По три неуспешни обиди во косовското Собрание за ратификација на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора, што беше потпишан на 26 август 2015 година во Виена, се уште не е сигурно кога тој одново ќе се најде пред пратениците, бидејќи според денешното признание на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, владејачката коалиција се уште нема обезбедено двотретинско мнозинство.
Како што јави дописникот на МИА, косовскиот законодавен дом има 120 пратеници, а за ратификација на Договорот се потребни 80 гласови.
Харадинај нагласи дека не може со сигурност да каже дали седницата на Парламентот ќе биде свикана оваа или следната недела, затоа што се уште не е обезбеденото потребното мнозинство.
Тој посочи дека за обезбедување на неопходните гласови во тек се,консултации со парламентарните политички партии, вклучително и со Српската листа, која е дел од владејачката коалиција, но уште претходно најави дека нема да гласа за демаркацијата.
– Во тек се консултации за обезбедување гласови, како и разговори околу датумот. Но, тоа не е лесен процес. Доколку ги имавме обезбедено гласовите уште денеска ќе ја свикавме седницата. Верувам дека сме во финална фаза на договорање. Верувам дека тоа може да се случи на крајот од оваа или почетокот на следната недела. Но, нема да се одлага повеќе, изјави Харадинај.
Инаку, за време на денешната седница на Парламентот, пред собраниската зграда протестираа група студенти од Приштинскиот универзитет, барајќи ратификација на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора, бидејќи, како што порачаа, не сакаат повеќе да бидат заложници на нечии политички интереси.
Претходно, американскиот амбасадор во Косово, Грег Делави изјави дека е оптимист оти во текот на неделава косовскиот Парламент ќе го ратификува Договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
Во интервју за порталот „КосСев“, Делави нагласи дека ратификацијата на Договорот не била никогаш поблиску отколку деновиве.