Идниот премиер одговори дали гледа „разумен политичар“ во Борисов за разговори околу Договорот со Бугарија

од Nikola Popovski
2,5K прегледи

На новинарско прашање дали во победникот на бугарските избори, ГЕРБ и Бојко Борисов гледа разумен политичар со кого би имале разговори за Договорот за пријателство и добрососедство, идниот премиер Христијан Мицкоски вели дека државничките позиции се отежнати, но е убеден дека ќе преовладува разумот и ќе разговараат за иднина, а не за минато.

-Како ВМРО-ДПМНЕ, ултиматуми и диктати не прифаќаме. Грешката на се уште актуелната влада ги наруши преговарачките позиции, како и лековерноста на одреден дел политичари. Имаме разумен предлог како партија и се надевам ќе наидеме на разбирање и дека ќе го откочиме патот. Јас сум убеден дека Македонија во фуриозен стил ќе биде дел од европското семејство, кажа Мицкоски.

За препораките од САД и Франција да се почитуваат меѓународните договори, мандатарот вели дека тоа е двонасочна улица.

-Договорите треба и двете страни да ги почитуваат. Ако мислите на Договорот со Грција, ние го почитуваме Преспанскиот договор до детали. Истовремено очекувам и вториот потписник да го почитува. Ние подготвивме еден документ колку е имплементирано и планираме да го запознаеме секој оној кој е љубопитен, да знае колку двете страни го почитуваат билатералниот договор. Јас сум бил сведок кога многу од нашите меѓународни партнери не убедувале само уште името и завршена е работата, но гледаме дека не биле само така. Очекувам сите наши стратешки партнери да ги почитуваат договорите, исто како што и ние ги почитуваме, додаде Мицкоски.

Коалицијата предводена од екс-бугарскиот премиер Борисов, ГЕРБ-СДС е првата политичка сила на националните избори и изборите за Европскиот парламент што се одржаа во неделата. Оваа коалиција освои 24,63 отсто од гласовите на парламентарните избори, што најверојатно нема да биде доволно за да се стави крај на политичката нестабилност во земјата од ЕУ.

Движењето за права и слободи (ДПС), кое го претставува големото турско малцинство, е на второто место со речиси 16% гласови, па следува прозападниот блок Продолжуваме со промената (ПП) со нешто помалку од 15%.

Слични содржини