Група симптоми укажува колку сериозна ќе биде формата на Ковид 19

од Stefanija Kuzmanovska

Британските научници анализирале податоци добиени од апликацијата за следење на контакти заразени со коронавирус и откриле шест различни видови на болеста Ковид 19. Секој од нив се карактеризира со специфични групи на симптоми.

Според научниците од King’s College во Лондон, шест видови на болести се директно поврзани со различни тежини на болеста, а благодарение на нив е можно да се процени кој од пациентите ќе има проблеми со дишењето односно на кој ќе му треба третман со кислород или респиратор, објави „Ројтерс“.

Податоците од апликацијата покажаа дека инфекцијата со коронавирус е придружена со најразлични симптоми кои кај некои пациенти биле на ниво на обичен грип, додека други имале тешки симптоми или дури починале.

Студијата, која сè уште чека проценка од други научници, опишува шест различни видови на болеста Ковид 19.

Како грип, но без температура

Пациентите најчесто имале главоболка, губење на чувството за мирис, болки во мускулите, кашлица, болки во грлото, болка во градите.

Како грип со температура

Пациентите пријавиле главоболка, губење на чувството за мирис, кашлица, засипнатост, болки во грлото, губење на апетит и температура.

Гастроинтестинална верзија

Пациентите имале главоболки, губење на чувството за мирис, губење на апетит, дијареја, болки во грлото, болка во градите, но нема кашлица.

Сериозна верзија, прво ниво – замор

Пациентите доживеале главоболки, губење на чувството за мирис, кашлица, температура, засипнатост, болка во градите и силен замор.

Сериозна верзија, второ ниво – вознемиреност

Пациентите имале главоболки, губење на чувството за мирис, губење на апетит, кашлица, температура, засипнатост, болки во грлото, болка во градите, силен замор, болки во мускулите и вознемиреност.

Сериозна верзија, трето ниво – абдоминални и респираторни проблеми

Пациентите доживеале главоболки, губење на чувството за мирис, губење на апетит, кашлица, температура, болки во грлото, болка во градите, силен замор, вознемиреност, болки во мускулите, проблеми со дишењето, дијареја и болки во стомакот.

Пациентите кои страдале од „сериозната верзија“ најчесто завршувале на болничко лекување и респиратор, напоменуваат научниците од King’s College.

 

Слични содржини