И официјално: Рашковски од „Шутка“ пренесен во куќен притвор

од Nikola Popovski

Поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски повторно се наоѓа во домашен притвор, откако Апелацискиот суд донел одлука, која ја испратил до Основниот кривичен суд во Скопје. По ваквата одлука Рашковски го напуштил затворот „Шутка“, каде се наоѓа од април годинава.

Претходно беше потврдена информацијата дека вишото обвинителство дало позитивно мислење на понудената гаранција од половина милион евра од Рашковски, но според последните информации од судот одлуката за ослободување од притвор била донесена без да се земе во предвид понудената гаранција.

Првата истрага против Рашковски е за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, кој што го набавил како генерален секретар, иако МВР немало потреба од него. Втората истрага, која што беше отворена додека тој беше во притвор, е исто така за набавка за софтвер, но набавен во 2017 година.

Рашковски претходно веќе беше во куќен притвор, но на 21 април по барање на надлежните судски органи беше префрлен во Затворот Скопје. За него се отворени две постапки за набавки на софтвери коишто ги заштитил како иновации. Тој во својство на генерален секретар на Владата склучил договор со фирмата „Инвока“ за да набави две софтверски решенија. Едното е за систем за сообраќајни прекршоци за потребите на МВР, кое никогаш не било ставено во употреба. Вториот софтвер бил наменет за електронско гласање. Станува збор за набавки во висина од околу 200 илјади евра. Тој е осомничен и дека му плаќал 80 000 денари на хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од парите.

Слични содржини