Ињац за „Локално“: Планот за консултации меѓу Србија и Русија може да го сруши „Отворен Балкан“

од Nikola Popovski

Шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ и неговиот руски колега Сергеј Лавров во Њујорк го потпишаа Планот за консултации за 2023-2024 година на министерствата за надворешни работи на Србија и Русија. Селаковиќ оценува дека со потпишаниот Договор се регулираат билатералните односи, но и мултилатералните и дека таков договор се потпишува со години. Имајќи ја предвид актуелната ситуација, тој наведе дека негов личен став е дека Србија можела да одбие да го потпише Договорот, но дека во него не гледа ништо суштински спорно на тој план за да се прекине соработката меѓу Србија и Русија.

Жељко Ињац

Дел од српската јавност е изненадена од потпишувањето на ваков договор на американско тло. Српскиот политички аналитичар Жељко Ињац во разговор за „Локално“ вели дека интересна е слободата на српските државници да потпишат било што со Русија сред Америка.

-Државниците на ЕУ немаат таква слобода. Не треба да си премногу паметен за да заклучиш дека постои премолчен договор на Америка за ваква српска дипломатија. Јавноста во Србија е поделена по ова прашање. Проевропскиот дел од граѓаните тоа го смета за погубна политика, која само ќе и донесе штета на Србија. Русофилите се воодушевени. Но, ниту еден од нив не префрлуваат далеку, ниту пак гледаат дека Србија во моментов е во попривилегирана положба во однос на цела ЕУ и дека „благословот“ за ваква привилегирана позиција го добива директно од Вашингтон, изјави Ињац.

Тој смета дека ЕУ веќе покажала што мисли за независната српска политика.

-Кога Лавров требаше да пристигне во Србија, ЕУ се обиде да го блокира неговото доаѓање индиректно преку членките на НАТО на Балканот. На бриселската администрација не и е јасно како Србија во овој момент воопшто може да помисли да води политика независна од ЕУ. Сега шлаканицата од Србија до ЕУ е уште посилна бидејќи договорот е постигнат во Америка, без да реагира некој сериозен од американската администрација. Србија со овие потези и испраќа порака на Европа дека не е политички зависна од неа, иако истото не може да се каже и за економијата. Но, во овој момент политичките аргументи се поважни од економските, вели Ињац.

Како потпишаниот договор ќе се одрази на сите земји од Западен Балкан, аналитичарот го поврзува со иницијативата „Отворен Балкан“.

-Отворен Балкан е заеднички проект на луѓето од Западен Балкан, но и на Англосаксонците. Во моментот кога беше лансиран, се знаеше дека процесот на приклучување на Западен Балкан во ЕУ нема да биде лесен или брз. Тој проект не е напуштен, напротив полека завршува. Од друга страна, се чини дека една независна политика, предводена од Србија, во овој момент кога светот е речиси на работ на светска војна, може да го сруши целиот проект, бидејќи на крајот на краиштата, Србија е столбот на таа иницијатива. Но, всушност истата политика стои зад „Отворен Балкан“ – политика која им одговара на Англосаксонците, без разлика што веројатно не му одговара на Брисел. На крајот, Брисел може да се жали, како што се жали, но реално не може повеќе од тоа, потенцира српскиот аналитичар.

Селаковиќ од Њујорк изјави дека Србија не може да ги признае резултатите од руските референдуми во Украина, а Иљац објаснува дека тоа не е „игра на две столчиња“.

-Тоа е игра на српско столче. Доколку Србија, и покрај добрите односи со Русија, прифати отцепување на регион во која било земја во светот, всушност би ја признала независноста на Косово и Метохија. Ова е ризикот со кој сега се соочуваат сите земји кои ја признаа независноста на Косово и Метохија, а Русија максимално го користи овој преседан во однос на Косово во меѓународната заедница и во законот. Ако може да се случи на едно место, може да се случи секаде. Во принцип, Србија останува на страната на меѓународното право, одбивајќи да признае какво било отцепување каде било, всушност заштитувајќи ги своите интереси, порача аналитичарот.

Зоран Чворовиќ

Српскиот професор и аналитичар Зоран Чворовиќ во разговор за „Локално“ вели дека на Србија е со кого ќе потпише договори и каква ќе биде содржината на тие договори и самата си одлучува.

-Што се однесува до граѓаните на Србија, најголем дел од нив се против членството на Србија во ЕУ, а дури 80 отсто од граѓаните се против воведување какви било санкции против Русија. Огромното мнозинство српски граѓани се за Србија да има најблиски можни односи со Руската Федерација. Затоа, овој вид протоколарен договор, кој го потпишаа министрите Селаковиќ и Лавров, го поддржуваат огромното мнозинство српски граѓани, информира Чворовиќ.

Според реакцијата на Брисел во однос на потпишаниот договор, професорот смета дека последното нешто што треба да ја загрижи демократски избраната влада во Белград.

-Впрочем, Европската унија денес не е прифатлива ниту за голем број граѓани на одредени земји-членки на ЕУ, за што сведочат не само разидувањето на унгарските и полските власти со Брисел, туку и резултатите од неодамна завршените избори. во Италија. ЕУ беше просперитетна и атрактивна заедница додека одржуваше блиски економски врски со Русија, црпејќи евтини суровини од Русија и продавајќи ги своите производи на огромниот руски пазар. Денеска ЕУ е организација без перспектива, а економската криза ќе доведе до нејзино распаѓање наместо кон федерализација. Поради кризата низ која минува, ЕУ денес е политички понемоќна на Балканот отколку што беше во минатото. Бриселските бирократи се последните од кои владата во Белград треба да се плаши, ни објасни Чворовиќ.

Иднината на Балканот, додава професорот, ќе зависи од тоа колку балканските политичари се грижат за сопствените национални интереси, усогласувајќи ги со соседите, „а не со земји кои се далеку и кои во минатото го користеле Балканот исклучиво како алатка во борбата на големите сили“.

-Потпирањето на големите сили на балканските национални елити е опасно, бидејќи балканската реалност често не се гледа добро зад нивниот грб, а чувството на страв се губи, што понекогаш е единствениот начин да се одбегне опасноста од војна, што беше премногу на Балканот во минатото, истакнува Чворовиќ.

На темата со руските референдуми на територијата на Украина и ставот на Србија, тој нагласува дека територијалниот интегритет на Србија на Косово и Метохија е загарантиран со еден конкретен обврзувачки меѓународен правен акт – Резолуцијата 1244, а не со некои општи меѓународни правни принципи.

-Како што наведува постојаниот Меѓународен суд на правдата во Хаг во своето советодавно мислење за отцепувањето на Косово, во меѓународното право не постои ниту една обврзувачка норма која забранува формирање на нови држави. Затоа, Србија треба да ја брани резолуцијата 1244 и во нејзините рамки да најде решение за суштинска територијална автономија на Косово, но во исто време тоа не значи дека, водена од сопствените интереси, не може да ја признае легитимната волја на руското население во делови. на поранешна Украина да се приклучи на Русија. Откако Бадентеровата комисија заклучи дека поранешна Југославија се распаднала, а не дека е растурена со едностраните илегални отцепувања на Словенија и Хрватска, остана малку општи принципи во меѓународното право, постојат само конкретни обврзувачки акти, како што е Резолуција 1244 на Советот за безбедност на ОН, заклучува Чворовиќ.

Н.П.

Слични содржини