Трговската војна меѓу САД и ЕУ ќе има негативни економски последици врз глобалната економија, кои ќе се одразат и врз економијата на Македонија. Царините кои ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на челик и алуминиум од 25 отсто и на останатите производи предизвикаа бура на светските пазари. Цените на голем дел од производите се зголемија, а особено на нафтата, златото и пченицата. Европската комисија воведе брзи и пропорционални контрамерки за увозот на производи од САД како одговор на воведувањето на американските царини.
Економските експерти коментираат дека трговската војна меѓу САД и ЕУ има влијание и на нашиот пазар и врз цените на сите производи. Оценуваат дека овие промени во цените се поврзани со глобалната економска неизвесност и со потенцијалните промени во понудата и побарувачката.
-Трговската војна која Трамп ја почна несомнено ќе има негативни глобални економски последици и тоа неминовно ќе се одрази и на Македонија. Глобалните последици ќе бидат пониска меѓународна трговија, помалку инвестиции, повисоки цени и забавен економски раст. Макроекономистите на ова предупредуваа веќе неколку месеци, ама сега веќе на сите им стана јасно што се случува. Американската централна банка оваа недела ги намали прогнозите за растот на американската економија оваа година за 0,4 проценти поени, а ја зголеми прогнозата за инфлацијата за 0,2 поени. Дури и самиот Трамп неодамна изјави дека не ја исклучува можноста Америка да влезе во рецесија оваа година. Американската берза исто така веќе неколку недели е во пад и моментално е под нивото од пред Трамп да дојде на власт, изјави за „Локално“ Бранимир Јовановиќ, професор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Бранимир Јовановиќ
Тој смета дека зголемените царини ќе се одразат на Македонија првенствено преку намалениот извоз кон ЕУ.
-Македонија е една од најотворените економии во Европа, извозот изнесува околу 60 отсто од бруто домашниот производ, така што, ако глобалната трговија паѓа, не може македонскиот извоз да остане имун на тоа. Уште повеќе поради тоа што дури 75 отсто од нашиот извоз завршува во ЕУ, која се очекува да биде доста погодена. Еден позитивен момент тука е што Германија по се изгледа ќе почне да се опоравува оваа година. Минатата недела донесоа голем пакет за инвестии од 1.000 милијарди евра во наредните 10 години, половина од нив би биле во оружје, а половина во инфраструктура. Тоа се очекува да ги извлече од рецесија и да има позитивни ефекти Македонија, затоа што повеќе од 40 отсто од македонскиот извоз завршува во Германија, анализира Јовановиќ.
Во однос на тоа како фирмите можат да се справат со сето ова, според него треба да се свртат кон алтернативни пазари како на пример кон земјите од регионот, Блискиот Исток, Северна Африка, Азија… Исто така, повеќе да се фокусираат на иновации, производство на технолошки понапредни производи, производи со повисок квалитет и производи со повисок степен на финализација. Овие производи по правило се помалку сензитивни на вакви негативни глобални шокови.
На европските берзи цените на нафтата, златото и пченицата продолжија да растат. Зголемените цени на овие производи можат да имаат значителни ефекти на пазарите и на цените на клучни суровини, односно може да предизвикуваат нивно зголемување и да ја подгреат инфлацијата.
Б.С.