Грците по два дена задоцнување бараат објаснување од ЕХФ за одложеното финале меѓу Алкалоид и АЕК“

од Љубиша Владимиров
34 прегледи

Ракометната федерација на Грција испрати писмо до Европската ракометна федерација (ЕХФ) во кое остро реагира и бара објаснување за одложувањето на вториот меч од финалето во ЕХФ Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК. Во писмото Грците прашуваат зошто безбедносните услови не биле однапред јасно договорени и зошто грчките навивачи биле спречени да влезат во Македонија само неколку дена пред натпреварот.

Реакцијата на грчката федерација дојде со два дена задоцнување по одложувањето на мечот. Во писмото се потенцира дека првиот натпревар во Грција бил организиран без никакви проблеми (иако некои наши ракометари беа удрени со предмети од трибините), додека во Скопје имало безбедносни инциденти и ограничувања за бројот на навивачи.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост писмото на ЕХФ:

Г-дин Претседател,

Ви го испраќаме ова писмо во врска со вториот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот Куп помеѓу екипите Алкалоид и АЕК, кој беше закажан за недела, 25 мај, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Вие знаете дека Грчката Ракометна Федерација немаше никаква организациска или друга улога во спроведувањето на овие два финални натпревари, но со оглед на нашето присуство на двата натпревари, ги видовме проблемите што се појавија, како беа менаџирани, и чувствуваме обврска – за доброто на ракометот – да заземеме став.

Ве потсетуваме дека во нашата земја се организирани шест финалиња на ЕХФ Европскиот Куп без никакви организациски, натпреварувачки или други проблеми. Истовремено, десетици слични европски финалиња во сите спортови се одржани во Грција без никакви организациски или безбедносни проблеми. На сите споменати настани, целосно се почитувани правилниците на соодветните европски или меѓународни федерации, со исклучок на финалето на АЕК во сезоната 2020–2021, кога, поради Ковид, беа следени здравствените протоколи на Европската федерација.

Во врска со ова конкретно финале, главното прашање е: Зошто условите за негово одржување не беа однапред прецизирани, пред почетокот на натпреварите, кога веќе беше познат и капацитетот на арените и соодветните инструкции на Европската федерација во врска со безбедноста и бројот на билети на кои секој тим има право? Ако било кој тим имал безбедносен или друг проблем, тоа требаше да се дискутира и договори пред првиот финален натпревар.

АЕК, од своја страна, организираше одличен прв натпревар во арена со капацитет од 8.500 седишта, без никакви проблеми со безбедноста или со гостопримството кон тимот на Алкалоид и нивните навивачи.

На четврток, 22 мај, добивме од Вас известување за безбедносните проблеми што настанале во Македонија, и со право се поставуваат следниве едноставни прашања:

Зошто министерот надлежен за безбедноста во државата открива безбедносен проблем дури по првиот натпревар и само неколку дена пред вториот?

Зошто државните органи не можат да обезбедат присуство на 650 навивачи во сала со капацитет од 7.000 места и нивен пристап од границата до арената?

Зошто АЕК беше притиснат, само неколку дена претходно, да игра втор финален натпревар во вакви услови?

Зошто, на средбите одржани помеѓу претставниците на двата тима, безбедносните органи на Македонија и Европската Федерација, ако навистина постоеше толку сериозен безбедносен проблем (за кој не бевме однапред известени), не беше предложено, од причини на еднаквост, финалето да се одигра со соодветно намалување на бројот на навивачи за двете екипи (на пр. 200 билети за АЕК – 2.000 билети за Алкалоид)?

Ве потсетуваме дека ова е втор пат АЕК да се соочи со ваков третман на гостински натпревар (претходно беше против Партизан), додека, напротив, натпреварите што се одржуваат во Грција се организирани на најбезбеден можен начин.

И на крај, нека властите на Македонија не информираат, кои се тие исклучителни безбедносни причини, само неколку дена пред натпреварот, што предизвикуваат забрана за влез на грчки навивачи во земјата?

Г-дин Претседател,

Имаме длабока заинтересираност да го заштитиме и браниме нашиот спорт, како во нашата земја, така и на европско ниво. Нашата желба е големи клубови како АЕК, кои имаат илјадници навивачи, да учествуваат во грчкото првенство и европските шампионати, во присуство на своите навивачи, како што предвидуваат правилниците – и дома и на гости – без оглед на односите помеѓу земјите од кои доаѓаат.

Ова е големо достигнување за спортот воопшто.

Г-дин Претседател,

Мора да им покажеме на сите тимови во Европа, на сите што напорно работат за спортот (спортисти, функционери, судии и др.), дека постои волја кај сите земји и страни да се организираат натпревари со еднакви услови за сите.

АЕК во овој случај целосно ги испочитува правилата во првиот натпревар, без никакви проблеми, и требаше да добие ист третман и на вториот натпревар, независно од резултатот.

Верувајќи во Вашата проценка, и во духот на фер-плејот, чиешто потекло е од нашата земја и се прошири низ целиот свет како основна вредност на олимпискиот дух, очекуваме преиспитување на одлуката и повторно одредување на натпреварот со присуство на навивачи од двете екипи, како што произлегува од правилниците на ЕХФ, кои беа прекршени на вториот натпревар, без доволно оправдување.

Претседател на ОХЕ
Константинос Гандис

Генерален секретар на ОХЕ
Константинос Стаматиадис

Слични содржини