Холандскиот репрезентативец Клоф на прв тренинг со МЗТ Скопје

од desk3
93 прегледи

На десетина дена пред отворањето на европската сезона и дуелот во Белград со актуелниот шампион на АБА-лигата, Црвена звезда, тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Емил Рајковиќ за првпат одржа тренинг на кој беа сите првотимци на кои смета за исклучително напорната сезона која е пред шампионот.

39268-klof-1

Денешниот утрински собир беше прв за Шарлон Клоф, Марко Симоновски и Љубомир Младеновски, а на паркетот беше и дебитантот во репрезентацијата на Македонија, Адем Мекиќ.

Клоф вчера на пладне пристигна во Скопје по периодот минат во репрезентацијата на Холандија, со која не успеа да се пласира на ЕП 2017, најмногу поради високиот пораз на домашен терен во последното коло од Германија (51:82).

Засилување на МЗТ Скопје беше сосема солиден во холандскиот национален состав и на шесте квалификациски средби беше најпрецизен кај Холанѓаните со просек од 13,2 заедно со 5,3 скока и 3,2 асистенции за речиси 30 минути поминати на паркетот.

Симоновски, пак, воопшто не настапи за македонскиот национален тим поради повреда и рехабилитација од неа. Младеновски ги одигра сите шест мечеви со просек од 2,7 поени и 2,8 скока додека Мекиќ настапи на три средби со вкупно пет постигнати поени, први во својата репрезентативна кариера на сениорско ниво.

„Сино-белите“ од Аеродром изминатиов викенд настапија на силниот меѓународен турнир „Мирза Делибашиќ“ на кој во петочното полуфинале загубија од Будуќност во меч во кој поради стомачен вирус не настапи Џош Скот, а утредента ја совладаа Босна Ројал за трето место на крајот од меморијалниот собир./MИА