Амбициозните планови, квалитетот и „ослушнувањето“ на потрошувачите останува добитна комбинација на „Кожувчанка“ и во наредниот период. Заложбите се секогаш во насока на реализација на високо поставените стандарди, вели во интервју за „Локално“, сопственикот на компанијата, Митко Јанчев според кој новините се суштински дел од напредувањето .
„Ќе се стремиме кон поголем извоз на нашите производи, и да секако, не застануваме тука, ќе се започнат преговори со светски бренд на вода“, обелоденува Јанчев.
Како еден од најпрепознатливите претставници на бизнис фелата, односно некој кој има можност одблиску да ги согледа состојбите во домашното економско окуружување, сугерира дека има потреба од подобрување на работите. Во оваа насока, според него, државата треба да направи сосема нов бизнис план како за големите така и за малите бизниси и воопшто за економијата.
Во моментов, како што вели, се води борба за опстанок поради што е неопходно да се воспостави меѓусебна подршка и поголема доверба во системот.
Доказ дека промените се можни е самиот тој кој не само што се откажа од градоначалничката плата и секој месец ја уплаќа на сметка на фондацијата „Никола Јанчев“, туку е познат и по донации во сите сфери на опшеството.
„За мене е важно, се што работам да работам од срце и со љубов. Не сум човек што слепо ќе се држи до одреден политички став без разлика дали тоа е добро или не“, категоричен е Јанчев.
Со години наназад “Кожувчанка” е препознатлива како една од најуспешните македонски компании која своите производи ги извезува во Европа, Северна Америка и Австралија. Колку е “тешко’’ да се одржите на врвот и во која насока се вашите идни планови?
-Препознавањето на вистинските потреби на потрошувачите пропратени со исклучително добриот квалитет на сите наши производи кои континуирано се надградени со сите стандарди за квалитет како што се ISO, HASSAP и HALLAL е основната алка на задржување на континуитет во продажбата на пијалаци. Ние како компанија и понатаму овој сегмент ќе ни биде главна цел кон кои ќе се движат и сите наши инвестиции и планови.
Производството на вода како исклучително сериозен процес подразбира одговорност, а примарниот услов е довербата на консументот. „Кожувчанка“ е речиси секогаш првиот избор на македонската трпеза па оттука и прашањето колку сте задоволни од бројот на продадени шишиња, и тоа особено сега, во текот на летните жестини?
-Наша цел на која работиме со нашиот тим е да бидеме лесно достапни и видливи за потошувачите, и сметаме дека успеваме во тоа. Бројките се само параметри на тоа колку успеваме во тоа.
Успеавте да го привлечете светски познатиот бренд “Синалко” од Германија. Дали можеби размислувате во блиска иднина за слична соработа со уште некој бренд од оваа категорија?
-Ќе се стремиме кон поголем извоз на нашите производи, и да секако, не застануваме тука, ќе се започнат преговори со светски бренд на вода.
Имајќи предвид дека одамна сте дел од бизнис секторот, можете одблиску да ги согледате состојбите во македонската економија. Кои промени според Вас треба да се реализираат за да можеме да имаме многу поуспешно бизнис опкружување?
-Државата мора да направи сосема нов бизнис план како за големите така и за малите бизниси и воопшто за економијата. Ова што до сега се случува е на едно многу ниско ниво. Бизнисот трпи од ден во ден, се водат борби за опстанок, мора да имаме обострана поддршка и поголема доверба во системот.
Успевте да ги поврзете кариерите на бизнисмен и на градоначалник. Во кои полиња и каде се соочувате со вакви големи предизвици?
-Предизвикот беше огромен уште со мојата кандидатура за градоначалник за првиот мандат. Во првите денови од извршувањето на градоначалничката функција бев доста љубопитен, да се запознаам буквално со се што ќе ме опкружува наредните години. Прво треба да го запознаеш тимот со кој ќе работиш, а потоа со оглед на моите менаџерски способности лесно беше да се навикнеме едни на други и еве веќе втор мандат успешно функционираме. Да се биде градоначалник е привилегија навистина, но и огромна одговорност. Кавадарци, за среќа, изминатите години се движи по една нагорна линија а напредокот е очигледен. Целиот бенефит од сите проекти го уживаат граѓаните, тие се најважни.
Македонските општини, особено помалите се соочуваат со се поголем проблем на заминувување на населението во потрага по подобра егзистенција. Каква е состојбата во Кавадарци, и како според Вас може да се стопира овој тренд?
-Работиме многу на оваа проблематика. И тоа уште од корен што се вели. На успешните средношколци им доделуваме стипендии и им покажуваме почит. Овде се вклучува и фондацијата „Никола Јанчев“ која веќе 5 та години доделува стипендии на најдобрите средношколци. Со овој мал потег сакаме да им покажеме дека Кавадарци е тука за нив и сакаме нивниот успех да го остварат токму овде. Преку дуалното образование исто така се обидуваме да им пружиме можност за успех на средношколците кои сакаат да работат веднаш по матурирањето. Кавадарци има плодна почва за нови бизниси и доста млади се успешни бизнисмени. Трендот е во сезонското работење во летниот период надвор од нашата земја. Но тука младите сакаат и да истражуваат, се надевам дека нивните искуства ќе ги пренесат и во Кавадарци.
Се откажавте од градоначалничката плата која секој месец ја уплаќање на сметка на фондацијата „Никола Јанчев“. Познат сте по својата хуманост и борба за општествена одговорност,за донации во сите сфери на опшеството. Дали би се согласиле со констатацијата дека не сте типичен политичар?
-За мене е важно, се што работам да работам од срце и со љубов. Не сум човек што слепо ќе се држи до одреден политички став без разлика дали тоа е добро или не. Можеби поради тоа велат дека не сум типичен политичар. За мене вистината е една, моето мислење е едно и секогаш ќе го пофалам тоа што е за пофалба а ќе го критикувам тоа што не е добро, без разлика на партиска определеност. Кавадарчани знаат колку сум достапен за сите и како функционирам. Тоа сум јас , без разлика која функција ја извршувам.
К.В.С.