„Имунитетот од вакцината е поефикасен“, во земјава расте интересот за вакцинација

од Берта Китинска

Можам да разберам дека одредени мерки наидуваат на негодување. Секоја мерка е за што побрза имунизација и пресекување на ширењето на вирусот, рече  министерот за здравство Венко Филипче.

Тој напомена дека има постојан пораст на вакцинацијата и сака да му помогне на секој кој смета дека вакцинацијата е единствен излез од пандемијата.

-Пандемијата донесе тага, ги испразни училишните клупи. Драстично ни го промени животот. Вакцинирајте се, само така се заштитувате себеси, кажа Филипче.

Министерот уште еднаш објасни дека  подолготраен е  имунитетот  што ќе се добие при вакцинација.

-Нема дилема дека антителата еден одреден период штитат. Но, суштината е дека имунитетот од вакцината е поефикасен. Граѓаните треба да се стекнат со подолготраен имунитет и да го заштитиме здравствениот систем. Препораките од нашиот комитет се должат на повеќе студии. Траен имунитет е вакциналниот имунитет. Убеден сум дека ќе го издржиме овој бран, ако треба ќе се организираме дополнително, истакна Филипче.

Од министерствот за здравство информираат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.

-На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 674.510 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.108 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.712 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.177.911 дози вакцини, а ревакцинирани се 503.401 граѓани.Со последните бројки 70% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 68% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 64% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 55% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопштија од МЗ.

Слични содржини