скопје.
Темата со корона вирусот е актуелна и во организацијата на големите манифестации како што е струмичкиот карневал. Од карневалскиот одбор информираа дека активностите течат по предвидената програма и за сега не предвидено негово откажување. Од таму ги следат препораките на надлежните државни служби и ќе се однесуваат согласно истите.
,, Следејќи ги тие препораки одлучивме да го тераме карневалот бидејќи не сме ние во состојба да одлучиме самостојно и да шириме паника ако тоа го направиме. Бидејќи на ниво на државата е решено манифестациите да продолжат ние тераме по она што е утврдено по програма.,, вели Александар Цициманов – претседател на организационен одбор на Струмички карневал.