И покрај петицијата владата го разреши, Пауновски со порака до инспекторите: „Ви посакувам подобар директор“

од Берта Китинска
319 прегледи

И покрај петицијата на вработените во ДПИ, владата донесе одлука директорот Стојко Пауновски да биде разрешен.

– Согласно член 10, став 1 од законот за државен пазарен инспекторат според кој владата го именува и разрешува директорот на ДПИ, на денешната седница Владата го разреши Стојко Пауновски од функцијата директор на ДПИ, поради неговото непрофесионално однесување. Оваа консензуално донесена одлука е според кодексот за етичко однесување” – се вели во владиното соопштение.

Откако беше разрешен Пауновски, во изјава за Телма изјави дека ја очекувал ваквата одлука и порача „Простете им, не знаат што прават”.

„Ова за мене беше очекувано, можам само во духот на празниците да порачам: Простете им, не знаат што прават. Криво ми е што само меѓу мене и премиерот немало никаков конфликт ако имало конфликт, бил со шефот на кабинетот на вице-премиерот Груби околу распределбата на рамковните вработувања“, изјави Пауновски.

Премиерот Зоран Заев повеќе пати јавно кажа дека ќе остане на ставот бидејќи непочитувањето на хиерархијата и „пркосно“ однесување кон надлежните не е дозволено.

Иако инспекторите до премиерот ја доставија петицијата на која беа потпишани 105 лица не успеаа во својата аргументација и пофални зборови да го одбранат својот директор за тоа како што велат дека бил чесен и вреден човек.

Пауновски, за кратко по јавната изјава на својот фејсбук профил упати благодарност до сите граѓани кои го поддржаа во минатонеделниот „пркос” и изрази жалење дека премиерот Заев не ги разбрал неговите намери за професионално работење.

„Огромна благодарност до сите граѓани кои во мојот “пркос” ги согледаа моите искрени намери и желба за силна, стручна и независна Европска институција. Патот на одбрана на интегритетот и професионалноста на институцијата со која раководев, за жал, не наидоа на разбирање од премиерот. При ова обраќање, сакам да упатам посебна благодарност до сите вработени во ДПИ кои во оваа битка застанаа рамо до рамо со мене и докажаа со факти дека сите одлуки ги носевме заедно, без разлика што јас им бев претпоставен. Горд сум на се што направивме заедно! Ми беше чест да работам за Вас и од срце Ви посакувам подобар директор со кого ќе продолжите таму каде што јас застанав”, напиша Пауновски

Одлуката за разрешување доаѓа откако Пауновски не прифати да го потпише решението за вработување на 35 рамковни вработени во Инспекторатот, а со тоа не го испочитувал законот за трансфер на вработените според програмата К-5.

Тој јавно реагираше и кажа дека не му требаат административци, туку инспектори кои ќе работат на терен во источниот дел на земјата.  Беше категоричен дека само 12 од рамковните вработени се квалификувани, а другите нема каде да ги смести. Беше дециден дека нема да стави потпис на решенија, и по цена да биде разрешен.

Стојко Пауновски е член на СДСМ од неговото основање, како инспектор работи од 1997 година.

Слични содржини