Интервју со Николовски: Не гледам потреба за широка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

од Vladimir Zorba
1,4K прегледи

Не гледам потреба за широка коалиција, посебно не кога имаме јасен победник на изборите со повеќе опции и варијанти за составувањето на новата влада вели генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во интервју за Локално.

За информациите дека е можно да се прифати премиер на ротација, Николовски смета дека ова не е време ниту за нови предвремени избори, ниту за технички влади, ниту за ротации.

– Ова е време за стабилна влада која ќе одработи цел мандат за доброто на граѓаните, влада фокусирана на економијата, правдата и преговорите со ЕУ, посочи тој.

Во однос на изјавата на вицепремиерот Бујар Османи дека тие одлучуваат која македонска партија ќе влезе во владата на ДУИ, генералниот секретар на СДСМ смета дека ова било „непотребна ароганција“, која низ годините стотици пати се покажала како штетна по националните интереси.

-ДУИ има 15 пратеници и ние тоа го почитуваме, но од такви изјави немаше потреба, смета Николовски.

На прашањето како го ценува влегувањето на Левица во парламентот и нивниот резултат, тој им посака добредојде, но и дека граѓаните во поголемиот број гласале за влез во НАТО и продолжување на преговорите со ЕУ и секој кој игра малку подолгорочно на поинакви карти нема да има светла иднина во политичкиот живот.

Дел од јавноста коментира дека најголемиот губитник од овие избори се двете македонски партии, додека ДУИ е најголемиот победник со освоените 15 мандати. На што мислите дека се должи овој резултат на вашиот коалиционен партнер и дали можеби ја преценивте силата на Беса?

– Овие избори беа специфични од многу причини, меѓу кои ковид кризата како најголема. Истото имаше големо значење и влијаеше значително на излезноста во поголем број изборни единици, а поради донтовиот модел едноставно, резултатите се такви какви што се. Секогаш е најдобро граѓаните масовно да се излезени и да го користат своето гласачко право.

Не се сложувам воопшто дека Македонските партии се губитници, јасно е дека коалицијата Можеме и СДСМ се победниците од изборите.

ДУИ решија да играат на неостварливо популистичко решение со кое привлекоа повеќе гласови и во албанскиот блок освоија најмногу гласови. Сепак, дали ваквите трикови ќе им се исплатат долгорочно е друго прашање.

А што се однесува до нашите коалициони партнери, знајте дека ова е прв пат да имаме ваква мултиетничка коалиција, најширока коалиција било кога, успех за демократијата сам по себе. Првата коалиција меѓу партија во која членството е доминантно македонско и партија во која членството е доминантно албанско.

Со тоа се сруши еден важен стереотип и се отвори нов пат за нови политички сојузи базирани на заедништво, во иднина.

Дали се започнати преговорите со партиите за коалицирање во новата Влада?

-Се контактира со повеќе субјекти, а процесот на преговори ќе почне веднаш по илинденските празници.

Се уште течат роковите за целосно заокружување на изборниот процес, следува конституирање на Собранието, после што Претседателот на државата има 10 дена да го додели мандатот, а мандатарот после тоа во рок од 20 треба да состави предлог за Влада.

Очекувам во текот на месец август да го заокружиме изборниот процес, солгасно уставните рокови, со што ќе се стават во функција новото Собрание и новата Влада.

Би прифатиле ли широка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ со цел да се избегнат условувањата од ДУИ за тоа Зибери да биде мандатар?

-Не гледам потреба за широка коалиција, посебно не кога имаме јасен победник на изборите со повеќе опции и варијанти за составувањето на новата влада.

ВМРО-ДПМНЕ најпрво треба да обезбеди демократија за своите трудољубиви членови кои не можат да дојдат до израз во така заробена партија, па потоа да обезбедува и придонесува за иднината на нашата земја, најважно е прво да се реформира внатрешно, да согледа зошто губи на три изборни циклуси по ред, да расчисти целосно и недвосмислено со со штетните политики на Никола Груевски и неговото наследство.

Ќе зборуваме со сите политички чинители кои прифаќаат да се приклучат на патот кој води напред, односно европскиот пат, патот на правдата и економијата пред се. Мораме да ги обезбедиме тие работи за нашите граѓани!

Во јавноста се појавија информации за можен компромис и ротација на премиери. Дали е во игра слична опција?

-Во јавноста се појавуваат многу шпекулации, а богами уште повеќе лажни вести кои произлегуваат од разни подруми. Сметам дека нема потреба ниту да ги коментирам, ниту да им давам некое посебно значење.

Ова не е време ниту за нови предвремени избори, ниту за технички влади, ниту за ротации – ова е време за стабилна влада која ќе одработи цел мандат за доброто на граѓаните, влада фокусирана на економијата, правдата и преговорите со ЕУ.

Следат предизвици со ковид кризата, мора да се работи посветено од првиот ден!

Би можеле ли да видиме „трета опција“ на премиерската позиција?

-Изборните резултати упатуваат само на една опција – Зоран Заев и СДСМ.

Како ја коментирате изјавата на вицепремиерот Османи дека ДУИ се тие кои ќе прават Влада и тие одлучуваат која партија од Северна Македонија ќе влезе во нивната коалиција? Сличен тон слушнавме и од пратеникот Артан Груби…

-Парламентарниот систем во Република Северна Македонија е јасен. Мандатот за формирање влада го добива партијата којашто ќе освои најмногу пратеници.

Првопласираната партија добива мандат да составува влада, а не третопласираната партија.

Ова беше непотребна ароганција која низ годините стотици пати се покажала како штетна по националните интереси. ДУИ има 15 пратеници и ние тоа го почитуваме, но од такви изјави немаше потреба.

Сепак, веќе гледам дека колегите од ДУИ ретерираат од првичните коментари.

Неколку партии излегоа со приговори, а некои и најавија тужби за ДИК поради изборните резултати. Се согласувате ли со конечниот исход, со оглед на тоа дека лидерот на СДСМ најавуваше победа од 3 или повеќе пратеници?

-Изборите беа за пример. Најдемократски во можеби изминатите две децении или повеќе. Вака треба да изгледаат едни избори сега и во иднина. Безбедно, фер, балансирано во медиумите.

Ставот на партијата беше дека не би сакале да влегуваме во губење време кое како земја го немаме, за некој пратеник плус. Не поднесовме ниту еден приговор ниту во однос на изборниот ден, ниту во однос на пребројувањето на гласовите и оттука нашиот став за изборниот процес е јасен.

Мене ме радува што таква оценка даде и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и целата меѓународна заедница, што е уште еден доказ дека имаме вистински капацитет да организираме фер и демократски избори, па дури и во услови на Ковид пандемија.

Големата приказна деновиве не се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку Левица и нивниот пробив во Собранието со два пратеника. Како го коментирате резултатот што го остварија на овие избори и на што се должи тој?

-Нивната порака допрела до одреден број на луѓе и сега се тие во парламентот. Им посакувам добредојде.

Сепак, гласачите во огромно мнозинство гласаа против враќањето во минатото и загрозувањето на нашето членство во НАТО и прогрес во преговорите со ЕУ.

Секој кој и малку подолгорочно игра на такви карти нема да има светла иднина во политичкиот живот.

Претседателот и иден пратеник Димитар Апасиев, не седнат во пратеничките клупи веќе почна со своите „герила акции“ и најави „промена на системот“. Дел од експертите дури отидоа дотаму што најавија можно кочење на работата на идниот парламентарен состав од страна на Левица со пуштање на илјадници амандмани за закони. Можно ли е повторно отежнато работење на парламентот, нешто што стана пракса во изминативе години?

-Секој здрав механизам треба да се користи во собранието.

Ако некој има намера да ги користи тие механизми да ги кочи позитивните процеси и прогресот на државата ќе биде казнет, пред се од неговите гласачи. Не би сакал да шпекулирам како ќе се однесуваат партиите по конституирањето на Собранието.

Она што е јасно е дека сите пратеници во наредниот парламентарен состав ќе имаат можност да да се приклучат на прогресивните сили предводени од СДСМ кои обезбедуваат успех, напредок и развој, поддржани од мнозинството граѓани и меѓународната заедница.

Ние нема да сме тие што ќе го кочат прогресот, бараме поддршка од сите субјекти за истиот да ги направиме што побрз и посигурен.

В.З.

Слични содржини