Интервју со Атанасов: На УКИМ потребни му се чекори со кои ќе ја надминат оваа апатија и пасивност

од Берта Китинска

Потребни ни се чекори со кои ќе ја надминеме оваа апатија и пасивност што ги зафати сите во општеството. Универзитетот подолго време се наоѓа во лоша состојба. УКИМ има и луѓе и знаење со кои може да направи многу подобар резултат. Ние мора да влеземе во современите текови, повеќе да се дружиме со светот и да станеме универзитет од третата генерација, вели во интервју за Локално професор д-р Петар Атанасов, кој е кандидат за иден ректор на УКИМ.

 

На прашањето дали има ли надеж да се врати од обичниот граѓанин довербата во образовниот систем, тој вели дека ова е голем проблем, кој одамна постои, но никој не превзема ништо за тоа да се смени.

– Во новиот Закон за образование има неколку алатки кои мора да се имплементираат. Едната од нив бара целосно преиспитување на сите студиски програми за две години. Тоа се уште не е направено. Мора да се конституираат двата одбора за акредитација и евалуација во рамките на Агенцијата за квалитет. Кога ова ќе го имплементираме ќе може да конкурирраме за членство во европските асоцијации за обезбедување на квалитетот во високото образование, вели Атанасов.

За работата на актуелниот ректор Јанкуловски и неговите ветувања за подигнување на нивото и квалитетот на УКИМ, професорот Атанасов вели дека лагите на ректорот Јанкуловски траат 4 години и дека начинот на неговата работа е поблизок до „автократија отколку до автономија“.

– Тој не само што не успеа да ја реализира својата програма од пред 4 години, која патем беше изложена на 4-5 странички, туку целокупната оцена за неговата работа и неговиот тим е многу слаба. Ние се наоѓаме на последните места на сите рангирања на светските универзитети или што е уште пострашно, на некои од нив и не постоиме, посочува тој.

Вие сте еден од седумте кандидати за нов ректор на Универзитетот Кирил и Методиј, откако во последен момент беше прифатена вашата жалба. Можеме ли да очекуваме суштински промени во насока на подобрување на состојбите на УКИМ, доколку бидете избрани за ректор?

– Да, очекувајте многу суштински промени. Повеќе промени во квалитативна отколку во квантитативна форма. Потребна ни е една ОБРАЗОВНА ЕВОЛУЦИЈА. Потребно ни е внатрешно прегрупирање и искористуваче на сите човечки и материјални ресурси. Потребни ни се чекори со кои ќе ја надминеме оваа апатија и пасивност што ги зафати сите во општеството. Универзитетот подолго време се наоѓа во лоша состојба. УКИМ има и луѓе и знаење со кои може да направи многу подобар резултат. Ќе се залагам за промени во два многу важни дела: најпрвин ќе се борам за едно големо освежување со млади кадри секоја година. Ќе барам секоја студентска година на УКИМ да се примаат по 100-тина најдобри студенти. По 20 во шесте научни подрачја. Ние имаме 23 факултети и пет научни институти.

Исто така, ќе се обидам УКИМ похрабро да го вмрежиме во европскиот академски и научен простор. Ние мора да влеземе во современите текови, повеќе да се дружиме со светот и да станеме универзитет од третата генерација. Тоа ќе значи многу подобра настава, одлично научно истражување и соработка во насока на економскиот развој.

На завчерашната седница на Наставно-научниот совет на Факултетот за ветеринарна медицина, претседателот на Универзитетската изборна комисија, проф. д-р Пламен Тројачанец официјално соопшти дека си поднел оставка на функцијата. Оставката,според него, ја поднел во знак на несогласување со незаконската постапка за избор на ректор. Сличен потег повлекоа и проф. д-р Живојин Глишиќ од Факултетот за музичка уметност, проф. д-р Катерина Здравкова од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Петар Антевски студент од Факултетот за драмски уметности. Како ова ќе се одрази на изборите?

– Во овој момент Универзитетската комисија е во распад, таа не постои. Постојат неколку персони што „глумат“ процес и ја одржуваат комисијата на кислород и се преправаат дека се е во ред. Овие неколку луѓе што го прават ова се истите луѓе што го урнисаа УКИМ и не доведоа до последните места на сите светски рангирања на универзитети. Наспроти ова се две државни институции кои експлицитно дадоа извештаи и мислења дека во време на вонредна состојба и во време на парламентарни избори не смее да има избори за ректор, тоа се Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот просветен инспекторат.

Сите луѓе на кои Универзитетот ни е дом и место за работа бараме оваа постапка да се поништи и по парламентарните избори новиот Сенат да спроведе регуларни, законски и статутарни избори за нов ректор. Ова што изминатите недели се случуваше со и околу ректорските избори и што ни го направи ректорот и неговите „гавази“ е еден голем срам и понижување за УКИМ. Во извештаојт на ДКСК се зборува за судир на интереси, за трговија со влијанија и за концентрација на моќ поврзана со работата и позицијата на сегашниот ректор. Ќе видиме што ќе се случува.

„Ќе се борам УКИМ да го добие местото што го заслужува, ќе бидам фокусиран на подигнување на нивото на квалитетот на УКИМ и негово повисоко рангирање во меѓународни рамки“ изјави актуелниот ректор Никола Јанкуловски при доаѓањето на чело на институцијата. Како ја оценувате неговата работа и дали тој успеа во своите намери?

– Лагите на ректорот Јанкуловски траат 4 години. Начинот на неговата работа е поблизок до автократија отколку до автономија. Тој не само што не успеа да ја реализира својата програма од пред 4 години, која патем беше изложена на 4-5 странички, туку целокупната оцена за неговата работа и неговиот тим е многу слаба. Ние се наоѓаме на последните места на сите рангирања на светските универзитети или што е уште пострашно, на некои од нив и не постоиме.

Ректорот вети пред 4 години дека УКИМ ќе го врати во првите 500 универзитети на Шангајската листа. Сведоци сме дека веќе не сме ниту во првите 1.500. И уште нешто, ректорот Јанкуловски нема ниту способност ниту авторитет наспроти политиката да промени било што во високото образование. А тој овие 4 години беше прв човек и на Интеруниверзитетската конференција, тоа е здружението на сите наши универзитети.

СОНК направи за основното и средното образование, меѓутоа за високото и професорите воопшто ништо не направи во контекст на покачување на платата на професорите. Дали ова ќе се промени во иднина?

– Во мојата програма цел еден дел е посветен на финансиите и неопходните материјални ресурси за работа. Ние мора да имаме стабилно финансирање ако сакаме да ги мотивираме професорите и научниците да создаваат, да истражуваат и да го пренесуваат своето знаење на студентите.  На студентите им е потребен квалитетен простор и за настава и за учење. Ќе се залагам за потпишување на колективен договор со синдикатите, со НАкС и со СОНК, и ќе барам законско регулирање на платите и вистинско вреднување на трудот на професорите.

Ние не само што како професори имаме најниски плати во регионот, туку платите на доцентите, вонредните и редовните професори на УКИМ се многу пониски споредено со истите наши колеги со исти звања на другите јавни универзитети. Ова мора итно да се исправи.

Има ли надеж да се врати од обичниот граѓанин довербата во образовниот систем, кога до ден денеска гледаме случаи на купување на дипломи за 5.000-6.000 евра, чии „сопственици“ подоцна може да ги видиме и во високите ешалони на властите?

– Тоа е нешто што е голем проблем, постојано се шушка за купените дипломи, но не гледаме дека нешто се прави. Во новиот Закон за образование има неколку алатки кои мора да се имплементираат. Едната од нив бара целосно преиспитување на сите студиски програми за две години. Тоа се уште не е направено. Мора да се конституираат двата одбора за акредитација и евалуација во рамките на Агенцијата за квалитет. Кога ова ќе го имплементираме ќе може да конкурирраме за членство во европските асоцијации за обезбедување на квалитетот во високото образование. УКИМ мора повторно да се поврзе со зборот квалитет, ако имате диплома од УКИМ тоа автоматски треба да значи дека имате гаранција за квалитет.

Исто така, државата и нејзините институции ништо не ги спречува во една редовна постапка да ја преиспитаат оригиналноста на дипломите барем на луѓето што се наоѓаат на важни функционерски места. Ова може да се озакони, исто како што се пријавува  имотната состојба кога стапувате на некоја функција и по нејзиното завршување. Пред неколку месеци бевме сведоци кога во МВР кога се открија неколку фалсификувани дипломи на припадници на полицијата. Шпекулациите зборуваат за лажни дипломи „стекнати“ овде кај нас во државата, но и донесени од странство.

Што според вас доведе до тоа УКИМ да е далеку назад на Шангајската листа,  која во светски рамки е меѓу најприфатените и најчесто користени? Што треба да се направи за да се доближи УКИМ до реномираните европски и светски образовни институции?

– Треба да почнеме да работиме. Треба да почнеме сериозно да работиме. Особено треба да ги мотивираме помладите колеги, кои се уште се развиваат и треба да ги достигнат или исполнат критериумите за повисоки звања. Треба да се мотивираат професорите да се вклучуваат во научни проекти кои имаат поголема финансиска основа. Потребно е на најдеме финансии за посериозни истражувања, за повеќегодишни фундаментални истражувања. Министерството за образование треба да има слух за ова.

Потребен ни е Фонд за научноистражувачка работа. Потоа, треба да се префрлиме и се да работиме на англиски јазик. Да објавуваме книги и да објавуваме повеќе статии во научни списанија. Треба најпрвин да се подобри квалитетот на наставата. Треба многу повеќе да се внесе практична настава, потоа треба да се поврземе со општествените и со економските проблеми. Ние не смееме да се затвораме во нашите факултетски згради и да „живееме“ во нашите канцеларии. Особено ние на јавните универзитети. За три години ветувам дека ќе има видливи резултати на ова поле.

Македонија произведувала и ќе произведува кадри кои ќе придонесуваат за подобрување на состојбите во секоја област на општественото живеење,но тие кадри можеме да ги видиме како го даваат најдоброто во западните земји. Од друга страна, слушаме и многу жалби во однос на тоа дека тоа што излегува од факултетите не ги исполнува барањата на бизнисот,стопанството и дека поголемиот дел од дипломираните студенти не ги исполнуваат барањата. Каде ја гледата вината – образованието или самиот систем и државата?

– Тука не може вината да ја префрлиме на државата. Вината за слабиот квалитет на високото образование лежи, првенствено, кај нас професорите. Никој не не спречува да напредуваме а нашите предавања да не бидат светски. Се ни е достапно на Интернет. Целото знаење на светот што во овој момент постои.

Тука, меѓу другото, има две суштински прашања. Првото, како некои од нашите кадри што овде завршуваат постигнуваат одлични резултати таму некаде, и второ, зошто квалитетите на многу од дипломираните студенти кај нас се слабо оценувани од стопонството, општеството итн. Еве вака, нашите најдобри или подобри студенти секојдневно заминуваат во земјите каде има што има систем и правила што се почитуваат. Или одат таму дипломираат и веќе не се враќаат. Тие таму лесно се вклопуваат и постигнуваат одлични резултати. Последен е случајот со нашиот студент Огнен Јакасановски, кој пред неколку години дипломираше на Фармацетскиот факултет во Скопје, за денес да биде веќе докторант на Љубљанскиот факултет, веќе професионално работи за Лек Љубљана, а пред неколку денови во годишниот натпревар на Американската стопанска комора во Словенија за амбициозни млади луѓе, меѓу двесте претставници на елитни приватни претпријатија во Словенија, го освои третото место. Ете, толку се квалитетни нашите млади луѓе.

Од друга страна, од поголемиот дел од нашите студенти не правиме доволен квалитет. Во право се оние што не критикуваат. Ние треба многу повеќе да работиме не само со телентираните студенти, туку со мнозинството и нив да ги подготвуваме за сериозни работни ангажмани, и теоретски но многу повеќе практично. Она што го прави Германската стопанска комора во РС Македонија е од исклучително значење за нас. Знаете, вечната дилема е дали ќе произведувате кадри со поширока образовна основа, што е потешкиот случај, или ќе се концентрирате на специјализиција и на потесните области. Од една страна, државите што го направиле првото, денес котираат високо на светските ранг листи и се меѓу првите на ПИСА тестирањата. Тоа е примерот со Скандинавските земји. Од друга стрна земјите што го прават второт, како Германија, Автрија и Швајцарија, имаат извонредни образовнаи системи кои интензивно соработуваат со стопанството. Значи треба д а одлучиме, првото или второто, импровизациите долгорочно не носат резултати.

Бевте скоро една година дел од МОН. Кои беа главните причини поради кои си дадовте оставката од позицијата  заменик-министер за образование? Колку вети, а колку направи актуелната власт за образованието да се „извади од калта“?

Главната причина за моето заминување од МОН и мојата оставка беше тоа што Министерот за образование и неговиот тим не беа заинтересирани за суштински промени во образованието. Не можев да се помирам со фактот што со месеци ништо не се случуваше. Тоа беше истакнато и во мојата писмена оставка.

Новиот Закон за високо образование се коси со препораките што ги даде ЕУА (Асоцијација на европски универзитети) кога во текот на 2017 изврши втора последователна евалуција на УКИМ, вели актуелниот ректор. Како вие го оценувате ЗВО?

– Јас бев дел од Комисијата за евалуација на УКИМ во 2012 година во времето на ректорот Велимир Стојковски. Направивме одличен извештај, кој беше јавно објавен и кој даваше надеж за добри процеси, но кој, исто така, ги детектираше слабостите на Универзитетот. Особено лошата старосна структура на УКИМ и недоволната меѓународна мобилност на професорите и на студентите. Што се случуваше потоа, не знам. Зошто бродот престана да плови или зошто е насочен во погрешна насока не знам. Анализите што ги направи Независниот академски синдикат детектираат многу слабости. Јас мислам дека новиот Закон за образование е многу подобар во споредба со стариот Закон за високо образование. Но ова се само можности. Ако во некоја евалуација се идентификуваат слабости или проблеми, ние треба да ги решаваме.

Изминативе месеци откако се појави пандемијата со коронавирусот, образованието продолжи да се одвива во домашни услови. Едно ваше видување за тоа дали беше добро спроведена онлајн-настава, воедно ако се појави уште еден нов бран постои можност повторно учениците и студентите да следат настава и полагаат испити од дома.Што би требало да се воведе и олесни ако имам слична ситуација?

– Нашиот образовен систем не беше подготвен ниту за онлајн настава ниту за онлајн оценување. Јас ова прашање веќе го објаснив во 2-3 интервјуа и не сакам да се повторувам. Накусо, треба да се направат законски измени за „онлајн“ образованието законски да се регулира. Тоа е строга материја. Ова е задача на МОН и на Владата. И потребно е од страна на образовните иснтитуции да изработат протоколи и правила и за онлај  настава и за онлајн оценување. Сето ова е една одговорна и сложена задача, но мора да се направи за да се подготвиме за идната академска година. Никому не е лесно во оваа состојба.

Б.М.

Слични содржини