Интервју со Јовановиќ: Платформата 1.198 е бледа копија на програмите на ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски

од Vladimir Zorba

Економскиот аналитичар од Виенскиот институт за меѓународни студии, Бранимир Јовановиќ не штеди зборови на критика во однос на Платформата 1198 која како своја предизборна програма ја презентираше ВМРО ДПМНЕ. Во интервју за „Локално“, вели дека во ситуација на безидејност , партијата нуди програма во која нема ништо ново.

„Економијата воопшто не е во фокусот на програмата на ВМРО, и тоа се гледа прво по тоа што сегашнава платформа им е бледа копија на програмите на ВМРО од времето на Груевски. И тоа е навистина тажно, затоа што и по седум години опозиција, ВМРО очигледно не се поместиле ни еден чекор напред во поглед на економските политики“, објаснува Јовановиќ.

Според него најавите за намалување на даноците со зголемување на јавните расходи и  економски раст од 5%, не се весела туку надреална математика.

„Раст од 5% веќе не е ни сон за земји како Македонија. Кина денеска е среќна ако има раст од 5%. Несериозно е да понудите такво нешто, особено ако не нудите никакви суштински промени во политиките“, вели Јовановиќ.

Со план за намалување на бројот на државни институции и бројот на пратеници, вели тој партијата само покажува каков е нивниот однос кон државните пари

„Ова ветување нема да смени ништо суштински во државата. Парламентот ќе функционира исто и со 120, и со 90, и со 60 пратеници. Нема пратениците одеднаш да станат попаметни, или понезависни, затоа што ќе го намалите нивниот број. Така што, ВМРО повторно се фокусира на небитни работи, што повторно е одраз на нивната безидејност“, завршува тој.

ВМРО ДПМНЕ ја претстави платформата 1198 чиј главен фокус ќе биде економијата. Дали со ваков политички план според вас е можен економски развој и  квалитетен животен стандард како што сега предизборно се ветува?

Јас би кажал дека економијата воопшто не е во фокусот на програмата на ВМРО, и тоа се гледа прво по тоа што сегашнава платформа им е бледа копија на програмите на ВМРО од времето на Груевски. Тогаш програмите им се викаа „преродби“, беа „проширени и надградени“ и не знам што сѐ не, сега веќе толку немаат идеи, што ставаат во името дури и таков еден незаокружен број. Освен ова, ако погледнете што нудат во платформата, таму нема ништо ново, практично го препишале она што го зборуваа во времето на Груевски на секои избори. И тоа е навистина тажно, затоа што и по седум години опозиција, ВМРО очигледно не се поместиле ни еден чекор напред во поглед на економските политики.

Контурите на програмата велат тешко ги направиле бидејќи оваа Влада според нив ќе остави банкротиран буџет. Се најавува економски раст од 5 % што е далеку од проекциите на ММФ  или Светска Банка, невработеност на 7.5 %, инфлација од 2-2.5 %, дефицит под 3 %…Го делите ли оптимизмот дека ова се реални и остварливи бројки?

Македонија имаше раст од 5% само во 2006-2008 година, кога глобалната економија се наоѓаше во златната етапа на хиперглобализацијата. Тие времиња нема никогаш да се вратат, па затоа раст од 5% веќе не е ни сон за земји како Македонија. Кина денеска е среќна ако има раст од 5%. Несериозно е да понудите такво нешто, особено ако не нудите никакви суштински промени во политиките. И не само што нема никакви суштински промени во понудата на ВМРО, туку и работите што ги нудат се спротивни една на друга. Од една страна викаат ќе намалат даноци, од друга ќе зголемат јавни расходи, и сетоа тоа ќе го остварат со понизок дефицит. Тоа е како да кажете дека ќе направите еден и еден да бидат пет. Тоа веќе не е ни весела математика, туку надреална.

Ветувањето за намалување на бројот на државни институции и на бројот на пратеници звучи примамливо но колку е реално со оглед на партиските интетеси?

Ако сакаат да пратат порака дека ќе се однесуваат одговорно со државните пари, ВМРО треба да ветат дека ќе ги намалат платите на фукнционерите и дека ќе ги укинат патните трошоци. Со тоа ќе се заштедат повеќе пари отколку со намалување на бројот на пратеници. Но, тие не сакаа да поднесат таква иницијатива дури ни кога беа опозиција, дури ни како симболичен гест, бидејќи секако немаше да им помине. Тоа кажува многу повеќе за нивниот однос кон државните пари од сите вакви ветувања.

Другиот проблем што јас го гледам со ова ветување е што тоа е нема да смени ништо суштински во државата. Парламентот ќе функционира исто и со 120, и со 90, и со 60 пратеници. Нема пратениците одеднаш да станат попаметни, или понезависни, затоа што ќе го намалите нивниот број. Така што, ВМРО повторно се фокусира на небитни работи, што повторно е одраз на нивната безидејност.

Земјоделците и пензионерите се една од средишните точки на сите партии во изборните циклуси но што покажува праксата, дали политичарите потоа ги забораваат ветувањата?

Проблемот тука е што за да се остварат овие ветувања за зголемени субвенции и пензии, ќе бидат потребни дополнителни стотици милиони евра во државниот буџет. ВМРО не сака да зголеми даноци, напротив, ветува дека дополнително ќе ги намали, така што, за да ги остварат овие ветувања ќе мора да се задолжуваат. Задолжувањето моментално е многу лоша опција, поради високите каматни стапки, за разлика од времето на Груевски, кога каматните стапки беа многу пониски. Така што, ако се гледа објективно, ВМРО многу тешко ќе можат да ги остварат овие ветувања.

К.В.С.

Слични содржини