Хуманитарната штафетна трка „Подај рака 2019“ за поддршка на заболените од ретката болест Вилсон ќе се одржи денеска кај Школка во Градскиот Парк во Скопје.![]()
Трката, која се одржува по петти пат, е во организација на Здружението на граѓани за поддршка на лица со оваа ретка болест – Вилсон Македонија, со финансиска помош од компанијата ОКТА и Градот Скопје.
-Со овој настан сакаме да им дадеме поддршка и на сите лица кај кои најчесто, како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици, како и да им оддадеме почит на оние кои прерано го изгубиле својот живот борејќи се со болеста, велат од Вилсон Македонија.
Од Здружението посочуваат дека раната детекција е суштинска во третирањето на оваа болест и во обезбедување нормален живот за пациентите.
Во рамките на настанот групата „Нокаут“ ќе одржи мини-концерт, а настанот ќе содржи и детска трка, бидејќи е многу важно најмладите да се запознаат и да даваат поддршка на лица кои се соочуваат со ретки болести, и со тоа да ја развиваат својата хуманост.
Во трката ќе учествуваат и лица заболени од Вилсон и од други ретки болести со што симболично ќе се покаже дека кога дијагностиката и терапијата се навремено аплицирани, со најголемиот број ретки болести, може да се живее нормален живот, рамноправен со сите здрави луѓе.
Трката како и досега ќе биде штафетна и ќе се трчаат четири пати по еден километар. Котизацијата за учество во трката е симболична и изнесува 200 денари. Заинтересираните кои не се во можност да трчаат, а сакаат да дадат поддршка може да изберат индивидуален пакет Маица + Активна поддршка по цена од 200 денари. Повеќе информации и пријавување за годинешнава трка Подај рака се достапни на следниов линк https://www.smartrace.club/
Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што доведува до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми.