Индијана Џонс 5 е последен за Харисон Форд, но франшизата ќе продолжи

од desk2
86 прегледи

Сите убави работи мора некогаш да завршат, и време е Харисон Форд да ги остави камшикот и шеширот, но не пред да го сними Индијана Џонс 5. Според режисерот Стивен Спилберг, претстојниот петти дел од франшизата ќе биде последен за Форд. Но, тоа не значи дека франшизата ќе заврши, бидејќи Спилберг, исто така, вети дека Индијана Џонс ќе продолжи во иднина без актерот.


Стивен Спилберг моментално го промовира својот последен филм, “Ready Player One”, кој го означува враќањето на режисерот во светот на блокбастерите. Следната година, исто така, ќе почне со снимањето на Индијана Џонс 5, кој веќе долго време се спрема, но конечно се случува. Иако не е и некое изненадување, Спилберг во едно неодамнешно интервју изјави:

“Ова ќе биде последниот филм на Харисон Форд во улогата на Индијана Џонс, во тоа сум сигурен, но секако дека ќе продолжиме со франшизата”.


Харисон Форд има 75 години. Восхитувачка беше неговата изведба во Индијана Џонс и Кралството на Кристалниот череп, но тоа беше пред една деценија. Тешко е да се замисли дека Форд може да го сними Индијана Џонс 5, а камоли уште еден филм после тоа, но уште потешко влегува во глава Индијана Џонс без Харисон Форд, но тоа е Холивуд, им тргна со уништување на познати и легендарни франшизи.

Веќе долго време се шпекулира дека помлад актер, како што е Крис Прат, кој пред неколку години изразил желба да го игра легендарниот лик, може да ја преземе улогата на Индијана Џонс во иднина. Иако вистински фанови нема да го прифатат тоа, кога е Дизни во прашање битни се само парите, а не фановите. Спилберг во истото интервју рече дека не гледа зошто не би можело следниот Индијана Џонс да биде жена. Затоа, не ја исклучувајте можноста за Индијана Џејн откако Харисон Форд ќе заврши.

Индијана Џонс 5 ќе започне со продукција во април 2019 година. Премиерата е закажана за 10 јули 2020. Како и да е, да се надеваме дека Индијана Џонс 5 ќе биде правилно испраќање на Харисон Форд и ќе надомести за гревовите што ги направија со Индијана Џонс и Кралството на Кристалниот Череп.