Хаџи Јанев: Тешко ќе дојде до целосно примирје меѓу Израел и Иран – културите и народите кои се во конфликт немаат прагматизам како што тоа е случај за дел од западните цивилизации

Примирјето на Блискиот Исток е режирано сценарио, што за волја на вистината и во генерална смисла е добро за човештвото - вели проф. Хаџи Јанев за „Локално“

од Nikola Popovski
913 прегледи

Израел се согласи на прекин на огнот со Иран, но предупредува, ќе одговори на секое прекршување. Од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху велат дека се постигнати целите на операцијата и отстранети заканите поврзани со иранското нуклеарно и балистичко вооружување. Американскиот претседател Доналд Трамп прв објави дека официјално е во сила примирјето и побара да не се прекршува, откако околу полноќ соопшти дека 12-дневната војна е завршена, но Техеран негираше и истрела нови проектили. „Честитки до сите! Израел и Иран постигнаа договор за целосен прекин на огнот, кој ќе почне за приближно шест часа, по што Израел и Иран ќе го финализираат конечниот договор, за приближно 12 часа, а војната ќе се смета за официјално завршена“, објави претседателот на САД, Доналд Трамп. Во Вашингтон оптимисти за конечен мир на Блискиот Исток.

За дел од експертите, прекинот на конфликтот не е сигурен, но добредојдена е секаква „пауза“ во истрелите од двете земји. Според, Методи Хаџи Јанев, професор и експерт за безбедносни политики, во отсуство од кредибилни информации дури и од медиуми кои важеа за кредибилни, а веќе не се, се што ќе кажеме засега може да е само на ниво на шпекулација.

-Но, од ефектите и динамиката на нештата, секако дека може да заклучиме дека станува збор за режирано сценарио – што за волја на вистината и во генерална смисла е добро за човештвото, посочува Хаџи Јанев во разговор за „Локално“.

Соговорникот смета дека тешко ќе се дојде до целосен прекин на конфликтот.

-Таму работите и проблемите се базични. Културите и народите кои се во конфликт немаат прагматизам како што тоа е случај за дел од западните цивилизации, за кои проблемите, споровите и конфликтите кои народите и цивилизациите од тој дел од светот ги имаат. Овие проблеми за жал се на егизтенцијално рамниште што укажува на тоа дека како стојат работите (отсуство на легитимен и силен авторитет кој има геостратрешка доминација, двојни стандарди на секој чекор, свест и пристап за решавање на проблемите врз база на нас против вас или „се или ништо“ и сл.) засега изгледите за поинакви решенија се минимални, нагласува Хаџи Јанев.

Запрашан дали земјите-членки на НАТО на денешниот самит ќе ги поддржат американските акции во Иран, но и дали би следеле преговори меѓу Иран и САД за нуклеарната програма, професорот оценува дека лидерите од Европа само покажуваат колку се надвор од капацитите и улогата која некогаш ја имаа на геостратешки план.

-Тие сега само како папагали повторуваат она што вистинските играчи на големата шаховска табла ќе го кажат. Тоа не значи дека овие лидери не се релевантни за одредени региони, како на пример за кај нас, за да нема дилеми. Ама, на геополитички план сите останати лидери во НАТО, освен САД и секако до некаде Велика Британија, регионално Турција, немаат капацитет да одлучат за нешто што е базично и поврзано со циркузот кој го приредуваат оние кои засега го тресат светот, и тоа на мошне очаен начин, истакнува Хаџи Јанев.

Претходно меѓународната заедница го поздрави прекинот на огнот и предупреди на опасна ескалација доколку не запрат непријателствата.

„Тоа е спирала на насилство што го става регионот во опасност и би имало многу сериозни последици. Затоа повикуваме на воздржаност, прекин на нападите од сите страни и враќање на преговорите“, рече Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

„Јапонија смета дека деескалацијата на ситуацијата е најважна работа. Исклучително сме загрижени за каква било одмазда и постојано се надеваме дека патот за дијалог, вклучително и разговорите меѓу Америка и Иран, ќе се отвори повторно“, изјави Јошимаса Хајаши, секретар на јапонскиот кабинет.

Во меѓувреме, Израел го обвини Иран за кршење на примирјето. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац утрово објави дека им наредил на вооружените сили да продолжат да напаѓаат и уништуваат „режимски цели и терористичка инфраструктура“ во Иран.

„Раководството во Техеран“, како што нагласи, „целосно го прекршило примирјето со продолжување на ракетирањето кон Израел. Израел ќе одговори решително“, рече Кац.

Војната почна со нападот на Израел врз Иран на 13-ти јуни. Тел Авив тврдеше дека сака да го спречи Техеран да изгради нуклеарна бомба. Иран одговори на нападите, а САД се вмешаа во војната во саботата, со напад на три ирански нуклеарни постројки. Вчера, Техеран возврати со одмазднички напади врз американската воена база во Катар.

Н.П.