Ибрахим: Македонија не е во позиција да се откаже од ниту еден партнер, како што и не треба да се доведеме во позиција „протекторат“

Политиките на САД не се во корелација со оние на нашата Влада, само во последната недела гледаме суспензија на обработката на имигрантски визи, како и отсуство на покана за членство во Советот за мир

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Фејсбук/Енес Ибрахим

„Сметам дека светот поминува низ голема глобална криза – политичка, воена, но и економска. Во вакви околности, една земја како Северна Македонија треба мудро да се позиционира и да води внимателна политика. Без оглед на тоа што глобалните случувања се тектонски, нашите стратешки определби остануваат исти. Државата е членка на НАТО, а главна цел е полноправното членство во Европската Унија (ЕУ). Денес не гледаме друга реална опција што би нè предомислила. Местото на Македонија е во ЕУ“, вели во разговор за „Локално“, претседателот на Партијата за движење на Турците (ТХП) и поранешен пратеник, Енес Ибрахим околу се погласните повици за нов светски поредок и како треба Македонија да се постави со својата надворешна политика во еден ваков развој на настаните на светската и европска политичка сцена.

Ибрахим не верува дека некоја од големите сили очекува од нас да застанеме исклучиво на една или друга страна, околу прашањето колку изборот на САД би значел и откажување од ЕУ.

-САД се наш стратешки партнер и силен поддржувач во градењето на државниот систем. Истовремено, ЕУ е клучен партнер и заедница кон која се стремиме. Северна Македонија не е во позиција да избира или да се откажува од овие партнерства. Потребна ни е јасна, прецизна и пред сè рационална надворешна политика, која, за жал, денес недостасува, посочува лидерот на ТХП.

Политичарот оценува дека секоја држава има различна позиција и политика и дека властите се тие што ги создаваат или ги пропуштаат можностите.

-Двојната игра често носи последици, како што се изолација или блокирање на интегративните процеси. Северна Македонија е мала држава со јасни државни цели – секако, доколку власта нема друга намера. Чесниот и отворен дијалог може да донесе позитивни резултати, додека другите стилови на „игра“ носат сериозни ризици, потенцира Ибрахим.

За актуелната надворешна политика на земјава, екс-пратеникот смета дека партнерската координација е нормална и неизбежна, но постои и внатрешна политичка реалност.

-Во ситуација кога апсолутното мнозинство од општеството е револтирано и гневно поради трагичните случувања во Газа, не гледам логика Владата да зазема поинаков став во гласањата во ОН. Ние треба да припаѓаме на кругот на демократскиот свет. Не гледам ниту конкретен бенефит од ваквите чекори. Што се постигна? Што се доби? Освен недоследност, несериозност и недостаток на совест, вели Ибрахим по последните гласања на Македонија во Обединетите Нации и нашиот усогласен став со стратешкиот партнер САД,

Претседателот на Партијата за движење на Турците објаснува во својата анализа дека меѓународните односи и партнерствата се градат пред сè врз доверба. Кога таа доверба недостасува или се губи, односите почнуваат да се заладуваат.

-Малите држави не можат да си дозволат ризик од нарушување на овие односи. Сепак, мора да постои јасна „црвена линија“ до каде може да се оди или да се „трпи“. Умерениот и балансиран пристап во надворешната политика е еден од ретките механизми што ги имаме. Не сме во позиција да се откажеме од ниту еден партнер, како што и не треба да се доведеме во позиција „протекторат“, дециден е Ибрахим.

Фото: Фејсбук

Откако Македонија (се уште) не доби покана за членство во Одборот за мир на Доналд Трамп, претседателот на ТХП вели дека очигледно нешто сериозно не функционира како што треба во владината надворешна политика. Ибрахим потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ еуфорично го доживеа изборот на американскиот претседател, по што се пласираше наратив дека односите со новата американска администрација се на извонредно ниво. Но, како што додава, секојдневните случувања покажуваат поинаква реалност.

-Политиките на САД не се во корелација со оние на нашата Влада. Само во последната недела гледаме суспензија на обработката на имигрантски визи за нашите граѓани, како и отсуство на покана за учество во Советот за мир на Газа. Сето тоа негативно влијае врз односите, а штетата ја трпат државата и граѓаните, оценува соговорникот.

Ибрахим предупредува дека не треба да очекуваме дека владината политика на „инает“ ќе донесе нешто позитивно, освен изолација и заладување на односите со меѓународните партнери. Според него, глобалните случувања нè надминуваат и тешко дека можеме значајно да влијаеме или да ги промениме.

-Во овие околности не сметам дека безбедноста на државата е директно загрозена, но неопходно е да се води сериозна и одговорна државна политика. Ние сме дел од НАТО алијансата, а нашата главна стратешка цел е полноправното членство во Европската Унија. Сепак, доколку продолжи политиката на „инает“ и доколку се оди кон тектонски поместувања на стратешките определби, може да се очекува дестабилизација и сериозно загрозување на безбедноста на државата. Во такви негативни сценарија, може да се доведе во прашање и самото постоење на државата, укажува лидерот на Партијата за движење на Турците.

Ибрахим образложува дека неговата партија има јасни статутарни и програмски определби околу целата ситуација и како да се задржат добрите односи со сите, без да се наштети на земјата. Како партија сметаат дека надворешната политика мора да биде натпартиска и изолирана од внатрешните дневно-политички случувања.

-Очекувањата на нашите меѓународни партнери се да градиме силна демократска и правна држава, која од економски аспект ќе биде успешна и стабилна. Како партија сметаме дека токму овие елементи се клучни за подобрување на вкупните состојби. Внатрешната стабилност и благосостојбата на граѓаните ќе дадат позитивен импулс и во градењето на надворешната политика. Во меѓународен план, веруваме дека со заеднички напори и ангажман можеме да постигнеме значајни успеси – почнувајќи од добрососедските односи, па сè до регионалната и глобалната соработка, објаснува политичарот.

Во Давос, премиерот на Канада отворено рече дека долгогодишниот поредок базиран на правила е „илузија“ односно дека Трамп ги уништи врските што САД ги градеа со Европа со децении. Околу дилмата дали следниот претседател, ќе може да ги поправи или ова ќе биде новото нормално кога се работи за САД, Ибрахим вели дека државното уредување и политичкиот систем на САД се меѓу најкарактеристичните во светот и факт е дека актуелниот претседател има поинаков стил на владеење и креирање политики.

-Сепак, треба да се има предвид дека САД располагаат со силен и стабилен правен систем. Дополнително, власта е поделена и подложна на контрола од страна на Конгресот. Во ноември оваа година во САД ќе се одржат т.н. среднорочни избори, на кои ќе се одлучи која партија ќе обезбеди мнозинство во Конгресот. Актуелните анкети не му одат во прилог на Трамп и доколку демократите успеат да освојат мнозинство, може да се очекува значително поинаков политички тек. Резултатите од овие избори директно ќе влијаат врз начинот на водење на политиките во САД, посочува соговорникот во својата анализа на актуелната ситуација.

Н.П.