Инспекторатот за употреба на јазиците ги скара пратениците

од Vladimir Zorba

Предлог-законот за Инспекторат за употреба на јазиците повторно ги подели пратениците. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека Венецијанската комисија била децидна дека треба да има измени во Законот за јазици, додека пак од власта им возвраќаат дека на седницата има предлог-закон за Инспекторат, а не Законот за јазици.

„Бидејќи има неусогласност во Законот за јазици, треба да се одложат санкциите додека не се усогласи законот. Јас се согласувам со Венецијанската комисија дека законот предвидува нереални обврски и овој закон ќе го забави правосудниот систем.“, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ му возвратија дека ништо од тоа што заплашувале од ВМРО-ДПМНЕ за носењето на Законот за јазици, не се случило и велат дека реториката на опозицијата сега е предизборна, а не суштинска.

ВМРО-ДПМНЕ пак, обвинува дека владејачката коалиција ги повторува истите зборови цело време, но и дека не гледаат проблем во ДУИ, бидејќи СДСМ попуштиле во однос на законот.

„Брзавте за да ја стабилизирате коалицијата, а не ги видовте забелешките на ВМРО-ДПМНЕ, дека ова законско решение го надминува Уставот. Вие наопаку го почнавте мандатот, а така и го привршувате. Грешката која е направена при договарањето на овој Закон доаѓа во втора фаза, односно во Законот за Инспекторат на јазиците, а не ни е уредено она кое го прати венецијанската комисија.“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој додаде дека ова е еден од најнеуспешните парламенти во историјата.

Катерина Кузмановска пак, рече дека ВМРО-ДПМНЕ први го донеле законот за јазици, а потоа се надградувал.

„Законот за употреба на јазиците беше изгласан во 2008 година и надграден во 2011 година. Овој Инспекторат јасно е наведено дека треба да постои. Дали има потреба од истата реторика и истиот третман како што тоа ни се случуваше во 2017 година. Време е да се изјасните дали сте за Едно општество за сите граѓани во Република Северна Македонија. Вие се поставивте наопаку и кон граѓаните и кон ЕУ и НАТО. Вие треба да кажете дали сте за почитување на човековите права и слободи. Законот за јазици произлегува од член 5 од Уставот на Република Македонија. Ние многу разговаравме за овој закон“, вели Кузмановска.

Слични содржини