Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф пристигна во Москва по барање на Кремљ на разговори со раководството на земјата. Посетата е во услови со закани за санкции од претседателот Доналд Трамп доколку Русија не постигне мировен договор со Украина до петок. Шефот на Белата куќа верува во дипломатија, но доколку таа не успее, откри дека со намалување на цените на енергенсите ќе изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната. Одлуката ќе ја донесе по завршување на состанокот.
Според дел од странските медиуми, Кремљ ја разгледува можноста за воздушно примирје како отстапка кон претседателот на САД. За Русија да избере мир, мора да ѝ снема пари за војна, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски по телефонскиот разговор со Трамп. „Нашата главна тема беше крајот на војната. Тој е многу добро информиран за руските напади и ситуацијата на фронтот. Исклучително е важно што Москва почна да чувствува глобален притисок – притисок од САД и претстојната закана од построги санкции. Една од клучните насоки се санкциите врз руската нафта. За Русија да избере мир, мора да остане без пари за војна“, изјави Зеленски.
За дел од аналитичарите и познавачи на состојбите, во моментов Русија е во подобра позиција од Украина бидејќи Русија има сојузници како Кина и Северна Кореја, економски може да издржи одолговлекување се додека има каде да ја продава нафтата која ја произведува, добива опорема и војници од своите сојузници, а мнозинството граѓани на Русија даваат поддршка на своите политички лидери. Затоа, според Александар Илиев, во моментот, САД се обидуваат да влијаат на економската способност на Русија преку наметнување тарифи на Индија и Кина доколку тие купуваат и препорадаваат руски енергенси.

Александар Илиев
-Преку суштинско економско слабеење на Русија истата може да се доведе во позиција да договори примирје. Од друга страна, Зеленски се соочува со проблеми и од економски и од воен аспект, а е под притисок и поради неговиот политички легитимитет. Клучно за продолжување на војната е да се одржи моралот на Украинците да се борат, а за тоа е важен легитимитетот на нивните политички лидери и вербата кај народот дека Украина може воено да победи. Поради тој дисбаланс, Русија е во подобра позиција и одолговлекува со преговорите. За Русија да седне на преговарачка маса и да разговара за нешто повеќе од размена на заробеници е потребно суштински да се влијае на економијата на Русија, вели експертот за безбедност.
Ултиматумот на Трамп до Путин за почеток на мировен договор истекува за неколку дена. Според Илиев, тоа тешко може да биде сфатено како некој краен рок после кој со сигурност ќе се случи нешто повеќе од санкции и зголемени тарифи.
-Трамп повеќе пати одредуваше дати за тарифи и санкции, но ги преместуваше и датите, а ги менуваше и тарифите. Таа негова непредвидливост е индикатор дека тој е флексибилен, а во позадина се случуваат работи кои јавноста не ги знае. Истовремено, затоа и странските дипломати ги перцеприраат неговите најави како нешто што не е дефинитивно, оценува соговорникот.
Илиев смета дека Путин и Зеленски може да седнат на маса, само доколку земјите кои помагаат на Русија воено, технолошки и економски се соочат со избор или да престанат да помагаат или да се соочат со значајна економска и/или друга штета. На пример, истакнува експертот, Индија е земја која е огромна трговска зависност од САД, но од друга страна откако Индија престана да купува нафта од Иран и Венецуела, истата нема како да прекине да увезува нафта од Русија.
-Едноставно, работите се премногу комплицирани за да бидат решени со кратки преговори и закана со наметнување тарифи. Уште посложена е да се изврши притисок врз Кина и Северна Кореја. Затоа, можно е преку преговори и притисок САД да влијае на Индија и Турција да ги намалат набавките на енергенси од Русија, но тоа ќе е скоро невозможно со Кина и Северна Кореја. Дополнително, останува можноста тоа да предизвика и спротивен ефект, т.е. да влијае на покачување на цените на енергенсите, што пак ќе одговара на Русија. Следствено, иако посакуваниот ефект е јасен, комплицирано е да се спречи Русија да извезува нафта, да се најдат други алтернативи за снабдување со нафта и да не се предизвика раст на цената на нафтата, наведува Илиев.
Во изминатиов се води „борба“, овој пат и во самата Украина, поради обвинувања за корупција при набавка на оружје. Зеленски, од друга страна, се соочува со незадоволството на своите граѓани поради Законот кој, на некој начин, ја ограничуваше независноста на двете антикорупциски агенции, иако подоцна под притисок на ЕУ се предомисли. Запрашан дали се стега полека обрачот околу украинскиот претседател, експертот за безбедност тврди дека корупцијата во Украина не само што ја поткопува економијата и воената способност на Украина, туку и влијае на легитимитетот на Зеленски. Исклучително тешко е, според него, во време на војна да се води борба и против корупцијата, но во случајот на Зеленски тоа е неопходно.
-Фактот дека неговиот мандат е поминат, сам по себе влијае на легитимитетот на Зеленски во очите на граѓаните. Иако според Уставот во Украина законски не може да се реализираат парламентарни избори додека трае воена состојба, а според Закон за избори во Украина се забрануваат сите избори додека трае воена состојба. Оттука, за теоретски да може да се смени Зеленски преку избори, потребно е примирје, а парламентот да ја прекине воената состојба. Дополнително, замена на Зеленски со Валери Залужни е информација пласирана од руското разузнавање, поради што треба да се земе со доза на претпазливост. Несомнено Залужни е популарен, но во моментот не постои индикатор дека Обединетото Кралство и САД сметаат дека е потребно да се смени Зеленски за да се постигне примирје. Многу е пологично дека САД и Обединетото Кралство ќе се фокусирани во поддршка на Украина и ослабување на позицијата на Русија, а не обратно. Во моментот Русија и Путин се тие кои треба да се стават во позиција да бараат примирје, а не Зеленски, дециден е Илиев.
Соговорникот нагласува дека Русија континуирано покажува дека војната во Украина е поврзана со безбеноста на Русија и бара рефединирање на односите со Западот и САД.
-Веројатно Путин сака договор со САД, а не само договор меѓу Украина и Русија. Додека Путин избегнува средби со претставници на Украина, средбата меѓу Виткоф и Путин е дополнителен индикатор дека Путин сака да преговара со САД, а разговори со Украина ќе следат откако Русија ќе постигне поширок договор со САД, заклучува Илиев.
Во март, Украина и Русија изјавија дека ќе го почитуваат 30-дневниот мораториум за напади врз енергетската инфраструктура по разговорите со Трамп, иако секоја страна ја обвини другата за кршење на договорот. На фронтот, војната и натаму беснее. И Киев и Москва јавуваат за напади со беспилотни летала.
Додека Кина и Русија, спроведоа заеднички вежби во водите во близина до Владивосток, во новата иницијатива на НАТО за снабдување на Украина со американско оружје, по Шведска, Норвешка и Данска, се приклучи и Холандија со 500 милиони евра.