Интервју со Курт: Македонските аеродроми се движат кон своите највисоки нивоа на патнички сообраќај

од Vladimir Zorba

На двата македонски аеродрома ќе има многу работа во наредниот период, а тоа е поради зголемените аеродромски операции кои ги имаме годинава, за што сме навистина среќни, се разбира откако претходно бевме силно погодени од ковид-кризата, која силно ја погоди целата воздухопловна индустрија ширум светот. Македонските аеродроми се движат кон своите највисоки нивоа на патнички сообраќај, бидејќи сé повеќе луѓе патуваат со авион, вели во интервју за „Локално“ новиот генерален директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

При споредбата на работењето со другите аеродроми во земјите од Западен Балкан, Курт вели дека не може да се  споредува со бројот на патници на другите аеродроми во регионот, бидејќи сите аеродроми функционираат во различни економии, имаат различни големини/капацитети, различен модел на управување/сопственост и различни географски позиции во регионот, што во голема мерка ја насочува стратегијата за развој на мрежата со авиолинии.

-Она што можеме да го кажеме за другите аеродроми во Западен Балкан е дека – Македонија беше првата земја што доби концесионер, странски инвеститор што инвестираше во нови аеродромски капацитети и модернизирани операции, вели Курт.

Во однос на тоа дека граѓаните често се жалат на малиот број на дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, новиот директор на ТАВ посочи дека работат многу напорно да привлечат нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од двата македонски аеродроми и да отворат нови дестинации кои ќе бидат корисни за македонските граѓани.

-Би сакале повторно да ги воспоставиме дестинациите како што се Доха и Дубаи, кои беа запрени од Qatar Airways и FlyDubai за време на кризата со ковид-19. Работиме кон остварување на оваа цел, за што имавме средби и преговори со авиокомпаниите, поддржани од амбасадите во овие земји, но одлуката секогаш ја носат авиокомпаниите, истакнува тој во интервјуто.

Пред еден месец бевте назначен за нов генерален директор на ТАВ Македонија. Вашата претходна позиција во компанијата беше заменик генерален директор. Што се промени во вашите секојдневни задачи сега со вашата нова работна позиција? Како сегашните задачи се разликуваат од претходните?

-Од 1-ви мај 2023 година сум назначен за генерален директор на ТАВ Македонија. Во претходните три години ја извршував функцијата заменик генерален директор за операции, додека од 2018 до 2019 година бев координатор за операции на двата аеродроми во ТАВ Македонија. Во групацијата ТАВ Аеродроми работам 23 години, а во ТАВ Македонија, како дел од топ-менаџментот сум од почетокот на проектот во земјава, од 2008 година. Во годините помеѓу 2014 и крајот на 2018 година работев на извршни менаџерски позиции на два други аеродроми во рамки на ТАВ групацијата – Загреб (Хрватска) и Медина (Саудиска Арабија), управувајќи со оперативната подготвеност на аеродромот во Загреб за време на последните фази од изградбата на новата терминална зграда и во Медина, организирајќи непречена транзиција и подготвеност според концептот на “Оперативна Подготвеност Аеродромски Трансфер” (ORAT).

Затоа, би рекол дека новата работна позиција – генерален директор, дефинитивно ми донесе нова одговорност и тоа е највисока одговорност во компанијата, но на сите мои досегашни позиции бев еден од врвните носители на одлуки, бидејќи така функционира нашата структура на управување. Во ТАВ Македонија врвниот менаџмент отсекогаш носи заеднички одлуки, а во исто време ги консултираме клучните луѓе во компанијата – секој експерт во својата област, бидејќи тоа е вистинскиот начин да се дизајнираат бизнис- процесите и да се изведат бројните аеродромски активности на избалансиран и ефективен начин.

Тимот на ТАВ Македонија, на двата аеродроми – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, има акумулирано многу воздухопловно знаење, и има многу експерти во различни бизнис-области и тоа е главната внатрешна вредност на нашиот бизнис. Во оваа нова улога ќе продолжам тесно да соработувам со мојот тим од експерти и да го слушам мислењето на секој вработен, сите колеги, бидејќи ефикасноста и успехот во управувањето со нашиот бизнис, се тесно поврзани со нивото на емоционалната интелигенција на лидерот и довербата која тој/таа може да ја изгради и негува во тимот.

Ние сме многу голем тим во ТАВ Македонија, многу вработени на аеродромите во различни сектори. Да водите тим на аеродром било каде, не само во Македонија, бара многу енергија, неуморен дух, многу добри односи со луѓето, совршено дизајнирани процеси и високо развиени мотивациски вештини со кои можете да поттикнете иновации и напредок.

Аеродромските операции се специфична индустрија на која влијаат не само глобалните економски трендови, туку и внатрешните поместувања на целиот воздухопловен сектор кој покрај аеродромите вклучува авиокомпании и многу други воздухопловни директни и индиректни чинители. Затоа, секогаш треба да бидеме внимателни, секогаш подготвени за промени и прилагодувања на нашите активности, со цел да ги опслужиме нашите клиенти на најдобар можен начин. Наши директни клиенти се авиокомпании, на кои им нудиме аеродромски услуги, односно т.н. земјени операции кои се вршат на аеродромот и патниците кои се наши индиректни клиенти бидејќи тие ги купуваат авиобилетите од авиокомпаниите, но ги користат нашите услуги додека се на аеродромот и нашата работа е да им овозможиме на нашите патници да имаат најдобро и најудобно патување додека не стигнат до крајната дестинација. Нивното патување започнува на аеродромот, од влезот на паркингот сé до нивното седиште во авионот.

Кои ќе бидат вашите приоритети во наредниот период и каде ги гледате најголемите слабости во тековното работење и функционирање? Дали има некои области каде што вие како генерален менаџер треба да „интервенирате“?

На двата македонски аеродрома ќе има многу работа во наредниот период, а тоа е поради зголемените аеродромски операции кои ги имаме годинава, за што сме навистина среќни, се разбира откако претходно бевме силно погодени од ковид-кризата, која силно ја погоди целата воздухопловна индустрија ширум светот.

Македонските аеродроми се движат кон своите највисоки нивоа на патнички сообраќај, бидејќи сé повеќе луѓе патуваат со авион. Ова што го гледаме годинава е како „одмазда“ за заклучувањата (lockdowns) за време на ковид-19 со кои сите се соочивме. Зголемените патувања се добри за сите – за патниците, за авиокомпаниите, за нас – аеродромите и за целата услужна индустрија поврзана со авијацискиот бизнис.

Така, мојот главен фокус во следниот период, ќе биде да го водам тимот на ТАВ Македонија кон вистинската насока, а тоа се одлично извршени аеродромски операции, за да можеме да постигнеме непречено опслужување на нашите клиенти – авиокомпаниите и патниците.

Аеродромските операции се многу динамичен бизнис и се разбира дека има многу области за подобрување, бидејќи во воздухопловството нови предизвици искрснуваат секој ден. Сепак, ние сме навикнати на брзо темпо на работа и во овој момент нема ништо големо што треба да надминеме, туку само да се задржиме на вистинскиот пат, а тоа е насочување на бизнисот кон раст и развој и навремено прилагодување.

Имаме среќа што во сите можни ситуации коишто можеме да ги замислиме, ја имаме нашата матична компанија, која е најголемата аеродромска платформа на глобално ниво, „да ни го чува грбот“. ТАВ Аеродроми (TAV Airports), како членка на групацијата ADP (Aerports de Paris), работи на 120 аеродроми во 50 земји и нејзината сила и опфат навистина придонесуваат за развојот на македонските аеродроми.

Како стои ТАВ Македонија во однос на растот на патниците во споредба со другите регионални аеродроми од Западен Балкан?

Најпрво би сакал да направам споредба со нас самите во минатото. Ако ја погледнеме состојбата на македонските аеродроми пред 12 години, кога скопскиот аеродром работеше на старата терминална зграда која сигурен сум дека вашата публика ја памети и разновидноста на услуги коишто патниците ги имаа и коишто ги имаат сега во новата терминална зграда, можеме да кажеме дека развојот и напредокот се огромни. ТАВ Македонија успеа да донесе развој за македонската авијација, секако со континуирана поддршка од Владата и сите владини институции поврзани со воздухопловството, бидејќи ние сме концесионер. Ние управуваме со аеродромите, но не ги поседуваме, бидејќи тие се клучна инфраструктура на државата.

Од 2010 година, пред да се зголеми капацитет на скопскиот аеродром со отворањето на новата терминална зграда во 2011 година, до 2020 година, пред ковид-19, што претставува период од 10 години, го зголемивме бројот на патници за четири пати, достигнувајќи 2,7 милиони патници во 2019 година. Бројот на опслужени дестинации од скопскиот аеродром се зголеми од 15 на 44, во истиот период. Така, скопскиот аеродром беше еден од најбрзорастечките аеродроми во Западен Балкан, пред да се случи ковид-19.

За март 2020 година имавме планирано промотивни активности за соодветно да го одбележиме овој развој, за нашата 10-годишнина во Македонија, но кризата со ковид-19 нé спречи во тие активности.

Првите 4 месеци од оваа, 2023 година (јануари-април) ги завршивме со 753.377 патници  на Меѓународниот Аеродром Скопје и на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што е зголемување од 44 отсто во однос на истиот период во 2022 година и зголемување од 9 отсто во споредба со 2019 година, која се смета за референтна година во воздухопловството, со оглед на кризата со ковид-19. Во истиот период, јануари-април 2023 година, бројот на летови на двата македонски аеродроми е 6.010 со годишен пораст од 35 отсто и 4 отсто зголемување во однос на 2019 година. Значи, порастот на нашиот патнички сообраќај е со високи двоцифрени стапки, што е одлично, особено ако го анализирате зголемувањето на воздушниот сообраќај на други пазари.

Не можеме да се споредуваме со бројот на патници на другите аеродроми во регионот, бидејќи сите аеродроми функционираат во различни економии, имаат различни големини/капацитети, различен модел на управување/сопственост и различни географски позиции во регионот, што во голема мерка ја насочува стратегијата за развој на мрежата со авиолинии.

Она што можеме да го кажеме за другите аеродроми во Западен Балкан е дека – Македонија беше првата земја што доби концесионер, странски инвеститор што инвестираше во нови аеродромски капацитети и модернизирани операции. Покрај Македонија, со групацијата ТАВ Аеродроми присутни сме и во Хрватска, на аеродромот во Загреб, каде што ја изградивме новата терминална зграда во 2017 година.

Дали се планираат нови инвестиции на скопскиот и охридскиот аеродром?

Планираме да ги развиваме двата аеродроми согласно побарувачката – односно зголемениот број патници што бара и зголемени капацитети.

Дали очекувате зголемување на бројот на патници во претстојната летна сезона во однос на минатата? Што ќе го одреди растот?

Со оглед на тоа како започна оваа година, со 44 отсто пораст на бројот на патници во првите 4 месеци во однос на 2022 година, очекуваме овој растечки тренд да продолжи со исто темпо, дури и со повисока стапка, со оглед на тоа што ќе имаме 3 нови линии од скопскиот аеродром до крајот на јуни – Франкфурт со дневна фреквенција, Сплит и Осло (со Норвеџиан ерлајнс), и зголемени фреквенции на голем дел од постоечките авиолинии, со што ќе се зголеми обемот на вкупниот патнички сообраќај. Од Охридскиот аеродром ќе имаме 3 нови линии – Манчестер, Лондон и Белград.

Дополнително, за време на летната сезона на летање, која на аеродромите започнува на крајот на март и завршува на крајот на октомври, ги имаме традиционалните сезонски туристички дестинации како Бодрум, Анталија, Измир, Монастир, Енфида и Ларнака од Скопје; и Амстердам, Варшава, Катовице, Манчестер, Лондон и Белград од Охрид.

Граѓаните често се жалат на малиот број на дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, па често користат автомобили за да одат до околните метрополи за да стигнат до посакуваните дестинации со авион. Како да се промени оваа ситуација?

Како аеродромски оператор работиме многу напорно да привлечеме нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од двата македонски аеродроми и да отвориме нови дестинации кои ќе бидат корисни за македонските граѓани, како и летови до посакуваните туристички дестинации.

Во моментов, од Меѓународниот Аеродром Скопје имаме вкупно 54 дестинации и 21 авиокомпанија. 16 авиокомпании летаат на 47 редовни авиолинии, во текот на целата година, а 5 летаат на 5 сезонски авиолинии. На охридскиот аеродром Свети Апостол Павле, имаме 8 авиокомпании кои летаат до 13 дестинации во летниот ред на летање.

Оваа година, освен новоотворените дестинации, од скопскиот аеродром имаме две нови авиокомпании – Луфтханза и Норвеџиан ерлајнс, што е од големо значење бидејќи ќе придонесе за поголема конкуренција на пазарот, којашто е еден од забрзувачите за пораст на пазарот.

Би сакале повторно да ги воспоставиме дестинациите како што се Доха и Дубаи, кои беа запрени од Qatar Airways и FlyDubai за време на кризата со ковид-19. Работиме кон остварување на оваа цел, за што имавме средби и преговори со авиокомпаниите, поддржани од амбасадите во овие земји, но одлуката секогаш ја носат авиокомпаниите.

Маркетиншкиот тим на ТАВ ги посетува саемите за авијација и туризам и има средби со авиокомпании и тур-оператори, со цел да ги убеди да отворат нови посакувани и атрактивни дестинации од двата македонски аеродроми. Нашата сегашна мрежа на авиолинии од македонскиот главен град е концентрирана најмногу во географски Северна Европа. Ние би сакале да ја прошириме нашата мрежа на авиолинии до главните центри и главните градови во Западна Европа и секако авиолинии со Источна Европа.

Скопскиот аеродром е исто така подготвен да опслужува интерконтинентални летови и би ја поддржале секоја авиокомпанија што е подготвена да го воспостави првиот директен лет до Северна Америка. Сега, нашата дијаспора патува во Северна Америка преку трансфер- аеродромите во Истанбул, Белград, Виена, Варшава и Франкфурт, како најнова новододадена дестинација годинава.

Исто така, имаме огромна дијаспора која живее во Австралија и Нов Зеланд, но поради долгата далечина директни летови на овие релации сè уште не се остварливи.

Неодамна Croatia Airlines апочна со нова сезонска линија Скопје-Сплит. Колку е голем интересот на Македонците за оваа линија, со цел посета на хрватското приморје? Дали ја користат и нашите граѓани кои се сезонски работници во Хрватска?

Хрватскиот брег на Јадранското Море е навистина фантастично место за одмор и веруваме дека Croatia Airlines ќе има полни авиони на сезонската авиолинија  Скопје-Сплит. Како аеродромски оператор, ги поддржавме промотивните активности на Croatia Airlines на оваа линија, со цел да ги запознаеме луѓето со оваа можност за патување со авион, што е најбрзиот и најлесниот начин за пристигнување од Скопје до Сплит. Летот трае 1 час и 25 минути и навистина ќе им заштеди време и енергија на луѓето, што инаку би ги загубиле ако до Сплит патуваат со автомобил.

Од досегашните информации, постои голем интерес за овие летови, особено од луѓе кои сакаат да патуваат во Далмација од туристички причини. Во врска со нашите граѓани кои сезонски работат во Хрватска, во овој момент немаме такви податоци за анализа. Сепак, веруваме дека главната цел на авиокомпанијата, – да има полни авиони со туристи кои ќе патуваат на одмор, ќе се постигне. Затоа тие летаат два пати неделно, во вторник и петок.

Проблемите со наоѓање работници ја засегаат целата земја во секој сектор. Колку ТАВ Македонија има вакви проблеми и дали можеби размислувате за увоз на работна сила?

Одливот на работна сила што се случува во Македонија е предизвик за целата економија, но со истото прашање се соочуваат многу земји на Балканот и во Европа.

Бидејќи ТАВ Македонија е дел од македонската економија, секако дека сме во слична ситуација, во каква што се и другите компании од различни индустрии во земјава.

Додека ние како компании ќе се справуваме со оваа ситуација, истовремено таа ќе донесе позитивни промени кај компаниите кои ќе станат поконкурентни на пазарот со цел да ги привлечат најдобрите кандидати како вработени.

Постојат одредени работни позиции за кои компаниите можат „да увезат работна сила“, но има одредени работни позиции за кои тоа е тешко изводливо, пред сè поради јазичната бариера.

Aвијацијата е растечка глобална индустрија и нашата групација нуди меѓународна експертиза што може да се искористи на локалните пазари. Затоа, преку нашата работа секогаш имаме за цел да создадеме вредност за локалните заедници, да помогнеме во развојот на економијата, да креираме работни места. Ова го правиме и во Македонија изминативе 13 години. Конечно, задоволството на патниците е можно само преку среќата на вработените и тaa е наш приоритет.

Кои се вашите главни цели што треба да ги постигнете во следниот период? Можеме ли да очекуваме ексклузивна нова дестинација?

Мојата главна цел ќе биде да обезбедам непречено функционирање на двата аеродроми во ситуација со високо зголемен авиосообраќај и да го одржиме високото ниво на задоволство на клиентите што го имаме, а тоа се докажа со наградата ASQ (Airport Service Quality) што ја добивме од Меѓународниот Совет на Аеродроми за 2022 година, по 8-ми пат. Бевме наградени како најдобар аеродром во нашата големина – од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот на Европа и тоа е голема мотивација за нас да продолжиме на истата патека – со нашата посветена работа да создаваме удобно аеродромско искуство со високо ниво на квалитет на услугите за нашите патници.

Што се однесува до новите дестинации, работиме на привлекување авиокомпании кои ќе летаат до нови ексклузивни дестинации, но, како што веќе реков, конечната одлука секогаш ја носат самите авиокомпании. Штом имаме конкретна информација на оваа тема, ќе ја информираме јавноста.

В.З.

Слични содржини