ИНТЕРВЈУ со Герасимовски: Сѐ што ќе правам ќе им овозможи подобра иднина на сите жители на Центар

од Vladimir Zorba

Подготвен сум целосно да се вложам во служба на граѓаните и сум сигурен дека центарци токму ова ќе го препознаат. Населбата ја познавам многу добро, тука сум пораснат и тука живеам заедно со сопругата и синовите. Така што сè што правам, ќе им овозможи подобра иднина на сите жители на Центар, но и на моите најблиски, вели во интервју за „Локално“ кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски.

За работата на се уште актуелниот градоначалник Саша Богдановиќ, со кој доаѓаат од иста партија, смета дека „имал успешен мандат и сработил многу“, но останале и проблеми на кои ќе мора интензивно да се работи во следниот период.

На центарци им ветува дека во никој случај нема да дозволи злоупотреба и прекумерно градење на штета на граѓаните, без почитување на сите законски прописи и обезбедување соодветни услуги за квалитетен живот во секоја населба.

-Мој приоритет како градоначалник е да се создадат населби кои ќе понудат услови за квалитетно секојдневие на жителите, притоа земајќи ги превид нивните потреби за образование, социјални услуги, култура, рекреација, вели Герасимовски.

Во однос на неговите шанси да го замени Богдановиќ на чело на Општината, оптимистички најавува голема победа уште во првиот круг.

-Врз основа на сето она што недостасува и сите барања кои ги имаме примено, креиравме програма во која секој ќе може да се препознае, истакнува кандидатот за градоначалник на Центар во интервјуто.

Ја добивте поддршката од вашата матична партија СДСМ за кандидатурата за нов градоначланик на општина Центар. На оваа позиција претендирате да го замените вашиот сопартиец, па како ја оценувате работата на актуелниот градоначалник Саша Богдановиќ во изминативе години?

-Центарци знаат дека Богдановиќ презема храбри чекори во делот на спречување на непланското градење и успеа да спречи изградба на мегаломански градби кои ги наследивме од ВМРО-ДПМНЕ. Како градоначалник иницираше и започна низа проекти кои во следниот мандат ќе ги завршиме, бидејќи се значајни за подобар живот на центарци. Затоа сметам дека имаше успешен мандат и сработи многу. Но, секако останаа и проблеми на кои ќе мора интензивно да работиме во следниот период. Потребно е зајакнување на комуналните служби, што ќе го постигнеме преку проширување на дејноста на јавното претпријатие ПОЦ. Со овој потег општината ќе стекне поголема самостојност и ќе има капацитет да обезбеди чисти улици, паркови и јавни површини на целата своја територија. Ќе вложиме и во обезбедување нови паркинг места, што е горлив проблем за жителите, земајќи предвид колку е фреквентна општината. Тоа што сакам да потенцирам е дека ги мапиравме проблемите во секое маало и врз основа на овие сознанија ја изработивме програмата. Токму затоа знам дека ние ја имаме најдобрата понуда за Центар за следните четири години.

Еден од проектите кои ја кренаа јавноста на нозе е изградбата на високатниците кај „Холидеј ин“. Додека поголемиот дел од активистите со сите сили се борат против градење на ова земјиште, локалните жители бараат нормални животни услови и домови. Каков е вашиот личен став по ова прашање?

-Прво, деталниот урбанистички план за тој простор е едно од монструозните наследства на ВМРО-ДПМНЕ со кои се боревме изминатите четири години. Исто така, тоа е простор каде локалната власт успеа да постигне максимум во однос на заштита на јавниот простор, земајќи  предвид дека станува збор за приватно земјиште. Ако сте го следеле случајот, ќе знаете дека таму катноста е намалена дури за  три пати како резултат на  максималните напори на локалната власт. Понатаму, предвиден е парк во големина од 8000 м2, што е практично површина колку плоштадот Македонија, кој треба да биде изграден од инвеститорот. Јас ќе инсистирам ова ветување  до милиметар да се реалзизира и да се направат соодветни измени на ДУП-от затоа што тоа е значајно за скопјани. Дополнително, инвеститорот се обврза и да го уреди просторот покрај кејот, со што ќе се добие една целина со сега веќе уредениот кеј во потегот од мостот до плоштад.

Во однос на самиот случај општината направи сè што е во нејзина надлежност и моќ да го сопре градбите. Повторувам, станува збор за приватно земјиште и не може да се суспендира правото на сопственост, тоа е уставно загарантирано право. Впрочем, два пати Уставниот суд го поништуваше мораториумот во општината од исти причини, а властите можеа да се соочат со огромни казни, па и затвор за поединци доколку се продолжеше во таа насока. Буквално сите механизми  беа исцрпени.

Од друга страна, како човек од Центар кој добро ги познава проблемите на жителите, би рекол дека она што им се прави на жителите на Ново маало кои живеат таму со години е навистина нехумано и го разбирам нивниот револт. Тие живеат во услови од минатиот век, без канализација во сред центарот на градот. На крајот на денот, зошто жители во другите општини имаат право да градат на сопствено земјиште нови куќи или згради, а овие од Ново маало немаат. Тоа ниту е законски, ниту е фер кон нив. Во однос на ова прашање доцна е да се дискутира за лично мислење, и секој што ќе одговори поинаку има само една цел – да собира ситни политички поени, при тоа знаејќи дека не може законски ништо да измени, Или само во предизборие да вети, знејќи дека сè ќе остане исто. Јас тоа не го правам, влегувам во овој изборен циклус искрено и отворено. ДУП-от е одамна донесен, комуналиите се веќе платени. Она што можеме реално да го направиме е хуманизација на јавниот простор, со што локалните жители ќе добијат квалитетни услови за живот, а истовремено ќе успееме да издејствуваме повеќе зелени површини и други содржини кои доликува да бидат сместени во срцето на градот.

Уставниот суд го укина мораториумот, на сила повторно се урбанистичките планови кои голем дел од јавноста ги смета за криминални. Досега мал дел од плановите се ревидирани од вкупно над 30 спорни ДУП-ови, па дали очекувате целосно нивно решавање за Мораториумот да даде резултат? Дали тоа ќе биде оставштина за идниот градоначалник?

-ДУП-овите мора да се донесат, затоа што без разлика што сметам дека овој процес можеше да биде побрз, досегашните измени дадоа позитивен резултат. Така на пример оние кои што критикуваат дека не е направено доволно, треба да знаат дека со досегашните ревизии се зачуваа над 14.000 метри квадратни зеленило и тоа со носење на само девет ДУП-ови. Така што, она што дава резултати апсолутно ќе продолжиме да го правиме. Ќе направиме ревизија и на останатите ДУП-ови, но и тековно ќе се грижиме за хуманизација на јавниот простор и доследно почитување на законските прописи.

Инспекциските служби ќе бидат постојано на терен и строго ќе контролираат дали се почитува законскиот минимум од 20% на секоја градежна парцела, но и да се планираат соодветни капацитети за паркинг за секој објект. Понатаму, мора постојано да се има предвид обезбедување доволно места пред  образовните објекти и објектите за згрижување деца. Со овие девет ДУП-ови кои ги спомнав погоре, се овозможува изградба на пет нови детски градинки, два културни центри, а зачувани се детски, спортски игралишта и паркови, што значително ќе придонесе за квалитетот на животот во тие населби. Во следните четири години предвидена е изградба на најмалку две градинки, но ќе планираме средства и за нови градинки секаде каде што има потреба.

Како да се спречи непланското градење додека не се променат сите планови?

-Она што го ветувам е дека во никој случај нема да дозволам злоупотреба и прекумерно градење на штета на граѓаните, без почитување на сите законски прописи и обезбедување соодветни услуги за квалитетен живот во секоја населба. Мој приоритет како градоначалник е да се создадат населби кои ќе понудат услови за квалитетно секојдневие на жителите, притоа земајќи ги превид нивните потреби за образование, социјални услуги, култура, рекреација. Крајно време е урбанизацијата да престанеме да ја гледаме како работа која единствено припаѓа на стручните технички служби. Токму затоа, урбанистичкото  планирање го замислувам како еден инклузивен процес кој ќе се состои од стручната јавност и од граѓаните, повеќе општински сектори и секако нас, градоначалниците, како еден вид иницијатори на овој процес. Имаме и механизам како да се изведе овој процес, а тоа е пред се партиципативното стручно тело за урбанизам, кое ќе има клучна улога во мојот мандат. Се надевам дека овие тела ќе се зајакнат во сите општини и ќе прераснат во коректори на сите идни процеси.

„Скопје 2014“ остави траен белег на главниот град но и на Центар. СДСМ имаше двајца градоначаници по изминативе 8 години, а во овој период, голема дебата се водеше во однос на тоа дали дел од спомениците треба да се дислоцираат, дали некои да се рушат, а имаше и шпекулации за негово целосно легализирање.  Колку сепак успеаја тие да се спротистават и да го „демонтираат“ овој, како што го нарече Богдановиќ „криминален проект“?

-Штетата која ја направи ВМРО-ДПМНЕ со проектот Скопје 2014 никогаш нема да може целосно да се санира и ќе остане како црна дамка во колективната меморија. Но, ова треба да ни е лекција за во иднина. Никогаш да не дозволиме да се вратат. Ја слушам мојата против кандидатка од партијата на Солза Грчева, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, кажува дека таа била непријател на ваквото градење и тоа е навистина смешно. Таа има поддршка буквално од истите луѓе кои ги донесоа Центар и Скопје во ваква состојба. Бара поддршка од центарци со гласови од оние го осакатија градот, кои потрошија 680 милиони евра во мал ринг на стиропор и лажен барок. Истите луѓе се тоа, да не се лажеме. Оттаму навистина е смешно да слушаме што ВМРО-ДПМНЕ ќе направи за Центар и урбанизмот, затоа што меморијата центарци добро ги служи.

Во ревидираниот ДУП Мал Ринг,  кој ние го направивме, каде што се сконцентрирани најголем дел од градбите на Скопје 2014, ги нема сплавовите во Вардар, фонтана со споменик, како и дел од скулптурите. Трите неизградени сплавови нема да се градат. Отстранети се Шпански скали, за што се преземени соодветни дејства во ОЈО и покренати се обвиненија. Тоа го направи оваа власт. Благодарение на брзата реакција, го спречивме по мене најсмешниот и неполезеен проект од Скопје 2014, Панорамското тркало. Така што сметам дека навистина многу е веќе направено.

На земјиштето кај фабриката „Треска“ се планираат висококатници. Од урбанистичко-архитектонската фела велат дека конкурс за оваа локација е единствено исправно решение. Сметаат дека не треба по секоја цена да се форсира просторот да биде за домување, кое носи брз и лесен профит, туку треба да се бараат други содржини и намени за профитирање. Може ли Општината да пресече во овој случај иако претежно се работи за приватно земјиште?

-Ќе го слушам гласот на граѓаните и никогаш нема да дозволам просторот да биде „наметната“ населба. Токму затоа и се планира по пат на јавен конкурс, за што е прифатена е иницијатива на група граѓани и архитекти за урбанистичко уредување. Според моите сознанија, веќе се формирани комисија за јавна набавка и жири комисија за избор на идејно решение за локацијата.

Програмската задача што е креирана од стручната комисија ангажирана за изготвување на задачата, има цел да обезбеди комбинирани содржини, односно станбен и деловен фонд во рамнотежа со јавниот простор, како и нови содржини за изградба на нова детска градинка, придружни комерцијални и јавни содржини во функција на домувањето, содржини од областа на културата, зачувување на просторните маркери од локалитетот, зеленило со еколошка функција и одржливост во планирањето на сообраќајот.

Обезбедена е и ажурирана подлога, геодетска снимка на постоечките дрвја, односно 95 дрва се геореференцирани, нумерирани и фото-документирани. Дополнително е направена анализа на сопственоста на земјиштето и објектите, спроведени се нумерички анализи и анализи на планските документации. Јавниот конкурс завршува на први октомври и ве уверувам дека општината под мое раководство целосно ќе го почитува овој процес и отворено ќе го комуницира со јавноста во секој чекор.

Што мислите вие дека треба да се изгради на овој простор?

-Простор кој ќе биде соодветен за потребите на жителите и ќе понуди квалитетни содржини за сите оние кои ќе функционираат на него. На ова ќе инсистирам без отстапка.

Актуелниот градоначалник често е под напад од страна на ВМРО-ДПМНЕ поради низата проблеми со урбанизмот, сечата на дрва, но и слабата реализација на проекти. Колку се реални шансите за продолжување на владеењето на СДСМ во Центар?

-Не само што мислам дека имаме шанси, туку знам дека нè чека голема победа уште во првиот круг. Несомнено имаме најкавалитетна понуда, кадровска и во  проекти и желба за работа. Врз основа на сето она што недостасува и сите барања кои ги имаме примено, креиравме програма во која секој ќе може да се препознае. Подготвен сум целосно да се вложам во служба на граѓаните и сум сигурен дека центарци токму ова ќе го препознаат. Населбата ја познавам многу добро, тука сум пораснат и тука живеам заедно со сопругата и синовите. Така што сè што правам, ќе им овозможи подобра иднина на сите жители на центар, но и на моите најблиски.

Доколку бидете избран за следен градоначалник, што конкретно ќе и донесете на Општината? Кои ќе бидат вашите приоритети? 

-Јас и мојот тим ќе работиме според приоиртетите кои ги поставуваат самите граѓани. Општината ќе ја развиваме заедно со нив, земајќи ги предвид специфичните потреби на секоја населба.

Се фокусираме на чиста животна средина и подобрување на хигиената во општината. Со проширување на дејноста на ПОЦ во комунално претпријатие, општината ќе обезбеди чисти улици и паркови секаде и секогаш. Центар е место каде циркулираат огромен број граѓани и возила и мора да има многу добро организиран сектор за јавна хигиена кој тесно и ефикасно ќе соработува со комуналното претпријатие на Град Скопје.

Во приоритетите на новото раководство е подобрување на условите во образованието и инфраструктурата. Од инфраструктурни инвестиции предвидени се целосно нови градинки во населбите Пролет, Маџир Маало и Парк, како и доградба на училнишн простории со во ООУ Коле Неделковски. Моја посебна грижа ќе бидат младите, нивна поддршка и стимулација да напредуваат во секој аспект. Наше е да им обезбедиме услови. Токму затоа, силно ќе вложуваме во нивниот развој, обезбедувајќи финансика поддршка, но и подобри услуги на локално ниво.

Понатаму, значително ќе се подобри инфраструктурата, со посебен фокус на вело-патеките, а важен приоритет ќе биде обезбедување доволно и загарантирани паркинг места за центарци. Една од главните заложби, моја и на мојот тим, е ослободување и обновување на зелените површини во центарот на градот. Имајќи предвид дека Општина Центар е тежишна точка за дејствување на граѓанските организации, општината активно ќе се залага за соработка со овој сектор. За таа цел предвидуваме искористување на можностите кои ги нуди НВО секторот за неформално образование на младите, како и нивно вклучување во процесите на подготовка на политиките на локално ниво. Затоа што веќе не е доволно да зборуваме за транспарентност и отчетност, време е да го преземеме следниот чекор – а тоа е да водиме заедно со граѓаните.

Во рамки на комуникацијата со јавноста и локални партнери, ќе се посвети особено внимание на урбанизмот. Со плански развој и хуманизација на јавниот простор ќе се стремиме кон повисоки европски стандарди. Ќе бидеме отворена и транспарентна општина, секогаш достапна за граѓаните, нивните потреби и проблеми. Заради сè ова сум убеден дека Центар на 17-ти знае  за кого да гласа.

В.З.

Слични содржини