Груевски: ВМРО-ДПМНЕ е нападната, нема да им успее

од desk2
110 прегледи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е нападната како никогаш до сега во Македонија и во Европа, и дека сите случаи покренати од Специјалното јавно обвинителство се класично гонење на политичките противници, со цел партијата да се уништи или да се замолкне.


„Станува збор за политички, а не за правен процес. СЈО не е обвинителство, туку канцеларија на СДСМ. Најголем показател е тоа што носи одлуки без никакви правни докази. Таков политички процес треба да финишира со политичка, а не правна цел. Целта е кршење на ВМРО. Таргетот е ВМРО, сите случаи се против ВМРО. Кршење на ВМРО за слабеење на Македонија. Нема да не скршат, нема да успеат“, порача Груевски.

Тој потенцира дека во овој случај како никаде на друго место, нападнати се судии и членови на ДИК. Преседан од невидени размери. „Целта е да се заплашат судиите и новинарите и целиот народ. Нашиот грев е што со години бевме на браникот на државата, што одолеавме на закани поврзани со името, со идентитетот, што одолеавме со непотпишување на туѓи платформи и договори“, додаде Груевски.

Смета дека од СДСМ свесни се дека тоа што се обврзале да го прават пред своите наредбодавци нема да помине кај ВМРО. „Како може да кажат дека за Талир имале само еден месец, кога имаа 18 месеци. Што правеа минатите 18 месеци. СЈО ќе биде оној дел од историјата од кој ќе се срами секој што ја сака Македонија“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Врхушката на СДСМ се ситат на ова, но кругот се врти и продолжува да се врти, па еднаш може да се најдат и тие на долниот дел, потенцира Груевски.

„ Она што загрижува се информациите дека неколкумина од СДСМ биле во постојан контакт со неколку обвинители на СЈО“, рече Груевски, кој порача дека СДСМ води политичка битка преку СЈО против стотина истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ.

https://www.facebook.com/NGruevski/videos/10155423122167716/

 

Инаку, Специјалното јавно обвинителство бара притвор за Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Кирил Божиновски и Мартин Протоѓер за случајот „Титаник“, кој се однесува на изборни измами.

Притвор се бара и за Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, Елизабета Канческа Милевска, поранешна министерка за култура и за Владимир Пешевски, поранешен вицепремиер. СЈО бара притвор и за Тони Трајковски, градоначалник на општина Гази Баба и за уредникот во Сител ТВ, Драган Павловиќ Латас за случајот Тотал. Вкупно, СЈО бара притвор за 18 лица.