Еден хрватски град на Јадранот оваа година е поскап од Мајорка. Хрватска ја дели судбината со повеќето медитерански земји кои се борат со падот на побарувачката во однос на минатата година и поради тоа се спуштаат цените дури и до 20 отсто, а поскапувањето од 12,7 отсто во Задар и тоа како го привлече вниманието.
7-дневен одмор во Задар е поскап отколку, на пример, во Пафос, Кипар, Мармарис во Турција, Мајорка и Коста дел Сол во Шпанија, како и во бугарското одморалиште Сани бич, покажало истражувањето кое го спровел британскиот таблоид “Сан”.
Хрватскиот “Вечерњи лист” наведува дека во Хрватска може да се летува за помалку од 3500 евра, односно помалку отколку што “Сан” проценил дека ви се потребни за 7-дневно летување во оваа држава. Весникот наведува дека јадранските цени се посебна приказна и речиси и да не постои некој кој летувал во Хрватска, а дома да не се вратил со чувството дека нешто некаде платил прескапо.
Капучино од 6 евра, килограм грозје 10 евра, хамбургер 22 евра, сендвич од 13,5 евра се само некои од летните цени на Јадранот, пишува “Вечерњи лист”.
Напумпаните цени, оценува “Сан” се дел од јадранскиот фолклор, но за директорот на Хрватската организација за туризам, Вељко Остоиќ, вистината за цените сепак има повеќе лица.
“Секоја споредба со конкуренцијата е добра за да нѝ го покаже контекстот на пазарот на кој сите заедно работиме. Иако не би требало да се бориме со цените, туку со квалитетот кој дозволува малку повисоки цени, не смееме да дозволиме перцепцијата за Хрватска да биде дека сме прескапи. Мора да бидеме свесни дека имаме највисок БДП на Медитеранот и дека во тие услови имаме многу ограничен маневарски простор кај одредувањето на цените”, изјавил Остоиќ.