Ѓукиќ: За опстојување на медиумскиот пазар мора да се биде во чекор со времето

од Vlatko K
85 прегледи

Директорката на српската агенција Танјуг, Бранка Ѓукиќ во интервју по повод 20-годишнината од работењето на МИА истакна дека просторот за соработка меѓу двете агенции е исклучително голем, ако се земе предвид дека пропагираат европски вредности, и имаат обврска таа потреба да ја афирмираат.

Како ја оценувате досегашната соработка со МИА?

За жал, освен што сме корисници на Вашиот сервис и што иницијално се потпираме на Вашите информации за сите случувања во Македонија, меѓусебна соработка меѓу нашите две агенции речиси и да нема. Притоа, секако мислам на соработка која подразбира заеднички проекти, реализирање на некои заеднички идеи поврзани за нашиот регион, во најразлични области – економија, култура, туризам…

Просторот за соработка е исклучително широк и сметам дека нашите две агенции, кои пропагираат европски вредности, имаат обврска таа потреба да ја афирмираат, пред се бидејќи МИА своите содржини ги дистрибуира на македонски и албански јазик.

Каква е според Вас улогата на МИА во регионот?

Многу е важна, како и на сите агенции. Посебно агенциите во нашиот регион, каде односите се многу чувствителни, во многу области не се решени и каде точната и проверена информација, во морето на полувистинити, лажни, пропагандистички информации, се од непроценливо значење.

МИА, како и Танјуг, користи како извор проверени, сигурни и објективни информации, а тоа е многу важно за нашите општества, но и за општата, добра информираност на регионалната, европската и глобалната заедница во врска со Македонија и Србија.

Имајќи ги предвуд различните, а донекаде сепак слични јазици во регионот, соработката меѓу нашите две агенции во меѓусебното пласирање на сервисите би можела да биде многу подобро осмислена. Но, тоа е тема за конкретни разговори.

Која е Вашата порака за МИА по повод 20-годишниот јубилеј?

Доколку сакаме да опстоиме како агенции и да ја зачуваме позицијата на респектабилни извори на информации на медиумскиот пазар, позиција која се повеќе настојуваат да ја преземат порталите, онлајн изданијата на традиционалните медиуми, па дури и социјалните мрежи, ќе мора да останеме медиуми на кои без размислување ќе им се верува и чија максима е – точна, проверена и навремена информација. Тоа е наш заштитен знак и она поради кое другите медиуми ќе ги купуваат нашите услуги. Но ќе ги купуваат само ако се наметнеме, ако фатиме чекор со времето, со современите технологии, ако го обезбедиме она што им е потребно на електронските медиуми, ако најбрзо емитуваме видео, ако настаните на кои само нашите агенции имаат привилегија да присуствуваат ги пренесуваме во живо…

Предизвиците се големи, но Танјуг многу од овие работи ги совлада и се движи напред. Верувам дека и МИА ќе го направи истото. Како што верувам дека во суровата борба за медиумски пазар, од кој зависи нашата иднина, нема да се откажете од одговорна уредувачка политика, од афирмирање на сите прогресивни идеи, кои не се важни само за Македонија туку и за целиот регион.