Има прогрес на пазарот на онлајн-тргувањето во Македонија, но не се движиме со посакуваното темпо. Пазарот е секако по-подготвен споредено со пред една декада, но далку од нивото што треба за да се отклучи потенцијалот кој го нуди е-трговијата. Екосистемот на е-трговија е мошне комплексен, а за раст потребно е да растат и напредуваат сите поврзани сектори како што е доставата, плаќањата, свеста, дигиталните вештини, навиките и сл. Бизнисите играат голема улуга во менување на пазарот, влијаат на неговиот развој, вели во интервју за „Локално“ Нина Ангеловска, директорка за меѓународен развој во „Ананас“ и поранешна министерка за финансии.
-Како земја секако би сакале да се доближиме до развиените европски земји во сите сфери на економијата, но ова бара долгорочни напори и активности како држава, особено во областа на економскиот развој и зголемување на домашниот бруто домашен производ, вели таа.
Според Ангеловска, е-трговијата може да придонесе за поголем економски раст.
Иако е-трговијата во Северна Македонија расте, постои потреба за непрекинат и забрзан развој, особено во поглед на инфраструктурата, градењето на доверба кај потрошувачите, зголемување на понудата на производи и услуги онлајн, истакна поранешната сопственичка на „Групер“.
За Ananas, истакнува дека неговата мисија е да направи револуција во онлјан купувањето во регионот и да донесе ново онлајн искуство какво што што постои во развиените земји, на овие простори.
–Македонските компании сега имаат доверлив партнер со кој може да го растат и развиваат својот бизнис, а купувачите нова дестинација Онлајн шопинг мол, а на нет, која на едно место нуди над 100.000 производи по одлични цени и брза достава.
Поранешен сопственик на успешен бизнис (Групер), екс министерка за финансии и сега директорка во српската „Ананас“, сопственост на „Делта Холдинг“. Како се снаоѓате засега во новата улога, дали е поразлично од она што го работевте претходно?
-Го започнавме Grouper со многу пасија и ентузијазам, сакавме да го трансформираме пазарот на е-трговија, кој во тоа време во основа и не постоеше. Во суштина, требаше да креираме пазар за да го развиеме Grouper кој беше препознаен како двигател на пазарот на е-трговија и во голема мера заслужен за прогресот. Илјадници граѓани ја направија својата прва онлајн трансакција, а стотици компании својата прва онлајн продажба токму преку Grouper. Grouper одигра многу значајна улога во едукација на пазарот, и воопшто во развојот на македонската е-трговија. Заложбите за менување на е-трговијата и отстрнувањето на бариерите ги продолжив и со формирање на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија која ја водам од формирањето во 2017 година која има значајна улога во развојот на македонската е-трговија.
Сега со Ananas тој пат на менување на е-трговијата во земјата продолжува, но на едно сосема поинакво ниво, сега уште повеќе и регионално. Со оглед дека мојата улога е меѓународен бизнис развој, односно екпанзија во регионот, од моето приклучување интензивно работевме на подготовка на Ananas за лансирање на македонскиот пазар, а сега следи нов интензивен период со подготовки, стратегии и планови за следните пазари. Секој ден е исполнет со предизвици од различни области.
Сите овие позиции кои погоре ги споменав имаат заедничка страна – да се направи револуција, односно менување на е-трговијата, а воведувањето промена сама по себе е исклучителен предизвик кој бара многу работа, знаење, волја, постојано учење и кој вклучува многу пречки на патот.
Од денешен аспект, кога би се вратиле наназад, со искуството кое сега го имате, дали повторно би прифатиле да бидете дел од некој владин состав?
-Сите одлуки кои сум ги донела ме направиле тоа што сум денес, иако патот речиси со ниедна одлука не беше лесен ме научи многу и за тоа сум благодарна. На крајот на денот сите совладани пречки и проблеми не прават посилни во иднина. Живееме во навистина брз свет, а каде и да одиме и што и да одбереме да правиме секаде ќе има проблеми и пречки – мислам дека клучот е да ги одбереме проблемите кои сакаме да ги решаваме. Проблемите беа фундаментално од различна природа и опсег на различните позиции во текот на мојата кариера ама за сите сум ја имала истата посветеност, став и енергија за нивно решавање. И на крајот на денот брзо после совладувањето се заборава колку било тешко нешто, а останува искуството и научените лекции.
Немам каење за ниедна одлука која сум ја донела – практично повеќето одлуки беа одговор на можности кои ми се прикажале и кои сум ги прифаќала. Конкретно одлуката за прифаќање на искуличтено одговорната позиција во Владата како Министер за Финансии беше една од најтешките и воедно најхрабрите одлуки кои сум ги донела, а главен мотив беше можноста да се прават промени.
Шестата Конфернција за е-трговија заврши пред десетина дена во Скопје. Како сте задоволни од овогодинешното издание?
-Годишната конференција за е-трговија која ја организира АЕТМ, годинава 6та по ред е една од најпрепознатливите бизнис конференции во нашата држава и регионот. Оваа година фокусот беше ставен на вештачката интелегенција и тоа како таа ја редефинира е-трговијата, односно воведува нова ера – оттаму и темата гласи Redefining Ecommerce: A(i) New Era!
Ние како тим секоја година се трудиме конференцијата да биде подобра од претходната, а затоа мора да ги следиме светските трендови и она што е најактуелно во светот на е-трговијата, да донесеме говорници кои ќе зборуваат на теми од интерес за нашиот аудиториум и кои ќе пренесат искуства кои можат да се применат во пракса. Оваа година покрај тоа што имавме многу актуелна тема – вештачката интелигенција, имавме и нов поразличен сетинг и простор, (Националната Опера и Балет), кој е воедно и со поголем капацитет од претходните со цел да овозможиме што повеќе заинтересирани страни да слушнат и да бидат дел од конференцијата. Исто така, оваа година содржината на конференцијата, планирањето, агендата, и креативната комуникација на социјалните медиуми и на денот на самиот настан се креираа со помош на вештачка интелигенција.
Конференцијата веќе неколку години на едно место ги собира сите учесници во екосистемот на е-трговија (е-трговци, банки, платежни процесори, компании за достава, IT компании, маркетинг агенции, владини инситтуции, претставници од меѓународните развојни организации итн.) и тоа не само од нашата земја, туку од целиот регион. Ова беше најголемо издание до сега – присуствуваа над 600 гости, од кои благодарение на соработката со Асоцијациите од регионот околу 20% беа гости од соседните балкански земји. Програмата ја сочинуваа презентации, панел дискусии и неформални разговори поврзани со е-трговијата, презентирани од 30 домашни и интернационални говорници. Меѓу говорниците беа претставници од големите светски брендови Нестле („Nestlé “), Мета („Meta“), Заландо (“Zalando”), Алегро („Allegro“), Рибок („Reebok“), но и претставници од дел од најуспешните регионални е-трговци.
Како дел од програмата беа споделени најновите податоци од годишниот преглед на е-трговијата во Северна Македонија за 2023 година и споредба со земјите од Западен Балкан и Европа, се зборуваше за влијанието на онлајн маркетплејс платформите во секторот на е-трговија, за пејсажот за е-плаќања во е-трговијата и унапредување на прекуграничната е-трговија, но и за важноста на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, како и за инвестициите во е-трговија низ призмата на Venture Capital фондовите.
Конференцијата ги достинала или надминала очекувањата на 85% од учесниците. Најважно ни е задоволството на гостите секако, па секоја година спроведуваме прашалник за оцена на задоволството кој ни претставува основа и за подобрувања за следната година. Секогаш се трудиме да е upgrade секое следно издание, а секоја година како што расте конференцијата, расте и напредува и тимот на АЕТМ.
„Ананас“ свечено го одбележа лансирањето во Македонија минатиот месец, па како сте задоволна досега, иако е премногу рано да се даваат генерални оценки за работата во земјава? Најавивте револуција на отворањето…
-Често го слушаме тоа „како за почеток добро е“, ама и во бизнисот сметам дека важи таа изрека „по утрото денот се познава“, односно ако почетокот не е добар не може да очекуваме дека чудо ќе се случи потоа. Секако има бизниси од различна природа кој можеби се исклучоци од ова ама во главно мислам дека е аппликативно кај повеќето.
Да, мисијата на Ananas е да направи револуција во онлјан купувањето во регионот и да донесе ново онлајн искуство какво што што постои во развиените земји, на овие простори. Посебно задоволство ми е што токму првата земја од планот за експанзија е Македонија.
По само неколку месеци месеци веќе имаме близу 200 партнери кои успшено продаваат преку Ananas, а „Клик! Бум! Трас!“ е веќе добро познат во Македонија. Македонските компании сега имаат доверлив партнер со кој може да го растат и развиваат својот бизнис, а купувачите нова дестинација Онлајн шопинг мол, а на нет, која на едно место нуди над 100.000 производи по одлични цени и брза достава.
Имаме навистина одличен старт на Ananas во Македонија, за што е заслужен тимот на чело со Денис Ампов кој е Country manager за Македонија, како и поддршката и добрата соработка со колегите од Србија. Секако пред нас е уште многу работа и предизвици но верувам дека ако некој може да го донесе онлјан купувањето„на следно ниво“ какво што им е потребно и на купувачите и на трговците за да го растат и развиваат нивниот бизнис, а и на економиите – тоа е Ananas.
Споредба на Македонија со земјите во регионот во однос на купувањето преку Интернет?
-Секоја година во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ја изработуваме годишната анализа на е-трговијата, која традиционално ја промовираме на годишната конференција за е-трговија. Ова е инаку 5то јубилејно издание на анализата со наслов: „Преглед на Е-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со земјите од Западен Балкан и Европа, 2023“, и оваа година е поддржано од Mastercard.
Анализата овозможува да го согледаме прогресот на македонската е-трговија споредено со претходната година, но и со европските земји, а со посебен фокус на споредбата со соседите – земјите од Западен Балкан за кои има достапни податоци: Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Ако го споредиме користењето на интернет (како % од популацијата на возраст 16-74) како основен услов за онлајн купување во овие земји, ќе забележиме дека Република Северна Македонија е најдобра во користење на интернетот (88.3%) заедно со Црна Гора (88.2%). Во Србија интернетот го користи 83.5%, Албанија 82.7% и најмалку во Босна и Херцеговина 78.8% од населението на возраст 16-74 години.
Споредбата на земјите од Западен Балкан ни покажува дека кога се на интернет Албанците најмногу зборуваат и го изразуваат своето мислење за граѓански и политички прашања, Црногорците најмногу праќаат инстант пораки, учествуваат на социјални мрежи, читаат онлајн и праќаат е-маилови, Србите најмногу бараат информации за производи/услуги и за здравје, и користат е-банкарство, додека Босанците најмногу продават производи и услуги на интернет.
Кога станува збор за користење на интернетот за онлајн купување, може да се забележи дека балканските земји се најниско рангирани во споредба со европските земји.
Иако се остварени високи порасти за време на пандемијата, во 2022 година онлајн купувањето и понатаму бележи пораст кај земјите од Западен Балкан и тоа во Албанија 34.7% од интерннет корисниците купиле онлајн во последните 12 месеци, во Србија 63.5%, во Босна и Херцеговина 43.1%, во Република Северна Македонија 49.5%. Само во Црна Гора има мало намалување и е на последното место во Европа.
Исто така во анализата се опфатени и податоците за е-трговијата во потесна смисла на зборот што подразбира и плаќањето за нарачката да е извршено онлајн. За таа цел ги користиме податоците на Народната Банка на Република Макеоднија. Вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички во Р.С.Македонија во 2022 година изнесува 550.2 милиони евра и има пораст од 25% во однос на 2021 година. Анализирани се е-трансакциите само за Македонија, како и интернет продажните места.
Оваа година со цел да дадеме појасна слика за понудата во е-трговијата спроведовме и емпириска анализа на е-трговците со податоците од 5-те домашни банки кои нудат процесирање е-трансакции и да ги детектираме активните е-трговци и категоризираме. Сознанијата до кој дојдовме се прилично изненадувачки односно бројот на активни е-трговци во земјава е помалку од половина од бројот на интернет-продажни места кои ги следиме по НБРСМ. Што се однесува до категориите најголем дел од е-трговците во малопродажба се во Облека, обувки и модни додатоци или речиси 10% од вкупниот број на активни е-трговци.
Неизбежно прашање за вас е онлајн тргувањето. Иако редовно читаме анализи и статистики како стои Македонија во тој поглед, накратко да ни објасните каде, по ваше мислење, „каска“ земјава и кога би го достигнале потребниот потенцијал?
-Потенцијал постои но постојат и предизвици. За да го отклучиме потенцијалот можеби главното прашање е колку сме подготовени за отклучување на тој потенцијал кој го носи дигиталната економија и е-трговијата, а потоа и колку имаме волја и знаење да работиме на тоа како земја. Според индексот на мрежна подготвеност (Network Readiness Index) кој ја покажува подготовеноста на една земја да ги искористи придобивките на дигиталната револуција, сите земји од Западен Балкан се најмалку подготвени односно се рангирани на дното споредено со Европските земји.
Има прогрес, но не се движиме со посакуваното темпо би рекла. Пазарот е секако по-подготвен споредено со пред една декада, но далку од нивото што треба за да се отклучи потенцијалот кој го нуди е-трговијата. Екосистемот на е-трговија е мошне комплексен, а за раст потребно е да растат и напредуваат сите поврзани сектори како што е доставата, плаќањата, свеста, дигиталните вештини, навиките и сл. Бизнисите играат голема улуга во менување на пазарот, влијаат на неговиот развој. Претходно го спомнеавме Grouper и улогата која ја одигра. Ananas ќе одигра значајна улога во развој на домашниот, но и на регионалните пазари. Со развојот на Ananas ќе се унапредуваат и растат многу поврзани сектори, а компаниите кои сега имаат целосно решение за да продаваат онлајн на едно ниво какво што не постоело во нашата земја ќе имаат можност да ги растат нивните продажби, да имаат достапност до нови купувачи и воопшто да го растат својот бизнис.
Како земја секако би сакале да се доближиме до развиените европски земји во сите сфери на економијата, но ова бара долгорочни напори и активности како држава, особено во областа на економскиот развој и зголемување на домашниот бруто домашен производ. Е-трговијата може да придонесе за поголем економски раст, иако е-трговијата во Северна Македонија расте, постои потреба за непрекинат и забрзан развој, особено во поглед на инфраструктурата, градењето на доверба кај потрошувачите, зголемување на понудата на производи и услуги онлајн. Ние, како Асоцијација за е-трговија на Македонија и понатаму ќе продолжиме да работиме на отстранување на бариерите кои го попречуваат растот на е-трговијата како: зголемување на дигиталната писменост и вештини, потикнување на поголема понуда во е-трговијата, намалување на нелојалната конкуренција и сивата економија, како и напори за олеснување на прекуграничната е-трговија во регионот.
Го споменавме веќе вашиот пат кон успехот, бевте и една од ретките од земјава со признание „30 Under 30“ од „Forbes“. Има ли уште нешто што не сте го оствариле на професионален план, а што би сакале да го имате во вашето портфолио?
-Пред десет, па и пред пет години да ме прашавте каде се гледам после пет години од тогаш и кон какви професионални достигнувања целам сигурно не би одговорила дека ќе бидам со вакви остварувања на професионален план како денес. Сите признанија, достигнувања, и работни позиции, и воопшто кариерниот пат ми се случуваше многу повеќе спонтано отколку „намерно“ – дел во форма на признанија за успешната работа кои ми даваа мотивација за уште подобра работа, дел како нови предизвици и можности кои беа подготвена да ги прифатам. Посветеноста на работата, пасијата за истата, желбата да се прават промени, пропратено со многу напорна работа и постојано учење и надоградување ги сметам за најзаслужни за развојот на мојот кариерен пат, дополнето со подготвеноста да се прифаќаат предизвици и постојано да се излегува од комфор зоната.
Мотото ми беше да успее она што во тој момент го водам или работам и да го дадам максимиумот. Тоа ми е всадено веројатно од мали нозе, дека што и да одлучам да правам треба да се стремам да го правам најдобро.
Премногу нешта за исполнување во текот на еден ден, како успевате да ги комбинирате приватните со професионалните обврски?
-Со добра организација верувам дека се што се сака се може. Сакам да работам, но секако сакам и да поминувам квалитетно време со партнерот, фамилијата и со себе. Сметам дека балансот меѓу професионалното и приватното е потребен за да сме продуктивни и добри на двете полиња.
В.З.