Интервју со Маричиќ: Сите сме за Закон за рестриктивни мерки кои ја следат црната листа, само ВМРО-ДПМНЕ е против

од Nikola Popovski
541 прегледи

Големо мнозинство од македонските граѓани се демократи, слободари, тоа се граѓаните кои се борат за европски вредности и кои се бореа за сите позитивни промени од независноста наваму. Тие граѓани се најголемата шанса за просперитет на Македонија, вели во интервју за „Локално“, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, посочувајќи ги амбициите на неговата партија која е предводник на Владата во трката за нов мандат.

Според Маричиќ, во СДСМ има анализи кои покажуваат стагнација на ВМРО-ДПМНЕ и сериозен раст на неговата партија.

-Кон обединувањето за европска иднина за нашата држава придонесува и нашиот кандидат за претседател, Пендаровски кој е претседател на сите граѓани, без разлика на нивното етничко или социјално потекло, а, сите знаат дека ова не е флоскула, туку суштина, истакнува вицепремиерот.

Тврди дека лага е кога се вели дека можеме да преговараме и да очекуваме подобри услови за нешто што веќе го имаме на маса: заштитен македонски јазик и идентитет.

-Од друга страна, премногу е несериозно да го порекнеме, да „плукнеме“ на сето она што ЕУ и Европската комисија, како и најголемите членки на унијата, што го направија за нас и за обезбедување на почеток на преговорите. Со кого сакаме да водиме преговори? Со ЕУ или повторно само со Бугарија, прашува Маричиќ.

За програмата на ВМРО-ДПМНЕ наречена „Платформа 1198“, членот на СДСМ оценува дека од она што беше презентирано досега, никој не може да го види нивниот план за ЕУ.

-Небулозно е да ветуваат или најавуваат „одложна примена на уставните измени, како и гаранција од ЕУ за македонскиот јазик и идентитет“, кога веќе јасно им беше кажано од Брисел дека тоа е невозможно и спротивно на одредбите на Преговарачката рамка, појаснува Маричиќ, додавајќи дека „Мицкоски во својот настап за за презентација на нивната програма, ниту еднаш не спомна соработка со ЕУ, ниту со САД, како наши најважни стратешки партнери“.

Помина Конгресот на СДСМ на кој се обелоденија пратеничките листи и носителите. Дали сте задоволен со четвртото место во Единицата?

-Благодарен сум за довербата од делегатите на Конгресот на СДСМ, ми претставува и чест, и одговорност и мотивација да бидам кандидат за пратеник во изборната единица 1.

Пред нас е јасен избор и ќе се вложам со цел капацитет да стигнеме до секој граѓанин низ оваа кампања. Сакаме да чуеме, да разговараме и заедно со граѓаните да донесеме заклучок што е неопходно да се направи за да ја осигураме европската иднина на нашата држава.

Големо мнозинство од македонските граѓани се демократите, слободари, тоа се граѓаните кои се борат за европски вредности и кои се бореа за сите позитивни промени од независноста наваму. Тие граѓани се најголемата шанса за просперитет на Македонија.

Сето свое искуство и знаење стекнато низ минатите години во процесите за членство во НАТО и ЕУ, со цела сила и моќ ќе ги вложам во овие избори за победа за европска иднина за сите нас.

Официјалната изборна кампања се уште не е почната, но политички анализи се прават веќе подолг период. Што за вас претставува Европскиот фронт ?

-Фронт или сојуз или коалиција или алијанса – терминот не е најважното нешто кога е во прашање борбата за обезбедување подобра иднина за својот народ. Ние во СДСМ и со Конгресот и со начинот на кој се подготвивме за овие избори покажавме дека во партијата се сплотени енергиите на социјалдемократските сили. Јас сум посебно горд на заедништвото со која овој прогресивен, проевропски фронт ќе настапи на следните избори.

Имаме анализи кои покажуваат стагнација на ВМРО-ДПМНЕ и сериозен раст на СДСМ. Кон овој бран придонесуваат и други помали партии, движења и инцијативи кои одлучно се приклучуваат кон нашата коалиција. Таков е примерот со Движењето Нова република на Ивон Величковски, како и примерот со нашето програмско партнерство со Сојузот на борци.

Кон обединувањето за европска иднина за нашата држава придонесува и нашиот кандидат за претседател, Пендаровски кој е претседател на сите граѓани, без разлика на нивното етничко или социјално потекло – а, сите знаат дека ова не е флоскула, туку суштина.

За мене борбата за ЕУ е борба за развиена, солидарна, чесна и европска Македонија. Колку повеќе сојузи, коалиции, фронтови за оваа кауза, толку подобро.

Македонските граѓани заслужуваат прогрес, стабилност, мир и спокојство. А ние не се откажуваме, водени од вербата и оптимизмот за прогресивна и модерна држава.

Од опозицијата упорно повторуваат дека „лага е дека со промена на Уставот, земјата ќе стане членка на ЕУ“. Пред неколку дена изјавивте дека таквите уставни измени се крупно барање. Во моментов европските интеграции речиси се во ќорсокак. Дали доколку СДСМ повторно добие мандат ќе успее да ги изгласа измените?

-Во моментов, сите ние се наоѓаме пред еден од најсудбоносните моменти за нашата држава и за нашата иднина. Нашата порака е јасна и прецизна, СДСМ и нашата коалиција е ЗА продолжување на европските интеграции и подобрување на стандардот на живот за сите граѓани.

СДСМ има коалициски партнери со кои ги споделуваме вредностите и визиите за иднина на нашата земја и ние веруваме во соработка и дијалог, во пронаоѓање на решенија, во создавање на услови за напредок за сите граѓани.

Во едно нешто сме несомнено сигурни, тоа е нашата непоколеблива решителност и посветеност да се усогласиме со европските вредности и стандарди и да станеме дел од европското семејство до 2030 година – година која не е далечна и мора да ја засилиме динамиката на започнатите преговори.

Нашите преземени обврски за отворање на поглавјата не се никаква болка и затоа постојано повикуваме на свест и разум кај опозицијата. За да се исполни европскиот план за Македонија не е доволна само победа на избори. Потребен е национален консензус односно масовно про-европско здружување на демократските сили.

„Доколку се придржуваме до преговарачката рамка, тогаш нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било, бидејќи се е наведено во тој документ“, беа пораките од владата во изминатите месеци. Од друга страна, гледаме како ВМРО-ДПМНЕ постојано тврди дека може да се издејствува нејзина промена… На што ги темелат ваквите тврдења од опозицијата? Дали преговарачката рамка е „света книга“ и не може да се промени?

-Лага е дека можеме да преговараме и да очекуваме подобри услови за нешто што веќе го имаме на маса: заштитен македонски јазик и идентитет. Тој што заговара репреговарање во суштина заговара отворање на потврдениот македонски јазик во ЕУ. Кому му пречи потврдениот македонски јазик и идентитет во ЕУ?

Врз основа на Договорот од Преспа веќе ги впишавме идентитетот и јазикот во личната карта на ОН и други меѓународни организации кадешто сме земја членка. Кој што сака може да каже, но тоа што имаме е прифатена и усвоена од Бугарија и од цела ЕУ преговарачка рамка, со заштитен македонски јазик и идентитет.

Од друга страна, премногу е несериозно да го порекнеме, да „плукнеме“ на сето она што ЕУ и Европската комисија, како и најголемите членки на унијата, што го направија за нас и за обезбедување на почеток на преговорите. Со кого сакаме да водиме преговори? Со ЕУ или повторно само со Бугарија?

Ако така постапиме, ако порекнеме сѐ, на Бугарија ќе ѝ дадеме шанса дополнително да собира поени на македонското прашање кога веќе имаме чиста ситуација во нашиот македонски јазик и тоа за прв пат во историјата на нашите односи со Бугарија.

Мораме да бидеме реални дека постојат структури кои не ѝ мислат добро на нашата држава, ниту на регионот, и влијаат со тенденција да останеме во изолација и без перспектива.

Иако нашиот пат до ЕУ беше трновит, тој пат нема алтернативи. Веќе седнавме на масата со европските развиени земји, кадешто можеме да ги кажеме нашите ставови и да влијаеме.

Треба да биде јасно и гласно кажано дека ако сега останеме во место и чекаме некои подобри времиња кои се само илузија во главите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе влеземе во зона на тотална неизвесност и изолација со огромни последици по иднината и безбедноста на земјата. За членството во НАТО не дадоа поддршка, сега имаат шанса да ја поддржат европската иднина. Да не биде само да креваат пантолони или само да ракоплескаат на туѓа завршена работа. Нека се вклучат во процесот.

Дали од сегашна гледна точка, со одложувањето на преземените обврски, од оваа перспектива за нас 2030-та е реална за членство? Дали станува извесно дека БиХ, Молдавија и Украина ќе ги видиме како членки пред Македонија?

-Тоа сега зависи од нас, во најголема мера. Дали ќе влеземе во ЕУ до 2030 зависи и од исходото на овие избори, и од однесувањето на политичките субјекти потоа и од посветеноста на Владата да ги продолжи реформите. Европската Комисија има јасна визија за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан и таа цел е високо на агендата на ЕУ.

Европската агенда e единствена опција за просперитет на нашата земја. Затоа, просперитетот на нашите граѓани е во сржта на нашата понуда денес пред граѓаните.

Наше е да продолжиме да го трасираме патот кон ЕУ преку реализацијата на реформите, преку владеењето на правото, демократските институции и реформите во јавната администрација.

Членството во ЕУ во 2030 е реална можност. Дали ќе бидеме на бината кога во 2030-таќе бидат примени нови членки, зависи пред сѐ од нас. Или ќе ги гледаме проблемите на начин на којшто сакаме да ги завршиме или ќе ги гледаме на начин никогаш да не ги решиме за да ни служат за популизам и национализам.

„Некои луѓе од ВМРО-ДПМНЕ ми велат дека можеби ќе гласаат за уставните измени по изборите, само да не загубат поени сега“, велите неодамна во едно од вашите интервјуа. Мицкоски во последно време е „активен“ и се среќава со европски претставници. Има ли направено договор Мицкоски, по Ваше мислење, веднаш по изборите и негова евентуална победа, да го „сработи“ она во кое сега се колне дека никогаш не би го направил?

-Изборите ќе бидат еден вид на крстопат, една пресвртна точка по која што или ќе одиме во правец на членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година или ќе одиме во еден стар филм кој што го гледавме 11 години.

Мицкоски не може да има таков договор бидејќи му е јасно дека единствен начин земјата да ги продолжи преговорите за членство е веднаш после изборите да бидат прифатени амандманите за уставни измени.

Но, клучот за одговор на ова прашање е во зборовите „евентуална победа“ бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема да има шанса да формира политичка влада со која ќе може да донесува такви одлуки. Владата ќе ја формираат и водат мнозинските проевропски и демократски политички сили во земјава.

САД ја дополнија црната листа со личности од Македонија. Дали последната ваква одлука може да го забрза донесувањето на Законот за рестриктивни мерки?

-Ние, СДСМ, Владата, ама и граѓаните – сите сме за закон за рестриктивни мерки кои ја следат црната листа. Само ВМРО-ДПМНЕ е против. Ова е најдобра илустрација кој е за суштинска борба против корупцијата.

Донесувањето на овој закон е блокиран од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, односно, поточно од пратеникот и претседател за надворешна политика Антонио Милошоски.

Откако Владата изврши корекции во предлог законското решение и го достави до Собранието,  претседателот Митрески, согласно неговата деловничка належност го проверил Предлог законот и истиот ден, на 6 февруари го доставил и до пратениците.

Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки беше ставен на првата наредна седница на 9 февруари 2024 година, со што започна да тече рокот за закажување на седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието на која предлог законското решение за рестриктивни мерки треба да се разгледа во прво читање. Претседател на оваа комисија е Антонио Милошоски и тој од 9 феверуари наваму ја нема закажано таа седница. Зошто Милошоски го блокира законот само тој знае.

Ние на Извршната наредба издадена од претседателот Бајден, врз основа на која произлегуваат имињата на така наречената „црна листа“, гледаме како на огромна поддршка во борбата против корупцијата, што беше и останува клучен приоритет на досегашната и на идната Влада што ќе ја формира СДСМ.

Северна Македонија има воспоставено стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави, и посебни форми на соработка, каде што системот на рестриктивни мерки на САД за санкционирање на корумпирани политичари на Западниот Балкан е од исклучително значење за борба против корупцијата. Тоа ни помага и во регулирање и реформирање на системот на овој план на патот кон ЕУ.

Донесувањето на Законот за рестриктивни мерки го бараат и граѓаните во огромно мнозинство и ни ќе го спроведеме овој закон. Сите оние на кои што нашиот стратешки партнер САД ни укажале и се ставени од некоја причина на црната листа, ќе бидат разгледани од нашите институции без никакво прејудицирање за исходот на постапката.

Велите дека ЕУ значи и помалку корупција. На што го темелите ова тврдење?

-Во земјите членки на ЕУ се намали корупцијата после нивното членство во Унијата. Европските институции имаат строги критериуми и правила за владеење на правото кои ги наметнуваат на членките. Тие стандарди во најголема мера се постигнуваат низ преговорите за членство. Ние сме на тој пат – тие што го кочат тој пат се противат и на борбата против корупцијата.

Реформата на јавната администрација е клучна област од Кластерот Темели и за првпат и формално станува дел од процесот на преговори, како и новата Стратегија за реформа на јавната администрација 2023–2030.

Сите реформи што ги преземаме се тешки, но се за подобра иднина на сите нас. Тие покажуваат дека сме динамично и просперитетно општество и дека сме сериозна земја кандидат за членство во ЕУ.

Јас само ќе ве потсетам на извадокот од Извештајот на Европската комисија за 2016 кога беше запишано дека „демократијата и владеењето на правото во 2016 беа постојано предизвикувани поради заробеноста на државата којашто влијаеше на функционирањето на демократските институции во клучните области на општеството, како што се судските институции, регулаторните агенции, медиумите”.

Од друга страна во Извештаите на Европската комисија за последните две години пишува „дека Северна Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото и покрај некои предизвици и дека од аспект на борбата противи корупција, земјата продолжи да ги консолидира досието за истраги, гонење и пресуди во неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво.

Државната комисија за борба против корупција продолжи со проаткивниот пристап во спречување на корупцијата и отвори неколку случаи, вклучително и случаи против функционери на високо ниво.

Сега ВМРО најавува дека ќе ги распуштало судските совети и антикорупциските институции? Зошто? За да постават партиски послушници и за повторно да ја заробат цела држава? Не, тоа нема да им го дозволиме.

Преговорите со ЕУ и забрзаното реформирање води до независно, непристрасно, ефикасно, одговорно и професионално судство.

Стабилен и доверлив судски систем, заштита на човековите права и борба против корупција е тоа што сакаме трајно да обезбедиме за нашите граѓаните и тоа може да се оствари со целосна реализација на реформите според ЕУ стандарди.

ВМРО-ДПМНЕ ја претстави својата Платформа 1198. Како би ја прокоментирале нивната програма?

-Од она што беше презентирано досега, никој не може да го види нивниот план за ЕУ. Имаат една декларативна позиција дека биле за ЕУ, ама сѐ што прават го кажува спротивното.

Интересно е што лидерот Мицкоски во својот настап за за презентација на нивната програма, ниту еднаш не спомна соработка со ЕУ, ниту со САД, како наши најважни стратешки партнери.

Од друга страна, другите претставници на ВМРО-ДПМНЕ, овластени да зборуваат за надворешно-политички прашања ги повторија познатите флоскули од типот „нема уставни измени под вакви услови“, без да понудат решенија.

Небулозно е да ветуваат или најавуваат „одложна примена на уставните измени, како и гаранција од ЕУ за македонскиот јазик и идентитет“, кога веќе јасно им беше кажано од Брисел дека тоа е невозможно и спротивно на одредбите на Преговарачката рамка.

Освен тоа, македонскиот јазик и идентитет се веќе завршена работа во Преговарачката рамка. Ја заврши Владата предводена од СДСМ и македонскиот јазик и идентитет се вдлабени во камен и нема шанси да бидат на било кој начин проблематизирани. Тоа им е јасно и во Софија.

Остануваат и на одложена примена на уставните измени што е исто така невозможна амбиција бидејќи нема да имаат шанса за такво нешто во постапката во Собранието бидејќи нема да имаат мнозинство дури и во најоптимистичката варијанта дека ќе ги добијат изборите.

Најавија „крај на попустлива надворешна политика“ како да се тотални политички аматери бидејќи е сосема јасно дека таков категоричен став нема продуктивност, нема просперитет и единствено кон што води е изолација на земјата. Тоа ние нема да го дозволиме.

Што ќе им понудите на гласачите во Единица, а тоа да не е нешто што веќе го чуле многу пати?

-На сите граѓани им нудиме посветеност за повеќе европски фондови за нови современи проекти. Нудиме суштинска посветеност на борбата против корупцијата – високи казни, рестриктивни мерки, сериозна соработка со европските институции по овие прашања. Нудиме повеќе поддршка за младите, влог во образованието, во обуки, знаења. Нудиме нови зелени енергетски капацитети. Нудиме да продолжиме и да влеземе во ЕУ со својот македонски јазик и идентитет.

Во политиката радикални пресврти има само тогаш кога демократијата преоѓа во диктатура или кога диктатурата ја рушат прогресивните демократски сили. Ние во 2016 година имавме еден таков момент кога го срушивме режимот на ВМРО-ДПМНЕ на Груевски.

Во нормалните демократии зборуваме за контиунитет или дисконтинуитет. Владата предводена од СДСМ во изминатите речиси 8 години ја врати државата на темелните насоки насоки кон градење на една современа европска држава врз основа на принципите на ЕУ како наша стратешка политичка определба и на принципите на НАТО како наша определба да бидеме дела од најмоќниот безбедносен сојуз на светот.

Тоа достигнување сѐ беше резултат на долготрајна, деликатна и посветена активност на умерени, прогресивни и конструктивни политики кои дадоа резултат. Цел свет ни оддаде признание како го постигнавме тоа.

На тие принципи се заснова и реализацијата на нашата следна стратешка определба – да станеме членка на ЕУ со спроведување на реформи според европските стандарди на едно модерно општество во кое владее правото, кое се грижи за благосостојбата и економската сигурност на своите граѓани кои со сопствениот посебен и автентичен национален идентитет се чувствуваат како еднакви меѓу еднаквите.

Затоа ние велиме да не ја бараме Европа надвор од нашите домови, да влеземе во ЕУ надградувајќи го нашето општество по европски стандарди. Само така ќе им ги одземеме сите аргументи на оние што велат дека не сме подготвени. Нашиот план е подобра македонска иднина како членка во ЕУ како резултат на континуитетот на нашите конструктивни политички одлуки.

Н.П.

Слични содржини