Во неделата во предградије на Атина избувнаа судири меѓу полицијата и граѓаните по брутална интервенција на полициските службеници кои проверуваа дали граѓаните ги почитуваат епидемиолошките мерки, што предизвика бран незадоволство во земјата, пренесе „Дневник.хр“.
Полицијата со солзавец растерала речиси 500 лица кои се собрале на протест во неделата вечерта на плоштадот Неа Смирни, во јужното предградие на грчката престолнина, во знак на протест против инцидентот претходно во неделата.
Видеата снимени попладне на истото место покажуваат како полицаец безмилосно со пендрак тепа момче.
Се слуша како момчето плаче од болка додека минувачите се згрозуваат од полициската акција.
Во меѓувреме, полицијата соопшти дека попладнето испратиле патрола со моторцикли на плоштадот Неа Смирни за да „проверат дали се почитуваат мерките за контрола на коронавирус“, додавајќи дека добиле голем број пријави за непочитување на рестриктивните мерки во местото.
Полицијата додаде дека во тоа време била нападната од околу 30 лица, при што биле повредени двајца полицајци. Уапсени се единаесет лица.
Полицијата исто така соопшти дека спроведуваат внатрешна истрага за нивниот полицаец кој бил снимен како удира млад човек.