Грција трупа војска на границата со Албанија

од desk3
93 прегледи

Грција ги зголемува воените сили на границата со Албанија, за да се бори против шверцот. Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, кој е лидер и на партијата Независни Грци, соопшти за зголемување на копнени сили, хеликоптери и сили за безбедност на морската граница со Албанија. Се зголемува бројот на предните војничкиот позиции до границата .

0249024001433757984_477456_600x458_actualno

Министерот Каменос рече дека луѓето кои живеат во пограничните региони побарале заштита, бидејќи се плашат за својот живот од движењето на шверцери на оружје и дрога, како и на илегални имигранти. Според локалните жители полицијата не е доволна.

Каменос изјави дека заедно со Генералштабот на Армијата е подготвен план за трансфер на копнени сили, кои ќе спроведуваат воени вежби во регионот. Нивното присуство ќе гарантира безбедност на жителите, а според министерот се дава можност и на невработените да се вратат во своите родни места и да се занимаваат со земјоделство.

Ненадејната воена активност на грчко-албанската граница се поврзува со испратениот од страна на Тирана демарш до Атина против енергетски студии во Јонското Море, како и претензии за копнената граница меѓу двете држави.

Министер Панос Каменос категорично изјави дека за националниот суверенитет на Грција не се дискутира и додаде дека границата на земјата нема да се промени ниту метар по копно, воздух и море.