И во Свети Николе, вработената во градинката позитивна на Ковид 19

од Берта Китинска

Вработената во светиниколската детска градинка „Рахилка Гонева“, Клон 1 е позитивна на КОВИД-19, покажаа и официјалните резултатите од тестирањето. Поради тоа што имала симптоми на коронавирусот, во средата вратите на овој објект не беа отворени за 110 деца.

Градоначалникот на општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА појасни дека вработената е од техничкиот персонал која учествуваше во припрема на приемот на дечињата, а во понеделникот покажала симптоми на КОВИД-19.

–Резултатот од тестирањето е позитивен, со што се потврди исправноста на нашата одлука за непочнување со работа на Детската градинка во Клон 1 и прием на дечињата. Врз основа на овие информации, уште денеска е извршено вонредно дезинфицирање на сите простории и дворот во градинката од страна на Центарот за јавно здравје – Велес, рече Велковски.

Раководството на градинката очекува епидемиолошките и другите надлежни служби да дадат комплетна епидемиолошка слика, а потоа и зелено светло за старт на работа на градинката „Рахилка Гонева“ Клон 1 наредните денови , согласно Алгоритамот и Протокол за работа на градинките.

Од почетокот на отворањето на градинките, пријавени се два посебни случаи на вработени позитивни на Ковид-19, во две детски градинки.

Во првиот случај, се работи за објект „Коца Василевска“ при ЈОУДГ Мајски Цвет , Битола, каде е остварен е контакт со родителите на децата и изолирани се само децата од таа група, вкупно пет. Согласно проценките, нема опасност за останатите групи од објектот и тие можат да продолжат со работа и примање на деца. Притоа, во домашна изолација се и други пет вработени во истата градинка до 15 односно 17 септември, од последниот контакт со заболената вработена во градинката, информираат од Министерство за труд и социјална политика. Истовремено и за сите пет деца кои биле во групата на вработената, даден е предлог за здравствен надзор заклучно со 23 септември. Во однос на оваа градинка, од МТСП велат, дека се превземаат сите мерки за дезинфекција на објектот и просторијата во градинката.

Во вториот случај, се работи за вработена во градинка ЈУДГ на О.Ц ,,Раде Јовчевски Корчагин“, која од 9 септември не е на работното место и нема контакт со прием на деца во период кога градинките почнаа со работа. Согласно, препораката на епидемиолозите, каде е пријавен случајот, доколку до недела 13 септември, не се пријават вработени со симптоми објектот може да продолжи да работи нормално од понеделник.

Слични содржини