Ѓурѓевиќ од СКС за „Локално“: Се надеваме дека Црна Гора и БиХ ќе се приклучат на „Отворен Балкан“, но и дека еден ден тоа ќе го стори и Косово

од Vladimir Zorba

Иницијтивата Отворен Балкан нема да го покаже својот потенцијал доколку во оваа регионална соработка не учествуваат сите земји од Западен Балкан, изјави за „Локално“, Ненад Ѓурѓевиќ- советник на претседателот на Стопанската комора на Србија (СКС).

Во очекување кон иницијативата да се приклучат Црна Гора и БиХ,  Ѓурѓевиќ искажа надеж дека во наредниот период тоа ќе го стори и Косово. Смета дека самата иницијатива е премногу исполитизирана, па оттука според него потребно е нејзино деполитизирање и тоа преку јасно и евидентно посочување на сите нејзини предности, како за граѓаните, така и за стопанството.

Преку оваа иницијатива можат да се решаваат неко , да ги наречам, регионални спорови меѓу Белград и Приштина во многу подобра атмосфера од сегашната“, вели Ѓурѓевиќ.

Според него, показател за заинтересираноста на сите страни за успех на „Отворен Балкан“ е присуството на претставниците на Црна Гора и на БиХ во Охрид, како и на Европската комисија и на Стејт Департментот.

Колку е важна регионалната поврзаност и помошта меѓу соседите, според него се потврдува и преку  новонастанатите услови поради војната во Украина.

„Зборуваме за соработка која ќе им овозможи на сите земји да  имаат обезбедени  основни  животни продукти, но  и  енергенси, односно да бидат посилни во соочувањето со некои кризни ситуации како што е оваа војна“ , вели Ѓурѓевиќ.

Покрај лидерите- основачи на иницијативата “Отворен Балкан’’, во Охрид ќе присуствуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ , како и преседавачот со Советот на министри на БиХ Зоран Телгетија. Тие имаат улога на набљудувачи/гости, но дали нивното присуство навестува дека можеби токму овие држави ќе бидат следните членки?

-Ние во Стопанската комора на Србија сметаме дека иницијативата „Отворен Балкан“ нема да може да го покаже целиот свој потенцијал доколку сите земји/економии на Западен Балкан  не учествуваат активно во оваа регионална соработка. Убеден сум дека ползата од ваков тип на соработка е подеднакво голема  како за сите учесници, така  и за потенцијалните членки, односно  и за Црна Гора, и за Бих , но и секако за Косово. Мислам дека самата иницијатива е многу исполитизирана и затоа е потребно да се деполитизира бидејќи  нејзината суштина  покажува  какви договори досега беа потпишани. Тие се однесуваат на олеснување на движењето,  преминувањето на границите, соработката околу тргувањето со храна и со земјоделски производи, а  од друга страна чекорите во насока на  формирањето  на единствен  пазар на работна сила.

Овие две иницијативи кои засега се најважни во рамките на „Отворен Балкан“, не гледам  дека на било кој начин може да биде загрозена од некоја од државите на Западен Балкан. Токму спротивното, можат да ја потпомогнат конкурентноста во тие земји, позитивно да влијаат врз ефикасноста во работењето на државните служби и агенции, но пред се да го  поефтинат бизнис работењето на нашите компании. Затоа мислам дека сето ова не може никого да загрози, и се надеваме дека Црна Гора и БиХ ќе одлучат да се приклучат на оваа иницијатива бидејќи со нивното искуство само ќе ја збогатат. Секако дека не можат да ја загрозат. Се надевам дека еден ден ќе се приклучи и Косово бидејќи преку оваа иницијатива можат да се решаваат некои , да ги наречам, регионални спорови меѓу Белград и Приштина во многу подобра атмосфера од сегашната

Го споменавте Косово и неговото евентуално приклучување на иницијативата “Отворен Балкан’’. Косовскиот премиер Курти ја одби поканата на македонскиот премиер Ковачевски да присуствува  на самитот во Охрид. Можен ли е сепак исчекор во оваа насока?

-Ние како стопански комори правиме се за да ги посочиме предностите на продлабочувањето на регионалната соработка како за граѓаните, така и за  компаниите. Како што веќе споменав, доколку успееме да ја деполитизираме оваа иницијатива и јасно ја погледнеме суштината на самата иницијатива , не гледам причина Косово да не се приклучи, или барем да не разговара за иницијатива та на еден отворен начин што досега не беше случај. Доколку овој дијалог се отвори и во самото Косово, сигурен сум дека и голем број компании, политички партии и граѓани ќе ја препознаат предноста од учеството и  во тој случај отпорот би бил многу помал.Нам само ни останува да се надеваме дека во еден момент таквата атмосфера и логика ќе надвладее во Косово.

Најавено е дека на Самиотот во Охрид ќе бидат потпишани голем број договори и меморандуми за соработка во областа на високото образование, туризмот, културата, даночните служби. Кои се конкретните бенефити во пракса и во која насока ќе се развиваат?

-Целта е да се отвори соработка во областа на туризмот и културата бидејќи тие можат да бидат тесно испреплетени. Таа ќе овозможи содавање на понуда, зголемување на туристичката атрактивност на регионот како за нашите граѓани, така и за граѓаните од други држави.Во моментот кога ќе бидат ратификувани договорите за  создавање на единствен пазар на работна сила , тогаш туристичката индустрија ќе ја увиди користа од овие иницијативи бидејќи нашите граѓани, на пример, ќе можат да работат во угостителството во сите три држави. Така, покрај соработка во областа на  културата и туризмот, како и договорите за усогласување и  взаемно признавање на професиите  кои сега се потпишуваат , голема е важноста  и на тоа дека се прават првите чекори кон отворањето на  конкретните договори во областа на туризмот и културата. Секако подеднакво е значајно присуството на претставниците на Црна Гора и на БиХ, на Европската комисија и на Стејт Департментот.Тоа зборува за заинтересираноста на сите страни оваа иницијатива да успее и понатаму да се шири.

Дали новонстанатата ситуација во глобални рамки, предизвикана од војната во Украина покажа колкави се всушност позотивните ефекти од иницијативата “Отворен Балкан’’?

-Многу работи досега ги покажаа бенефитите на иницијативата “Отворен Балкан’’.Секако, во услови на кризна ситуација, како што е војната во Украина,  дополнително  се истакнува  важноста на блиската регионална поврзаност  и помошта меѓу соседите.Ова се покажа и за време на пандемијата.Значи, да, оваа ситуација во Украина покажа колку е важно државите од Западен Балкан- во овој случај трите членки- да соработуваат во однос на трговијата и размената,  во обезбедувањето на основните животни продукти, а се надевам во иднина и во областа на енергетиката. Зборуваме за соработка која ќе им овозможи  на сите земји да  имаат обезбедени  основни  животни продукти, но  и  енергенси,  односно да бидат посилни во соочувањето со некои кризни ситуации како што е војната во Украина.Исто така, иницијативата покажа колку таа може да ги приближи државните институции на членките и да обезбеди подобро работење меѓу нив, примена на праксата и прописите на ЕУ по чиј модел и се прави оваа иницијатива. На долги патеки,“ Отворен Балкан’’ ќе покаже дека единствен одговор на кризните ситуации , но и за развој на нашите држави е интензивна и подлабока економска , но и политичка соработка.

К.В.С.

Слични содржини