И британската влада ја одобри продажбата на Челси

од Vladimir Zorba

Британската влада одобри конзорциум предводен од американскиот милијардер Тод Боли да го купи фудбалскиот клуб Челси.

„Владата на Обединетото Кралство доцна синоќа одлучи да издаде дозвола за продажба на Челси“, изјави денеска портпаролот на британската влада.

Синоќа ја одобри продажбата и Премиер лигата, па Роман Абрамович по 19 години ќе престане да биде сопственик на лондонскиот клуб кој за тоа време освои 21 трофеј, од кои пет титули во Премиер лигата и две ЛШ.

Конзорциумот предводен од косопственикот на Лос Анџелес Доџерс, Тод Боли, ќе го купи Челси за 4,25 милијарди фунти.

Приходите од продажбата одат на замрзната сметка контролирана од британската влада и ќе бидат исплатени за хуманитарна помош за Украина, објави Би-Би-Си.

Абрамович мораше да го продаде клубот поради наводните врски со рускиот претседател Владимир Путин во екот на воената интервенција во Украина. Неколку дена по почетокот на војната, на 24 февруари, Абрамович го објави клубот на продажба. Тој беше дел од делегацијата која учествуваше на мировните преговори меѓу Русија и Украина.

Британската влада воведе санкции против него на 10 март, но на Челси му даде посебна работна дозвола, која истекува на 31 мај.

„По санкциите против Роман Абрамович, владата работеше напорно за да обезбеди Челси да продолжи да игра фудбал. Отсекогаш бевме јасни дека долгорочната иднина на клубот може да се обезбеди само под нов сопственик. По обемна работа, ние сме задоволни сме што Абрамович или некоја друга личност под санкции, тие нема да имаат корист од продажбата. Сега ќе го започнеме процесот за да се осигураме дека приходите од продажбата ќе се користат за хуманитарни цели во Украина, како поддршка на жртвите од војната“, се додава во соопштението.

Слични содржини