Ако имате проблем да заспиете навечер, внимавајте што јадете и пиете пред спиење, бидејќи тоа може да влијае на квалитетот на вашиот сон, тврди нутриционистот Милан Холингсхаус.
Тој смета дека е најважно да го слушате вашето тело, но и советува доколку можете, да ги избегнувате следните намирници и пијалоци.
Пијалоците кои содржат кофеин и шеќер, како кафе, црн чај или енергетски пијалоци нè одржуваат будни, па затоа е подобро да ги избегнуваме пред спиење.
„Обилните оброци се многу тешки и бавни за варење, како што се месните производи или оние со многу маснотии, исто така се и голем товар за стомакот“, вели Холингсхаус.
Подобро изедете помал оброк, послужен на помала чинија. Половина треба да биде сочинет од свежа храна, како зеленчук, четвртина треба да биде храна богата со протеини, како што се мисиркини гради или тофу, а последната четвртина треба да бидат јаглехидрати, како што се компирите.
Тоа ќе го надополни вашето тело со сите потребни хранливи материи и ќе ве држи сити во текот на ноќта. Исто така, важно е да го слушате сопствениот ритам, постапки и навики.
Затоа, доколку забележите дека ви е потешко да ја консумирате доцна навечер, би било добро сировата храна да ја замените со варен зеленчук. Одговорот лежи во слушањето на сопственото тело и биоритам, тврди овој експерт.
„Ако ненадејно ги промените вашите навики, тоа многу често ќе резултира со проблеми во варењето“, вели Холингсхаус.
Тој додава дека таквата промена може да влијае на фазите на спиење.
„Ако понекогаш посегнувате по оброк пред да заспиете што може да ви го отежне спиењето, обидете се да ја олесните работата на органите за варење пред спиење со одење на кратка прошетка или пиење чаеви, како што е од нане“, советува германскиот нутриционист.