Интервју со Цеков: Не сум против да бидат внесени Бугарите, Хрватите и Црногорците во нашиот Устав, но со заштитени национални и идентитетски интереси

„Во нашата парламентарна практика ретко се случува пратеник од владејачкото мнозинство да гласа поинаку од официјалниот став, но тоа не е проблем туку израз на демократски капацитет“, вели пратеникот за „Локално“ откако во јавноста се шпекулира дека ќе настапува како независен во иднина...

од Nikola Popovski
169 прегледи Фото: Фејсбук/Миле Цеков

„Мојот став е непроменет конзистентен и принципиелен, а тоа дека како демократ кој ги почитува човековите и малцинските права, апсолутно не сум против да бидат внесени Бугарите, Хрватите, Црногорците во нашиот Устав, но со заштитетни национални и идентитетски интереси. Повторувам со јасни заштитетни национални и идентитетски прашања. Исто така како демократ сакам мојата држава Македонија да влезе како полноправна членка во Европската Унија со јасен и чист македонски јазик култура и идентитет. Всушност тие теми не се за преговарање, тие се темелот на нашето постоење“, вели пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков во интервју за „Локално“ за европскиот услов за Македонија кон отворање на преговорите со Унијата. Колку за потсетување, пратеникот на Комисијата за финансирање и буџет го поддржа предлог-законот за зголемување на минималната плата, иако останатите пратеници од владејачкото мнозинство не застанаа зад тоа решение.

Во однос на реакциите од раководството на ЗНАМ, Цеков вели дека најважни се реакциите на граѓаните, бидејки, како што вели, јас гласав за работниците , но секако дека имаше реакции и од раководството што е очекувано, но потенцирам само во делот за минималната плата.

За шпекулациите во јавноста дека можно е во иднина да делува како независен пратеник, членот на ЗНАМ посочува дека во нашата парламентарна практика ретко се случува пратеник од владејачкото мнозинство да гласа поинаку од официјалниот став, но тоа не треба да се гледа како проблем туку како израз на демократски капацитет и одговорност.

„Ако навистина сме трета економија во Европа според раст на БДП, тогаш зошто да не бидеме први на Балканот според висината на минималната плата. Со 400 евра младите нема да останат во Македонија. Македонија не може да биде силна со сиромашен народ“, вели Цеков околу неговиот став за зголемување на минималната плата.

Многу полемика во јавноста предизвикавте со изјавата за уставни измени пред речиси една недела. На прашањето „доколку сега се стават уставните измени на седница, како би гласале“, вие велите „немам ништо против да гласам и не губиме ништо со тоа“, додавајќи за „јасна временска рамка и последни барања“. Подоцна во објава на социјалните мрежи, порачавте „сметам дека мојата изјава е извадена од контекст“. За да се расчистат дилемите – дали европскиот услов Бугари во Устав треба што поскоро да биде пред пратениците за гласање?

-Чувствувам одговорност и обврска пред граѓаните, јасно да го повторам мојот став, но и да ја расчистам дилемата во однос на уставните измени бидејки изминатите денови мојата изјава беше делумно пренесена и предизвика одредени различни толкувања и впечатоци. Имено, мојот став е непроменет конзистентен и принципиелен, а тоа дека како демократ кој ги почитува човековите и малцинските права апсолутно не сум против да бидат внесени Бугарите, Хрватите, Црногорците во нашиот Устав, но со заштитени национални и идентитетски интереси, повторувам со јасни заштитетни национални и идентитетски прашања.

Исто така како демократ сакам мојата држава Македонија да влезе како полноправна членка во Европската Унија со јасен и чист македонски јазик култура и идентитет, всушност тие теми не се за преговарање тие се темелот на нашето постоење. Потребно е Македонија да покаже зрелост и единство во еден од најважните моменти за својата иднина. Наместо продлабочување на внатрешните поделби и меѓусебни обвинувања, неопходен е отворен и конструктивен дијалог меѓу сите политички и општествени чинители, со цел да се изгради јасен и одржлив план за членство во Европската унија. Уставните измени не смеат да се сведат на одлука на поединци, туку треба да бидат резултат на широк консензус што ќе ги заштити националните интереси и ќе обезбеди стабилна европска перспектива. Истовремено, само преку дијалог и соработка на меѓународен план можеме да градиме доверба и партнерства што ќе ја зајакнат позицијата на државата и ќе го забрзаат нејзиниот пат кон Европа.

Вашиот став за уставни измени се разликува од ставот на  ЗНАМ. Од вашата партија минатата недела порачаа дека политичкиот субјект има демократски капацитет за да дозволи секој функционер од партијата понекогаш да има издвоено мислење. Каков е вашиот однос со сопартијците пред и по вашите изјави за ова клучно прашање?

-Моите различни ставови не се нови и не се сведуваат само на минималната плата. И претходно сум имал свои позиции за низа економски системски и идеолошки погледи, но што се однесува за уставните измени сметам дека нема разлика во ставовите. Мојот однос со сопартијците е коректен и професионален.

Дали имаше реакции од раководството на партијата на тоа што го кажавте?

-Во однос на реакциите , можам слободно да кажам дека најважни се реакциите на граѓаните, бидејки јас гласав за работниците, но секако дека имаше реакции и од раководството што е очекувано, но потенцирам само во делот за минималната плата, и сметам дека различни ставови секогаш ќе има, но тоа е дел од демократските вредности. За мене е важно што ставовите ги изнесувам јавно и принципиелно, ќе поддржам што е добро, а ќе се спротивставам кога е потребно.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Собрание

Портпаролот на ЗНАМ во изјава за нашата редакција рече дека „партијата не е како другите да ги исклучува членовите“, алудирајќи на потезите на СДСМ. Дали Цеков очекува и понатаму да биде дел од партијата на Максим Димитриевски и владејачкото мнозинство? Во јавноста се шпекулира дека ќе настапувате како независен во иднина…

-Јас сум дел од парламентарното мнозинство и делувам во рамки на Движењето ЗНАМ. Она што претставува императив за мене е дали сум доследен на принципите и ветувањата што сум ги дал пред граѓаните. Што се однесува за шпекулациите, сакам да истакнам дека во нашата парламентарна практика ретко се случува пратеник од владејачкото мнозинство да гласа поинаку од официјалниот став, но тоа не треба да се гледа како проблем туку како израз на демократски капацитет и одговорност.

Прашањето за минималната плата постојано е актуелно во јавноста, со оглед дека каскаме со регионот, а да не зборуваме со другите земји од Европа. Владејачкото мнозинство и понатаму „одбива“ да ја покачи, велејќи дека ќе поддржи се што ќе се договорат работниците и работодавачите. Каква порака се испраќа со ова, ако сме трета економија во Европа по раст на БДП?

-Македонија според Устав е социјална држава и од тие причини Владата не смее да се изземе или да остави да се договорат послабиот со посилниот. Ако навистина сме трета економија во Европа според раст на БДП тогаш зошто да не бидеме први на Балканот според висината на минималната плата. Со 400 евра младите нема да останат во Македонија. Македонија не може да биде силна со сиромашен народ.

Видете вака, ајде да ја согледаме економската теорија и праксата, точно е дека во економска теорија растот на платите треба да го следи растот на продуктивноста, но во пракса постои јаз помеѓу создадената вредност и нејзината распределба.

Кога зборуваме за тоа дали платите треба да бидат пазарна категорија мора да ги анализираме и следните факти. Според податоците од меѓународната организација на трудот, продуктивноста на македонските работници во 2025 година изнесува околу 34 долари по работен час што е повеќе од земји како Србија, Албанија, БиХ, Црна Гора. Всушност, тоа значи дека нашиот работник создава високав редност, но не ја добива правично односно имаме дисбаланс во распределбата.

Платите во суштина се пазарна категорија, но кога растат трошоците за живот кога животниот стандард е далеку под европскиот и сега дополнително со последиците од војната на Блискиот Исток, сметам дека државата постои да помогне токму во овие моменти и да интервенира одговорно и рационално. Затоа предлагам Владата да ги покрие разликата во придонесите на тој начин ќе се заштитат и работниците, а во исто време нема целиот товар да падне врз компаниите. Тоа е баланс помеѓу социјалната и економската одржливост.

Впрочем и стопанските комори укажаа дека таков модел е прифатлив. Ако се држиме само до постојаното законско решение, проекциите покажуваат дека минималната плата ќе достигне околу 500 евра дури во 2028 год. Но реалноста не чека, веќе имаме сигнали за нови глобални енергетски и нафтени притисоци поради случувањата на блискиот исток што неминовно носи и инфлаторни ризици.

ДДВ-то за горивата намалено, но ценовниот притисок останува. Државните резерви за гориво и за струја се стабилни, велат надлежните. Ризици постојат, и ако треба, државата е подготвена за повеќе системски мерки. Доволни ли се овие мерки од Владата за кризната состојба или можеби треба да се применат и останати како што бараат од опозицијата како намалување на акцизата за 4 денари, 0% ДДВ на основните производи и преполовување на патарините?

-Секоја мерка што има за цел да го ублажи ценовниот притисок врз граѓаните е добредојдена, вклучително и намалувањето на ДДВ на горивата, но суштински е дали мерката е доволна и навремена, бидејки тоа делумно и привремено го амортизира ударот од енергетската глобална криза. Проекциите од ММФ и Европската централна банка се дека овој геополитичка, енергетска криза, директно и индиректно ќе влијае врз проектираниот економски раст, инфлацијата , животниот стандард. Некои соседни земји, но и Хрватска донесоа пакет мерки и за земјоделците, затоа ке мораме и ние да интервенираме во тој сектор бидејки покрај импутот нафта кај земјоделците кој сега е зголемен, истовремено има раст на цените и на репроматеријалите односно вештачките ѓубрива. Имајки го во предвид фактот дека инфлацијата најмногу ја чувствуваат граѓаните со најниски примања, неоходно е веднаш да донесеме сет таргетирани мерки кај најранливите категории, но истовремено и во делот на производство на храна и транспортот.

Се најавува владина реконструкција во периодот мај-јуни. Во последните месеци, најчесто споменувани во јавноста за смена се  министерот за социјална политика, Лимани, но и вашиот партиски колега министерот за правда, Филков. Дали очекувате големи корекции во ресорите и што би промениле тие? Може ли ЗНАМ да добие плус или да изгуби едно од двете министерства?

-Реконструкцијата на Владата е нормален процес во секоја држава и треба да се гледа низ призма на резултати и ефикасност а не на поединци. Граѓаните очекуваат подобар животен стандард, борба против корупцијата, функционални институции. Не би навлегувал во шпекулации околу конкретни ресори или кадровски решенија. За мене е поважно дали институциите ќе функционираат подобро и дали ке има поголема одговорност, на граѓаните не ги интересираат позициите и личностите, туку ефектите од политиките.

Н.П.