Хезболах: Нападите врз американските бази се важни за да се запре агресијата врз Газа

од Stefanija Kuzmanovska

Нападите врз американските бази и воени објекти во Сирија и Ирак се важни за запирање на агресијата во Појасот Газа, изјави денеска заменик-шефот на милитантната група Хезболах, Наим Касем.

„Денес постои сојуз што го нарекуваме Оска на отпорот, кој вклучува групи од земји како Иран, Ирак, Сирија, Либија, Јемен и Палестина“, рече Касем, а пренесува шпански „Ел Мундо“.

Тој посочи дека на сите овие групи им е заедничко тоа што ја бранат „легитимната, палестинска кауза“.

„Тие веруваат дека Палестинците ја заслужуваат оваа земја, а не окупаторите и дека окупаторите треба да ја напуштат оваа земја и да им ја вратат на сопствениците. Во оската на отпорот нема газда“, посочи Касем и додаде дека од друга страна има уште една оска составена од САД, Франција, Германија, Британија и Израел.

„Таа оска ја поддржува окупацијата, дава легитимитет на убиствата на деца и жени, уништување на болници и му дава имунитет на Израел да продолжи со масакрите. САД ги поддржуваат овие масакри и затоа нападот врз САД е суштински за да се запре агресијата врз Газа“, тврди Касем.

Според Пентагон, од 17 октомври, американските војници во Сирија и Ирак биле нападнати повеќе од 50 пати.

Во Сирија се распоредени 900 американски војници, а во Ирак 2.500 американски војници, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини