Интервју со Цеков: Формирањето анкетна комисија за Кочани би било логичен чекор за транспарентноста и објективноста во истрагата, со оваа трагедија не смее да има импровизации

Во однос на гласините за предвремени избори, сметам дека не постои потреба да се оди на парламентарни избори, бидејќи Владата има поддршка од скоро 2/3 од пратениците, а нема притисок и потреба од граѓаните за предвремени избори, вели Цеков во интервјуто

од Љубиша Владимиров
304 прегледи

Формирањето анкетна или надзорна комисија би било логичен чекор за транспарентноста и објективноста во истрагата за трагедијата, бидејќи со оваа трагедија не смее да има импровизации. Доколку институциите немаат што да кријат, тогаш треба да се разгледа составот на комисијата, која би вклучувала група експерти, како домашни така и меѓународни, со цел да се демантираат обвинувањата за селективност. Тоа е легитимен механизам во едно демократско парламентарно општество, вели во интервју за „Локално“ пратеникот од движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Миле Цеков.

На прашањето за лидерската средба помеѓу Мицкоски и Филипче, Цеков истакна дека ако оваа средба е чекор кон постигнување поширок национален консензус и единство за клучни реформи, присуството на сите лидери на парламентарните партии е неопходно. Тој нагласи дека различните перспективи и соработка меѓу сите политички субјекти се од суштинско значење за создавање стабилна и функционална политика. Според Цеков, недостигот на соработка може да доведе до затегнување на политичките односи и да ги отежни процесите на реформите.

„Оваа средба на најголемата партија во власта и најголемата партија во опозиција, ако се работи за чекор кон постигнување поширок национален консензус и единство за клучни реформи, требаше да биде присутна со сите лидери на парламентарните партии“, изјави Цеков.

Цеков истакна дека тарифите кои ги воведе САД значително го зголемија ризикот од глобална економска рецесија, наведувајќи дека според банката JP Morgan, веројатноста за таква рецесија сега изнесува околу 60%.

Тој потсети дека, иако САД е наш сојузник во НАТО и клучен партнер во областа на безбедноста, таа не е наш клучен економски партнер. Цеков додаде дека, иако не се знае дали тарифите ќе останат трајни или ќе се менуваат, тие укажуваат на потребата да размислиме за одредени технолошки зависности од САД и за тоа како ќе се менува улогата на САД во Европа и на Балканот.

„Тарифите кои ги воведе САД го зголемија ризикот од глобална економска рецесија, а според банката JP Morgan, веројатноста за глобална рецесија сега изнесува околу 60%. Иако САД е наш сојузник во НАТО и клучен партнер во областа на безбедноста, факт е дека САД не е наш клучен економски партнер“, оцени Цеков.

Речиси една година на власт ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ-ВЛЕН. Каде ги гледате вашите најголеми успеси како коалиција досега?

Најпрво сакам да посочам дека изнесувам ставови како пратеник и лидер на општинската организација на ЗНАМ за Наша Македонија Струмица. Првиот голем успех на оваа влада беше ставањето на ДУИ во опозиција, со што се овозможи и истражување на криминалите на функционери како Артан Груби, за кој сакам објективно да верувам дека ќе се врати и ќе ја докаже својата невиност. Впрочем, не само тој, туку и многу други високи функционери за кои се виде дека никој не понесе одговорност за организираниот политички криминал во изминатите 33 години. Вториот успех беше изнаоѓање средства за обезбедување плати на илјадници вработени, кои претходната влада ги остави без планирани средства, како што беа вработените во Национални Шуми, Пошти и слично. Трет успех е покачувањето на платите на граѓаните вработени во МВР, здравство, образование, како и покачените пензии. Меѓутоа, сметам дека може и треба да се направи многу повеќе, како на пример со дел од кредитот што се задолживме од Унгарската банка, наменет за стопанството. Постои перцепција дека средствата не стигаат до производствените микро, мали и средни компании, и во таа смисла сметам дека требаше да се оневозможи аплицирањето на компании каде што нема додадена вредност, како на пример производството на фотоволтаици за продажба на струја. Лично сметам дека треба поголем фокус да се стави на економијата, односно инфраструктурата и капиталните инвестиции. Во делот на патната инфраструктура, Југоистокот е заборавен во последните 30 години. Затоа јас уште на почетокот покажав дека оваа власт треба да донесе промени и со мој личен пример. Јас се откажав од надоместок за патни трошоци. Поднесов амандмани за буџетот и барав средства за патот Смоквица-Валандово-Струмица-Ново Село. Иницирав ставање во функција на системот Ѓавато, а Ивана Гиновска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина, и министерот Изет Меџити презедоа сè за да се стави во функција овој систем и да се спаси Дојранското Езеро, и тоа е реализирано. Се борам да бидат заштитени земјоделците од некоректни трговци. Во наредните денови ќе поднесам неколку предлог-закони во делот на земјоделството. Се борам за заштита на Беласица и сум против отворање рудници на Огражден. Всушност, сакам да покажам дека граѓаните заслужуваат политичари и власт кои ќе го работат тоа што го ветиле во изборната кампања – власт која ќе служи на граѓаните и која нема да се отуѓува од народот.

Мицкоски и Филипче на тет-а-тет средба во четвртокот, без коалициските партнери, со епилог „се договоривме, да се договориме“. Како ЗНАМ гледа на оваа средба и зошто беа исклучени Албанците од неа? Од опозициската ДУИ велат дека иницијативата укажува на тренд на етничко моделирање и исклучување на Албанците од клучни одлуки? 

Многу интересно прашање и отвара простор за различни интерпретации. Оваа средба на најголемата партија во власта и најголемата партија во опозиција, ако се работи за чекор кон постигнување поширок национален консензус и единство за клучни реформи, требаше да биде присутна со сите лидери на парламентарните партии. Доколку тоа е целта, и во некоја следна средба се вклучат повеќето лидери на парламентарни партии, тогаш оваа средба е оправдана и полезна. Меѓутоа, ако во дискусијата и одлучувањето не се вклучат повеќето парламентарни партии, тогаш овој политички процес може да има и негативни ефекти, бидејќи во една коалиција довербата и координацијата се клучни. Следствено, со сигурност во политичката дискусија треба да бидат вклучени и политичките партии кои ги претставуваат нашите сограѓани Албанци.

Шеесетата жртва од пожарот во Кочани, денеска соопшти министерот Таравари. Во јавноста се дебатира за начинот на кој се води истрагата и за селективноста во однос на одговорноста, односно дека недостасуваат клучни лица од актуелната власт во обвинителните акти. Како се води истрагата по ваше мислење досега и дали гледате селективност и мешање на власта?

Можеби ова е најважното прашање во поновата историја на државата, и со право јавноста очекува брза правда и одговорност. Истрагата се наоѓа под сериозен фокус на јавноста, и сето тоа со право. Истражната постапка сè уште трае, а бидејќи истата е тајна, не сум во можност да изнесам добро аргументиран и јасен став. Истрагата ја води обвинителството, а јас, како дел од законодавната власт, можам да иницирам парламентарен надзор во нивната работа. Како пратеник и граѓанин, сметам дека јавната дебата и притисокот се нормален дел од една демократија. Јавната дебата е контролен механизам на извршната и судската власт, а јавната перцепција дека постои селективност заслужува внимание од политичарите и судската власт. Во вакви случаи, државата треба да покаже сила преку институциите, а не преку политичко влијание. Доколку правосудните инстанци не го решат овој случај, тогаш ќе се поткопа идејата за правна држава.

Би се согласиле ли за Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, за да се демантираат оние кои велат дека ова е политички воден процес? Многумина се зачудија и поради фактот дека премиерот сега го фали Обвинителството, против кое сакаше да „извади народ на улица“ само недела претходно…

Секако дека би се согласил со формирање анкетна комисија за надзор за да се заштитат интересите на граѓаните. Јас сум претставник на граѓаните и сакам да ги заштитам нивните интереси. Со ова прашање нема простор за политика, туку мора да се мисли само на законитост и правда за загинатите и нивните семејства. Децата во дискотеката беа мои сограѓани, а виновните за нивната смрт мора да одговараат. Формирањето анкетна или надзорна комисија би било логичен чекор за транспарентноста и објективноста во истрагата за трагедијата, бидејќи со оваа трагедија не смее да има импровизации. Доколку институциите немаат што да кријат, тогаш треба да се разгледа составот на комисијата, кој би вклучувал група експерти, како домашни така и меѓународни, со цел да се демантираат обвинувањата дека станува збор за селективност. Тоа е легитимен механизам во едно демократско парламентарно општество. Доколку сметам дека нема правда, јас ќе го искажам својот став на говорницата во Собранието.

Се повеќе се слушаат барања за предвремени избори заедно со локалните. Очекувате ли двојни избори наесен и како ЗНАМ ќе се постави во таква ситуација? Дали партијата генерално се подготвува за изборите?

Партијата се подготвува за голем успех на локалните избори во повеќе општини и во минатите месеци беше фокусирана на создавање општински организации и проширување на истите преку формирање месни организации. Доста беше од истите партии и ликови на локално ниво, а всушност ништо не се менува. Нашите граѓани едвај врзуваат крај со крај, младите бегаат, а селата и градовите умираат. На Македонија, на локално ниво, конкретно во Струмица, ѝ треба нова сила, која нема да биде заложник на одредени моќници и на градежната мафија. Дополнително, имаме постојан раст на членството, а правиме и анализи за потребите на граѓаните со цел создавање на изборни програми кои ќе одговараат на потребите на мнозинството граѓани. Претседателот на партијата, господинот Максим Димитриевски, започна со циклус на посета на сите општински организации, што во моментот е во пауза поради трагичниот настан во Кочани.

Очекувате ли проблемите во ВЛЕН да доведат до повлекување и растурање на коалицијата? Што потоа?

Во моментов нема индикатори дека ВРЕДИ/ВЛЕН ќе ја напушти коалицијата. Нормално е дека во една коалиција со повеќе политички субјекти, како што е ВЛЕН, ќе има различни мислења и предизвици. Различните мислења во ВРЕДИ/ВЛЕН, како и меѓу коалициските партнери во власта, се нормален процес во една демократска власт. Додека има демократска дебата меѓу партнерите и мудроста преовладува кај клучните лидери, оваа коалиција ќе опстои, а предизвиците ќе бидат надминати.

Проблемите со безбедносниот систем и итната потреба од реформи ги нагласи уште повеќе последниот случај со оддавањето државни тајни од страна на обезбедувањето на премиерот. Дали земјата е како „Казабланка на Балканот“ во однос на странските служби?

Македонија несомнено во континуитет покажува дека безбедносните служби имаат проблеми предизвикани од неквалитетни законски регулативи, неквалитетен кадар или лош процес на избор на кадар, како и од недостаток на квалитетна контрола и надзор над безбедносните служби. Сведоци сме дека, од нашата независност, нашите безбедносни служби се во центарот на големи скандали. Доколку реформите на безбедносниот систем повторно ги спроведува кадар кој е воспитан и едуциран во поранешниот еднопартиски систем, кој нема познавања од новите технологии и не покажува приврзаност кон демократските вредности, нема да добиеме безбедносен систем наменет за иднината на една модерна демократска европска држава.

Европскиот пат на земјата не е помрднат од место откако сте на власт. Имаше некакви обиди од вашиот албански партнер да наметне 6 месеци за изгласување на уставните измени и за откочување на процесот, но и тоа не се случи. Од друга страна, видовме дека Мицкоски го „запоседнува“ американскиот простор, барем според негови зборови, и дека надворешната политика ја гравитира на оската Белград-Будимпешта. Се сложувате ли како партнер со овој надворешно-политички правец на државата?

Ние сме НАТО, патот на Македонија е кон ЕУ, а наши важни сојузници се САД и Обединетото Кралство. Најголема трговска размена имаме со ЕУ, која е и најголем инвеститор во Македонија. САД е клучен партнер за нашата национална безбедност и борбата против организиран криминал. Србија е наш сосед и значаен трговски партнер, а Унгарија е членка на ЕУ која обезбеди голем кредит за нашата држава. На крај, ние сме независна држава која треба да се фокусира на тоа како да ги постигне своите надворешно-политички цели и да биде демократија во која ќе владее правото и во која граѓаните ќе живеат во економска благосостојба. Во таа насока, ЗНАМ за Наша Македонија пред изборите започна дискусија за уставни измени со одложено дејство, но секако ние сме отворени за други предлози за кои може да има национален консензус. Сметам дека поставувањето рокови може да ја ослаби нашата позиција, но темата не смее да биде затворена. Исто така, факт е дека решението за сегашната состојба зависи од постигнување широк консензус помеѓу политичките партии.

Студен туш се чини стигна веста дека „најголемиот пријател на Македонија“ ни става 33 отсто царини на увоз на стоки, едни од најголемите на Балканот, откако Косово и Албанија добија само пријателски 10%. Иако нас треба да не плашат царините од 20 отсто наметнати на ЕУ, како ја коментирате одлуката на „пријателската земја“ и „главен стратешки пријател“?

Тарифите кои ги воведе САД го зголемија ризикот од глобална економска рецесија, а според банката JP Morgan, веројатноста за глобална рецесија сега изнесува околу 60%. Иако САД е наш сојузник во НАТО и клучен партнер во областа на безбедноста, факт е дека САД не е наш клучен економски партнер. Затоа, за нас се поважни тарифите кои ги воведе САД за ЕУ, кои влијаат не само на нашата трговија со ЕУ, туку и на европските компании кои делуваат во нашите технолошко-индустриски развојни зони. Иако не знаеме дали тарифите ќе останат трајни или ќе се менуваат, тарифите на САД покажуваат дека треба да размислуваме и за одредени технолошки зависности од САД и за тоа како ќе се менува улогата на САД во Европа и на Балканот. Ваквите анализи и проценки ни се неопходни за да се донесат навремени и квалитетни политички одлуки.

Како според вас треба Македонија да се постави во целите овие геостратешки превирања? Ниту во соседството не цветаат рози, откако Србија и БиХ исто така ги тресат политички немири, а светот е во очекување што ќе се случува со Украина?

Македонија во своите стратешки документи посочува дека членството во ЕУ е клучен приоритет. Доколку не постои оваа цел, со сигурност ќе има разидување меѓу двете најбројни етнички групи во земјата. Затоа, членството во ЕУ е клучен фактор за внатрешна стабилност. Имајќи го ова во предвид, Македонија, како иднен член на ЕУ, треба да биде блиска со основните две членки на ЕУ, Франција и Германија, а надворешната и одбранбената политика да ни биде усогласена со надворешната и одбранбената политика на ЕУ. Доколку се поставиме на друг начин, патот кон ЕУ ќе изгледа како да нема крај, а ние ќе се соочиме и со внатрешни меѓуетнички тензии. Ние треба да се подготвиме за идни безбедносни кризи, хибридни и конвенционални војни во кои ќе се користат нови технологии. Во Србија има масовни протести кои траат со месеци, во БиХ има политичка криза поради пресудата против Милорад Додик, а во Косово е прашање дали ќе има стабилна влада која ќе може да трае повеќе од една година. Не треба да се заборави и дека во Романија имаше протести во поддршка на про-руски политичар, на кој му беше забрането да учествува на претседателските избори, во Турција беше уапсен лидерот на опозицијата, а Унгарија има ставови различни од остатокот на Европа во однос на надворешната политика на ЕУ. Сите овие тензии имаат и своја поврзаност со војната во Украина и обидот на Русија да го редефинира гео-политичкиот простор на Европа. Оваа нестабилност во Европа треба да ни биде поттик за развој на кохезијата на нашето општество, како и да го оспособиме нашиот одбранбен и безбедносен сектор за идните војни. Посакувам да видам дека имаме модерна одбрана, способна да делува во сајбер просторот и подготвена за војни во кои ќе се користат дронови и роботи. Наместо бескрајни дискусии за тоа како се менува меѓународниот поредок, треба да преземаме ефективни чекори за да станеме подготвени за заканите во иднината. Ако ја сакаме Македонија, треба да се подготвуваме да ја браниме од сите закани во иднината.

Д.Ѓ

Слични содржини