Груби: Секаде каде што работеле „Бехтел и Енка“ работната недела била 60 часа, а работниците потпишувале пишана согласност

од Nikola Popovski

Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој воедно е и координатор за изградбата на Коридорите 8 и 10д, денеска порача дека со или без законските измени на осумте закони што се во собраниска процедура, автопатите ќе се градат, а наш интерес е тоа да биде побрзо и поевтино.

За барањето да се изгласа 60 часовна работна недела за работниците кои ќе ги градат автопатите, Груби одговори дека секаде има исклучоци, а доколку нема доволно работна сила, таа ќе се увезува од странство и никој нема да ги тера нашите работници да работат со сила.

Доколку работната недела на работниците што ќе работат на нивната изведба биде 60 часа неделно, како што бара изведувачот „Бехтел и Енка“, додаде Груби, проектот ќе се реализира за 4,7 години и ќе чини поевтино, а доколку е 40 часа неделно ќе трае над 6 години и ќе чини поскапо. Не се работи, како што истакна Груби, за плаќање пенали доколку работното време не биде 60 часа, туку за побавна реализација на проектот.

Според него, секаде каде што работеле „Бехтел и Енка“ работната недела била 60 часа, а работниците потпишувале пишана согласност да работат толку време и им бил платен секој работен час.

Груби исто така информира дека договорот со компанијата „Бехтел и Енка“ нема да биде објавен во јавност, затоа што е класифициран на барање на конзорциумот и затоа не смеат да се објавуваат деталите.

На истиот начин работеле и при изградбата на автопатите во регионот поточно во Хрватска, Србија, Косово и Албанија. Кај нас, како што рече Груби, договорот со „Бехтел и Енка“ веќе го има и Јавното обвинителство, кое отвори постапка по допрен глас за проектот за изградба на Коридорите 8 и 10 д.

Слични содржини