ИНТЕРВЈУ со Ганиу: Ахмети и ДУИ ќе одлучат дали ќе се кандидирам за втор мандат

За Мавровка уште од самиот почеток објектот беше прогласен за дивоградба со констатирана фактичка состојба од страна на градежниот општински инспектор во изготвениот записник врз основа на кој се донесе решение за негово уривање, По барање на асистенција од страна на Владата овој објект, кој ние уште од самиот почеток го третиравме како дивоградба со целосна навремено донесена документација за утврдување на нејзиниот бесправен статус се урна, вели во интервју за „Локално“, првиот човек на општина Чаир, Висар Ганиу.

Во рамки на доаѓањето на функцијата, Ганиу вели дека е искрен и истата ја добил во солидни финансиски, кадровски и просторни услови. Вели дека има одличен тим зад себе со кој реализирал досега голем број проекти, иако има уште предвидени проекти од предизборната програма.

Општината Чаир, како што посочува Ганиу, солидно се справува со битката против Ковид 19. Како некој кој веќе се судри со оваа болест, апелира до сите граѓани да бидат внимателни, бидејќи како што вели, се соочуваме со една од најгоемите закани по животот.

-Исто и во овој период, будно ја следиме ситуацијата и со Општинскиот Кризен Штаб спремни сме за соодветно дејствување согласно околностите кои ќе се појават и насоките кои ќе ги добиеме од Централниот Кризен Штаб и Владата на Република Северна Македонија“, вели тој во интервјуто.

На Али Ахмети и раководството на партијата ја остави одлуката, дали токму тој ќе ја трча и втората трка за мандат во општина Чаир и потсети дека моментално е посветен на својата мисија и проектите предвидени со програмата која ја презентираше пред стартот на неговиот мандат во 2017 година.

Во каква состојба ја затекнавте општина Чаир, односно во какви финансиски, кадровски и просторни услови?

-Најпрвин ви благодарам за поставените прашања. Општина Чаир ја затекнав во солидни финансиски, кадровски и просторни услови. Тоа беше добра основа за започнување на мојот мандат. Како градоначалник имав доволно време за согледување на фактичката состојба, спроведување на анализа за потребите од интервенција во одредени области и секако за изградба на еден одличен тим на кој најважен работен принцип им е зголемувањето на нивото на транспарентност. Токму од оваа солидна појдовна точка успеавме да реализираме голем број на проекти, да го слушнеме прецизно гласот на народот и да интервенираме согласно потребите на граѓаните. Ние сме избрани од нив и должни сме да дадеме отчет за работата која секојдневно ја вршиме во нивна служба.

Може ли како некој кој беше најмногу засегнат од дивоградбата кај Мавровка, да споделите со каква документација располагавте, и што беше дискутабилно и каде увидовте неправилности?

-Во врска со случајот кај Мавровка уште од самиот почеток објектот беше прогласен за дивоградба со констатирана фактичка состојба од страна на градежниот општински инспектор во изготвениот записник врз основа на кој се донесе решение за негово уривање. Се објавија четири неуспешни постапки за јавни набавки на кои требаше да се избере економски оператор за уривање на бесправно изградени објекти на територија на Општина Чаир, но во ниедна од нив не беа поднесени понуди и покрај тоа што не беа поставени никакви посебни критериуми освен стандардните согласно Законот за јавните набавки. На крај, по барање на асистенција од страна на Владата овој објект кој ние уште од самиот почеток го третиравме како дивоградба со целосна навремено донесена документација за утврдување на нејзиниот бесправен статус се урна. Нашиот став во врска со тој објект беше јавно искажан и на официјалната одржана прес конференција. Во врска со целокупната документација донесена од наша страна се произнесе и Државниот Градежен Инспекторат кој нормално го утврди законското постапување на овластениот општински градежен инспектор.

Со оглед на тоа дека бевте позитивен на Ковид 19, каква е состојбата во општината и што преземате за решавање, за заштита и безбедност од коронавирусот?

-Моментално ситуацијата со вирусот Ковид 19 во Општина Чаир е под контрола. Показател за тоа е намалениот број на активни случаи на заболени во споредба со претходниот период. Сметам дека Општинскиот Кризен Штаб одлично се справува со целата ситуација следејќи ги упатствата од централниот кризен штаб и усвоените протоколи од страна на Владата на Република Северна Македонија. Во поглед на мерките кои како единица на локалната самоуправа ги имаме преземено ги истакнувам:

– дезинфекцијата и миењето на улиците на територија на Општина Чаир
– дезинфекцијата на влезовите на зградите
– постојано упатуваме апел до граѓаните за носење на заштитните маски
– обезбедивме како донација голема количина на заштитни маски кои беа распределени на граѓаните, но и на службениците кои беа во првата борбена линија со вирусот: полицијата, брзата помош и пожарникарите;
– интензивно остваруваме контакт со Секторот за Внатрешни Работи – Скопје (СВР – Скопје) за подигнување на нивото на свеста за носењето на заштитните маски и спречување на масовните собирања.

Исто и во овој период, будно ја следиме ситуацијата и со Општинскиот Кризен Штаб спремни сме за соодветно дејствување согласно околностите кои ќе се појават и насоките кои ќе ги добиеме од Централниот Кризен Штаб и Владата на Република Северна Македонија.

Вистина е дека јас бев позитивен на вирусот и затоа сакам да ја искористам оваа прилика и да им апелирам на сите мои сограѓани да бидат внимателни кон нивното здравје и здравјето на нивните најблиски. Се соочуваме со една од најголемите закани кон нашите животи. Сведоци сме на многу случаи кога ги губиме нашите најблиски, затоа носете заштитна маска, не се групирајте и не се изложувајте на ризик. Заедно ќе го поминеме и овој предизвик со трпение и принципиелна грижа кон нашата здравствена благосостојба.

Кои се приоритетите на општина Чаир, во последниот период од мандатот?

-Во последниот период од мандатот како најважни приоритети се подобрувањето на патната инфраструктура во многу делови од Општина Чаир, изградбата на новата детска градинка, уредување на нови паркинг зони преку проширување на постоечките и изградба на катни гаражи, како и многу други проекти за кои навремено ќе ги известиме граѓаните за почетокот на нивното извршување.

Дали Вие како градоначалник размислувате за втор мандат, односно кандидатура на следните локални избори?

-Моментално сум максимално посветен на мојата работа во служба на граѓаните исто како и првиот ден кога ја започнав оваа мисија. Одлуката за тоа дали повторно ќе се кандидирам ќе ја донесат органите на партијата и лидерот Али Ахмети! Се разбира моја желба е да продолжам затоа што сметам дека имам уште многу да понудам за реализирање на нови проекти кои ќе произлезат се разбира од гласот на народот.

А.В.

 

Слични содржини