Граѓаните во исчекување на одлуката на РКЕ – ќе плаќаат ли поскапо парно од 1.август?

од Vladimir Zorba

Се зголемува неизвесноста кај граѓаните во очекување на одлуката на Регулаторната комисија за енергија, која ќе биде цената на топлинската енергија која ќе се наплаќа од 1 август.

Регулаторот се уште ја нема закажано седницата на која ќе бидат разгледувани предлозите на трите фирми на ЕСМ кои вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за скопјани, но тоа секако мора да се случи до крајот на оваа недела.

Во обид да се разбере барањето на компаниите за 54 % покачување на цената, експерти за „Локално“ објаснуваат дека цената за топлификација најмногу зависи од цената на горивото т.е гасот која се менува на берзите, а извесно влијание има и дали во производството на топлина ќе биде вклучена Те-То.

Универзитетскиот професор Ристо Цицонков сепак не очекува РКЕ да ги прифати во целост барањата на компаниите.

Ристо Цицонков

Ристо Цицонков

Јас мислам дека РКЕ нема да ја покачи цената толку, туку ќе излезе со некое покачување од 5 до 10%, најмногу од политички причини. Ако фирмите на ЕСМ прикажале реални (големи) трошоци, тогаш државата (со одлука на Влада) ќе им ја доплати разликата на ЕСМ како што беше минатата грејна сезона. ЕСМ може да направи договор за купување на гас кога е најповолно. Јас мислам дека сега е поповолно да се направи договор за купување отколку во зима. Моменталната цена на природниот гас сега е 48 EUR/MWh. а во есента и зимата во 2022 г. гасот беше и со цена над 200 EUR/MWh, вели професорот Цицонков.

Со апел граѓаните да го искористат периодот на бесплатно приклучување на системот за парно греење бидејки секој друг вид на греење со електрични печки и греалки, или на дрва, е многу неповолно, професорот Цицонков ги објаснувадобрите и лоши страни на системот на топлификација на Скопје.

Од добрите страни најважно е што има помало загадување на воздухот во Скопје но овој систем е застарен, има технички недостатоци, нема наплата според потршувачка по стан во станбените згради, итн. Го изгубивме квалитетниот инженерски кадар (за одржување и подобрување на состојбата). Градот Скопје, но и другите засегнати страни треба да седнат да бараат решение како да се решаваат потребите за греење во Скопје, но и во целата држава. Она што се случи минатата година со давање концесија на ЕСМ беше ад-хок решение. Треба да се седне сега и да се најде потемелно решение, уверува Цицонков.

Како основна причина зошто се бара зголемување на цената на парно греењето, компаниите  ги навеле зголемените дистрибутивни трошоци за испорака на топлинска енергија до граѓаните, поскапените материјали и опремата за работа на глобално ниво.

Од РКЕ минатата недела рекоа дека ги разгледуваат барањата за пријавени трошоци на компаниите и ветија дека ќе се бара решение кое нема да предизвика ценовен шок за граѓаните.

К.В.С.

Слични содржини