Гренел: Бајден го политизира дијалогот меѓу Србија и Косово

од Vladimir Zorba

Во низата пораки на Твитер синоќа, претставникот на претседателот на САД за разговори меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, го критикуваше кандидатот за претседател на САД, Џо Бајден, за политизирање на процесот на дијалог меѓу двете земји.

Гренел на Твитер истакна дека претходната администрација под претседателот Барак Обама, во која Бајден беше потпретседател, не направи ништо за осум години, додека администрацијата на сегашниот претседател Доналд Трамп презеде чекори за нормализирање на односите меѓу двете страни.

„За разлика од тактиките на Бајден за нереагирање, администрацијата на Трамп е насочена кон преземање на првите важни чекори кон нормализирање на економијата меѓу двете земји“, напиша Гренел.

Гренел вели дека „народот на Косово и Србија знаат дека осум години празни ветувања не можат да се споредат“ со администрацијата на Барак Обама и Џо Бајден и „со дејствијата на администрацијата на Трамп“.

Гренел ги наведува воздушните, железничките и патните договори постигнати меѓу Косово и Србија со посветеност на САД, како пример дека администрацијата на Трамп постигнала „долго посакувани резултати, а Џо Бајден само продолжува да зборува, како што прави 40 години во Вашингтон“.

Според Гренел, Бајден погрешил во скоро секоја важна одлука за надворешна политика, па „не изненадува тоа што тој повторно им нуди само празни зборови и ветувања на граѓаните на Косово и Србија“.

Претседателите на Косово и Србија требаше да се состанат во Белата куќа на 27 јуни за разговори со посредство на САД. Состанокот беше откажан откако Специјалниот обвинител во Хаг ги објави се уште непотврдените обвиненија против претседателот на Косово, Хашим Тачи.

Во писмената изјава за албанско-американскиот весник „Илирија“ во Њујорк, Бајден изјавил дека договорот меѓу Косово и Србија треба да вклучува взаемно признавање, но и да го зачува суверенитетот и територијалниот интегритет на двете држави, објави Коха. Тој рече дека „администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не успеа да се координира со претставниците на Европската унија, кои скоро една деценија посредуваат во дијалогот меѓу двете држави“ и потсети на откажаната средба на крајот на минатиот месец во Вашингтон.

Слични содржини