СДСМ се тетерави. СДСМ е веќе политички труп, партија на богаташите која постои само за да се спомнува како лажна опозиција. Но, Левица е таа што расте, што им го зема воздухот и на едните и на другите. И ДПМНЕ и СДСМ се уплашени и во грч од налетот на Левица затоа што конечно созреа и се појави сила која не е нивен производ, не е нивен договорен „опозиционер“, туку реална закана за нивниот политички картел, вели професорот и лидер на Левица Димитар Апасиев во интервју за „Локално“.
Во однос на жалбите кои ги поднесоа до ОБСЕ и Уставен поради цензурата на овие избори, професорот истакнува дека можеби овие чекори немаат директен ефект врз текот на кампањата, но тие јасно им покажуваат на граѓаните до кој степен институциите се под целосна партиска контрола и како правната држава е систематски поткопана.
-Ние сме заробена држава како по книга. Вмроидниот хибриден режим забега по само една година власт, и затоа ќе биде мањак 100.000 – 150.000 гласови. Не може третиот ешалон од Груево време, сега да изиграва „џандар збира“. Едноставно, неинтелигентни се и не се дораснати за диктатори, истакнува тој.
Смета дека случајот „Кочани“ го повреди рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и тој претставува апсолутна катастрофа – еден од најочигледните примери на длабоко вкоренетата корупција, системско уништување на институциите, злоупотреба на јавни ресурси и партиско штабско владеење кое остави трајни последици врз граѓаните.
-Тоа не е изолирана појава – низ целата држава има помали, но континуирани трагедии, секогаш со последици за обичниот човек, кои се резултат на владеењето на широката коалиција ДПМНЕ-СДСМ на локално и државно ниво, вели Апасиев во интервјуто.
Тргнувате во битка за Локалните избори 2025 со цензура на домашни медиуми!? Дали ова е чекор назад и како планирате да ја искористите ситуацијата во ваша полза?
-Секако дека ова е чекор назад – не за нас како Партија, туку за самиот демократски изборен процес во Републиката. Кога ќе замолчиш политички противник, кога ќе му го одземеш правото на еднакво медиумско претставување, тоа значи дека немаш сила да се соочиш на рамноправно бојно поле. Дека си кукавица во душата. Власта го користи монополот врз институциите и медиумите за да го задуши плурализмот, за да ја заклучи јавната „дебата“ во своја полза. Меѓутоа, за Левица тоа не претставува пречка – напротив, ние веќе градиме алтернативни канали за да ја пренесеме нашата порака директно до граѓаните. Левица владее со социјалните мрежи (интернет) и со улицата (терен) – таму сме најсилни, таму нашата порака најлесно стигнува директно до граѓаните. Социјалните мрежи, теренската работа и директниот контакт со народот се нашето најсилно оружје против оваа досега невидена цензура од безависност на Македонија.
Оваа цензура ќе им се врати како бумеранг. Јавно се откриваат нивните репресивни алатки, нивната паника и немоќ да се справат со растечката опозиција чиј предводник станува Левица. Наместо да нè запрат, тие ја покажуваат сопствената слабост – а ние тоа ќе го искористиме против нив. Ние ќе продолжиме да откриваме и разобличуваме секој обид за манипулација, да ја пренесуваме вистината без посредници и да ја покажуваме реалната природа на власта и нивната корумпирана клика. Секоја нивна цензура ќе стане доказ за граѓаните дека ДПМНЕ се борат против сопствениот народ – а не против Левица.
Поднесовте случај до Уставен, се пожаливте кај ОБСЕ. Колку ова ќе помогне во изборна кампања која веќе е во полн ек?
-Поднесовме и тужба до Основниот граѓански суд Скопје и до Управниот суд. Поднесовме и претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. До Уставниот суд поднесовме две иницијативи (една против Упатството на АВМУ, една против самиот нефер Изборен законик)… Нашата цел не е само да добиеме краткорочен политички ефект, туку да ја разобличиме целата нефункционалност на системот! Сите се прогласуваат за ненадлежни. Креваат раменици. А Мицкоски се сити. Можеби овие чекори немаат директен ефект врз текот на кампањата, но тие јасно им покажуваат на граѓаните до кој степен институциите се под целосна партиска контрола и како правната држава е систематски поткопана. Ние сме заробена држава како по книга. Вмроидниот хибриден режим забега по само една година власт, и затоа ќе биде мањак 100.000 – 150.000 гласови. Не може третиот ешалон од Груево време, сега да изиграва „џандар збира“. Едноставно, неинтелигентни се и не се дораснати за диктатори.
Но, ние не запираме тука. Следниот чекор ќе биде да го изнесеме случајот и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур (при Советот на Европа), за да дознае целиот свет каква е состојбата во Македонија – како власта грубо го нарушува принципот на фер и демократски избори и со тоа го понижува сопствениот народ, небаре сме Курдската работничка партија во Турција. Левица е единствената сила која има храброст, знаење и политичка кауза да оди до крај, да ја изнесе вистината пред домашната и меѓународната јавност и да покаже дека оваа земја не е ничиј приватен имот, туку држава на сите граѓани.
Тешката ПР машинерија на власта, се чини, е насочена повеќе кон вас отколку кон СДСМ. Зошто е тоа случај, зошто стравот од Левица?
-Затоа што знаат дека ние сме нивната најголема закана. СДСМ се тетерави. СДСМ е веќе политички труп, партија на богаташите која постои само за да се спомнува како лажна опозиција. Но, Левица е таа што расте, што им го зема воздухот и на едните и на другите. И ДПМНЕ и СДСМ се уплашени и во грч од налетот на Левица затоа што конечно созреа и се појави сила која не е нивен производ, не е нивен договорен „опозиционер“, туку реална закана за нивниот политички картел.
Кога ќе видите дека целата ПР машинерија е насочена кон една партија која нема свои медиуми и која функционира со помали ресурси – тоа е најголемото признание дека сме станале втора политичка сила во државата.
Повреден ли е рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ по сите овие случаи кои излегоа откако ја имаат целата власт, како Кочани, пример?
-Апсолутно. Кочани претставува апсолутна катастрофа – еден од најочигледните примери на длабоко вкоренетата корупција, системско уништување на институциите, злоупотреба на јавни ресурси и партиско штабско владеење кое остави трајни последици врз граѓаните. Тоа не е изолирана појава – низ целата држава има помали, но континуирани трагедии, секогаш со последици за обичниот човек, кои се резултат на владеењето на широката коалиција ДПМНЕ-СДСМ на локално и државно ниво.
Токму затоа и гледаме колку се исплашени: колку повеќе нивните системски злоупотреби излегуваат на виделина, толку повеќе ја интензивираат црната кампања против Левица. Но, ова не нè запира – напротив, ги разобличува нивните методи и ја покажува потребата за радикална промена. Ако им се дозволи да продолжат со своите илегални практики, бројот на трагедии ќе се множи, а граѓаните ќе продолжат да трпат од последиците на партиската корупција и клиентелизмот.

Фото: Левица
Загрозен ли е изборниот процес уште отсега и дали, со оглед на убеденоста на власта, очекувате изборни нерегуларности, нешто што јасно го видовме пред 2016-та?
-Изборниот процес е веќе длабоко загрозен. Тој е некредибилен по сите светски и европски стандарди. Не може за сите да има, а само за Левица да нема пари за пропаганда. Дури не ни даваат и нашите пари да ги вложиме во приватните медиуми, за да не има. И овој поткопан нефер процес не е предвидување – тоа е факт. Факт кој го гледаме пред нашите очи. Веќе гледаме медиумски цензури, притисоци врз администрацијата, злоупотреба на јавни ресурси и странски кредити, црни кеш пари и, најостро, притисоци врз наши членови од страна на ДПМНЕовски загари – инспектори, полициски службеници и обвинители кои се обидуваат да ги заплашат и одвратат од политичко учество. Тоа се истите механизми кои ги видовме и пред 2016-та, само со нови понеизживеани актери.
И токму затоа постои Левица – за да му покаже среден прст на естаблишментот и да им каже на граѓаните: дечки, ова не е нормално! Ние сме тука да предупредиме и да се бориме против тие нерегуларности, незаконитости и неправди. Затоа што ако народот остане пасивен, тогаш моќниците ќе продолжат да ја крадат демократијата и безобразно да се богатат на наш грб, без трошка срам.
Како ги оценувате шансите на вашите кандидати? Веќе изјавивте дека Левица се позиционира како втора сила на политичката сцена, но каде имате шанса за победа, по ваши пресметки?
-Нашите кандидати се сериозни, непоткупливи, чесни и со кредибилитет пред граѓаните. Убав спој на младост и искуство. На нашите кандидатски листи имаме од универзитетски професори, адвокати, инженери, лекари, уметници, обични работници, студенти… Тоа е клучната разлика – Левица не нуди партиски кариеристи или локални олигарси, туку луѓе од народот кои се подготвени да служат и да се жртвуваат за јавниот интерес. Во повеќе урбани општини имаме реални шанси да извојуваме директни победи, особено таму каде што народот е огорчен од партиите на естаблишментот кои три децении ја држат Македонија потопена во кал.
Нашите пресметки се јасни – очекуваме над 70.000 гласови на овие избори на ниво на цела држава, бројка која веќе ја достигнавме на парламентарните избори и која континуирано расте. Тоа не е случајност, туку доказ за довербата која ја градиме чекор по чекор. По секои избори, Левица бележи раст, и тоа е незапирлив тренд кој власта не може да го запре ниту со цензура, ниту со притисоци, ниту со уцени, ниту со никакви џандарски репресалии.
Ова значи значително зголемување на бројот на советнички места од досегашниве и поголемо влијание во локалните совети – каде што Левица ќе биде креаторотна промените и свежината на новото време.
Се зборува многу за тајни коалиции, и со СДСМ и со ДУИ. Како ги коментирате овие обвинувања кои, веројатно, потекнуваат од двете кујни на најголемите македонски партии…
-Ова се очајнички конструкции на партии во слободен пад и на нивните неспособни раководители. Левица никогаш не седела на маса со естаблишментот, ниту имаме тајни договори. Напротив – ДПМНЕ беа тие што седнаа на маса со СДСМ и со ДУИ (за да си се амнестираат и да им застарат криминалите), а денес се во суптилна коалиција кога им одговара. Веќе видовме како неколку пати досега гласаа заедно со балистите и со учките. Да бидеме искрени – ваквите обвинувања не заслужуваат ни сериозен одговор од секој здраворазумен човек, затоа што се измислици на партии кои панично се распаѓаат под тежината на сопствените лаги, корупција, декадентност, неморал, лошотилак и клиентелизам.
Орце и Каја наспроти Амар Мециновиќ во Скопје. Ако не човекот, очекувате ли барем да се зголемат бројките во Советот и можна ли е истата слика и по овие избори, каде поради инает се блокираа решенијата за целиот главен град?
-Сигурни сме дека бројките на Левица во Советот ќе се зголемат. Но суштината не е само во бројките, туку во реалното влијание кое ќе го имаме врз процесите кои ја одредуваат иднината на Градот. Досегашната практика на старите бајати политички структури и промашени концепти јасно покажа дека кога амбициите и меѓусебните конфликти преовладуваат над јавниот интерес, Градот буквално се парализира, а граѓаните плаќаат за неспособноста и инатот на елитите. Видете го Скопје за шетири години под власта на ДПМНЕ – стана најголемата прљава прчвара на Балканот! Толку знааат, толку можат вмровците вплеткани во тендер-шемите и фатени на дело со рачињата во медот.
Зголеменото присуство на Левица ќе овозможи функционален и критички Совет кој ќе дејствува како вистинска институција, а не како арена за теснопартиски пресметки и суети на лидерот. Нашите советници нема да бидат инструмент за лични амбиции, туку глас кој ќе критикува, предлага и брани исклучиво јавен, а не приватен и бизнис интерес! Со нашето влијание, граѓаните ќе видат дека Советот може да функционира транспарентно, рационално и ефективно, без да биде заложник на политички инати, хирови, терсене карактери, персонални фрустрации и каприци.
Дали Скопје ќе остане заложник на политички игри – зависи од граѓаните. Ако тие одлучат да ни дадат поголема сила, тогаш ќе имаат Совет кој работи за нив, а не за урбанистичката мафија, корумпираните елити и затворените интереси на олигархијата кои го држат Градот во заложништво и целосно ги дехуманизираа условите за живот во него (загаден воздух, нечистотија, општ хаос и сообраќајно дивеење).
Преовладува темата за „црвените линии“ и резолуцијата на СДСМ во двата наративи кај големите македонски партии. Дали е ова само за пред избори или добра подлога на која може да се создаде цврста позиција од која нема да се отстапува?
-Овие таканаречени „црвени линии“ кои СДСМ и ДПМНЕ ги пласираат пред јавноста се ништо повеќе од фарса за предизборни поени – спектакл за медиуми, додека зад сцената ја предаваат државата, ја поткопуваат сувереноста и ја оставаат Македонија ранлива пред странски и домашни интереси. Истите партии кои зборуваат за „цврста позиција“ во пракса лесно ла виткаат кичмата и ги предаваат националните интереси кога ќе седнат на власт и се соочат со притисоци од странство. ДПМНЕ, на пример, ја прифати смената на уставното име и ја инкорпорираше во секоја легислатива, а нивната врховистичко-балистичка коалиција вклучува иредентистички членови од ВРЕДИ кои одбиваат да зборуваат македонски, со што јасно покажуваат дека суверенитетот на државата им е спореден vis-à-vis етно-трибалистичките интереси.
Левица беше и останува единствената промакедонска патриотска партија која конзистентно ги брани македонските државни и национални позиции – без калкулации, без двоен јазик и без подметнати договори зад затворени врати. Ние, како санданисти, не веруваме во декларации за предизборна употреба. Ние веруваме во дела и во јасни, непоколебливи политики. Нашиот левичарски карактер е да ги презираме преварантите! Нашите “црвени линии“ се македонскиот суверенитет, правдата, унитарноста и класната борба против буржоазијата и олигархијата. И за разлика од другите, ние – како тврда идеолошка Партија – не се откажуваме од нив по првиот притисок.
Зависно од резултатот на овие Локални избори, дали очекувате и сте подготвени за предвремени парламентарни избори? Колку „албанскиот фактор“ би играл улога во таква ситуација?
-Предвремени избори се сè поизвесни – затоа што кризата е длабока, а народот е незадоволен. Левица е подготвена, не само кадровски и организациски, туку и идеолошки. Но, не верувам дека премиерот ќе дозволи – затоа што ќе изгубат десетина пратеници од сегашниот парламентарен остав. И ќе бидат поранливи при преговарањето на идната предавничка Влада које ќе треба да го менува Уставот за да ги спопика Бугарите во него. Ние веќе покажавме дека можеме да бидеме вистинската опозиција, а сега сме подготвени да бидеме и алтернативата за власт. Овие Локални избори ќе бидат важен тест и ќе покажат дека нашиот раст е стабилен и континуиран, а народот полека но сигурно се освестува од лагите и илузиите на бипартизмот.
Што се однесува до т.н. „албанскиот политички фактор“ – тој е во суштина антимакедонски и традиционално има улога во кроењето на влади. Преку него западњаците си играат дрндупки со нашите недоквакани „државници“. Но суштинскиот проблем е што македонските партии на власт постојано влегуваат во клиентелистички коалиции со терористичката ДУИ или сега со протофашистичката необалистичка ВРЕДИ (кои сонуваат за Голема Албанија), со што се поткопуваат нашите сопствени национални интереси. Левица ќе остане доследна на својата заложба: ние сме против етнички партии и истите треба да бидат законски забранети, оти ја делат државата и ги користат граѓаните како гласачки бази по етнички клуч. Наместо тоа, се залагаме за идеолошки партии – каде што граѓаните избираат врз основа на вредности, идеи и програми, а не врз основа на етничка припадност.
В.З.