Хамас подготвен да ослободи нова група заложници, во замена за примирје

од Stefanija Kuzmanovska

Висок функционер на Хамас, Калил ал Хаје, рече дека палестинската исламистичка група е подготвена да разговара за ослободување на нова група заложници во замена за обновено примирје со Израел.

Ал Хаје рече дека преговорите за ослободување на воениот персонал што го држи Хамас може да се одржат само за време на сеопфатен прекин на огнот, а не за време на пауза во борбите.

„Ова е комплицирана работа и има различни услови. Но, кога станува збор за цивили, ние сме отворени за секое ново примирје за да го затвориме тој случај“, рече тој.

Израел ги продолжи борбите во Газа неколку минути по завршувањето на еднонеделниот привремен договор за прекин на огнот, обвинувајќи го Хамас дека е одговорен за прекинот на примирјето.

Вкупно 83 Израелци беа ослободени за време на прекинот на огнот што започна минатиот петок. Ослободени се уште 24 заложници, 23 Тајланѓани и еден Филипинец.

Ајлон Леви, службеник во кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, рече дека 137 заложници останале во Газа, вклучувајќи 115 возрасни мажи, 20 жени и две деца.

Катарскиот посредник рече дека во тек се напори за обновување на примирјето меѓу Израел и Хамас и изрази длабоко жалење поради продолжувањето на израелските бомбардирања.

Слични содржини