Интервју со Петрески: Ни треба визија на раст базирана на инвестиции, извоз, претприемништво, наместо на постојано акцентирање на прашањата сврзани со етникумите и политичките баласти

од Vladimir Zorba
1,2K прегледи

Главниот економист на „Фајненс тинк“, Благица Петерски  нема дилеми дека во период на забавена економска активност и забавување на растот на увозот и извозот, македонската економија се наоѓа во состојба на „почекај па види“. За време на избори , некои текови важни за економскиот раст забавуваат а она што ни треба вели таа е посилна и конзистентна фискална консолидација, која ќе се спроведе на приходната страна преку борба со сивата економија а на расходната страна преку елиминација и рационализација на програми кои значат неефикасно и непродуктивно трошење на јавните пари.

„Нам ни треба визија на раст базирана на инвестиции, извоз, претприемништво, кои базираат на приципите на заслуга, наместо на постојано акцентирање на прашањата сврзани со етникумите, со политичките баласти и сл.“, вели во интервју за „Локално“, Петрески.

Во однос на остварување на изборните најави за повисоки пензии, плати и капитални инвестиции според неа потребни се многу пари а буџетот како што вели ќе може да ги прибере овие средства  само доколку економијата создава поголема додадена вредност.

„Главна кочница на растот во Македонија, на крајот на денот, не е толку ниту работната сила, ниту наводното отсуство на инвестиции, туку е севкупната неефикасност во работењето поттикната од нестабилниот институционален поредок. Не треба да заборавиме дека повеќе средства во буџетот ќе дојдат со формализација на флагрантната сива економија. Со толку голема сива економија и недоволна ефикасност на институциите, поголеми даноци само уште повеќе ќе ја поттикнат сивата економија, објаснува Петрeски.

Бројките покажуваат дека во првиот квартал од годинава полнењето на буџетот не одело според посакуваната динамика а дополнително во март порасна инфлацијата. Дали ова  беше очекувано и можеше ли да се избегне? Колкаво е влијанието на предизборниот период а колкаво на постоечките економски политики?

-Се наоѓаме во период на забавена економска активност веќе неколку квартали по ред. Ланската 2023 г. се заврши со 1% раст, што е под сите проекции од домашната експертска јавност и од меѓународните институции. Тоа може да биде основа за загриженост, бидејќи укажува на состојба „почекај па види“ во поглед на инвестициската активност, како и драматично забавување на растот на увозот и извозот под влијание на забавувањето на економиите на главните трговски партнери. Но, гледано низ позитивна призма, сепак растот и кај нас и во Европа е главно во позитивната зона или сосем благо негативен, што е во линија со целта на ЕЦБ и на нашата централна банка, за т.н. меко приземјување, односно скротување на инфлацијата, без притоа да се втурнат економиите во длабока рецесија, која е проследена со пад на производството, отпуштања и сл. Кај нас конкретно, состојбата на „почекај па види“ е присутна и поради изборниот циклус. Често дебатираме дека економијата застанува за време на избори; јас не би се согласила дека застанува, но некои текови кои се важни за економскиот раст секако дека забавуваат, во делот на реализацијата на капиталните инвестиции на државата, приватните инвестиции, испораката на јавните услуги и сл. Од таа перспектива, Finance Think проектираше раст за 2024 од 2.7%, којшто секако не е оној што го посакуваме за да побргу го стигнеме животниот стандард на развиениот свет, и е под потенцијалот на економијата којшто се движи околу 4-4.5%, меѓутоа е реалистичен раст во околностите во кои се наоѓаме.

Се разбира, важно е што понатаму ќе се случува со инфлацијата, бидејќи поминавме низ една епизода на висока инфлација каква што поновите генерации не виделе во својот живот. Сега состојбата се смири, последната бројка за март е 4%, сеуште е висока, но е во линија со просечната инфлација која ние ја проектиравме за 2024 г. од 3.8%. Ризиците во тој поглед се секако сеуште присутни, посебно во поглед на случувањата на Блискиот Исток, и најновиот развој од неделата кога Иран изврши напад врз Израел од размер кој не е виден во поновата историја, што само по себе, и понатамошната негова ескалација, може да влијае значајно врз цените глобално, посебно преку цените на нафтата.

Во такви околности, буџетската слика во државава не е розова, но е релативно стабилна. Со бројките од буџетот кои се достапни за јануари и февруари 2024 г., нема позначајни отстапувања од проекциите, можеби мали потфрлања кај даночните приходи од ДДВ и акцизи, што е примарно поврзано со ослабената надворешна трговија, меѓутоа засега овие две не ги земам за аларм бидејќи може да се испеглаат со движењата во следните месеци. Поважно за нас од перспектива на фискалните финансии е како управуваме со буџетскиот дефицит и јавниот долг. Ланскиот дефицит од 4.9%, на пример, е над проекцијата поради слабото остварување кај БДП-то. Слично, и вредност на јавниот долг е 62%, и двете се над психолошките граници за умерен фискален показател и надвор од фискалните правила. Нам ни е потребна посилна, истрајна и конзистентна фискална консолидација, која примарно ќе се спроведе на приходната страна преку насочена и бескомпромисна борба со сивата економија која може во буџетот годишно да донесе и до 700 милиони евра дополнителен даночен приход, а на расходната страна преку елиминација и рационализација на програми кои значат неефикасно и непродуктивно трошење на јавните пари.

За да се реализираат економски резултати какви штосе најавуваат во предизборието, потребен е буџет од над шест милијарди евра. Како да се заработат толку пари? Колку стопанството ќе биде дополнително обременето?

-Тоа е клучното прашање. Буџетот ќе може да прибере повеќе средства ако економијата создава поголема додадена вредност. Значи, мораме да ја менуваме и менталната матрица, ориентирајќи ја кон тоа како повеќе да створам, наместо како повеќе да добијам без да вложам повеќе напор. Тоа важи и на индивидуално ниво, на ниво на фирма, на ниво на држава. Значи, темите за инвестиции, извоз, претприемништво, иновации и сл. треба да бидат централни и во јавниот дискурс и во делувањето на поединците, фирмите и државата. За мала и отворена економија како нашата, која нема многу природни ресурси, а која се соочува со намалување на ресурсите од луѓе и вештини, останува максимално да го впрегнеме оној ум кој ни преостанува и да создадеме нешто што остатокот од светот ќе сака да го купи по доволно висока вредност. Само така ќе стигнеме до 5% континуиран раст, во спротивно, тој останува илузија, како што покажа и времето.

За волја на вистината, вакви напори беа вложени и се оствари делумен резултат. На пример, доаѓањето на странските фабрики во слободните зони е чекор во таа насока, иако не се случи значаен помак во поврзување на тие фабрики со домашните фирми, за да и тие ги изградат своите капацитети и да бидат извозници еден ден. Потоа, се создаваше пополека систем кој ќе ги поддржува иновациите и претприемништвото, се проширија можностите за финансирање на инвестициите и на претприемачките потфати. Но, тоа се судрува со неефикасните и често-компромитирани институции, кои ги обесхрабруваат таквите напори.

Така што, главна кочница на растот во Македонија, на крајот на денот, не е толку ниту работната сила, ниту наводното отсуство на инвестиции, туку е севкупната неефикасност во работењето поттикната од нестабилниот институционален поредок, почнувајќи од банални примери како вадење на некаква дозвола, па се до високопрофилни примери кои се судруваат со владеењето на правото во економијата и го укочуваат растот на голема сцена. Клучната реформа е потребна на тој фронт.

Да се вратам на вашето конкретно прашање. Не треба да заборавиме дека повеќе средства во буџетот ќе дојдат со формализација на флагрантната сива економија. Погрешно се покрена дебата и одредени чекори во периодот 2017-18 г. во насока на зголемување на даноците. Со толку голема сива економија и недоволна ефикасност на институциите, поголеми даноци само уште повеќе ќе ја поттикнат сивата економија, како што и покажаа некои практики сврзани со преселба на сметките во други даночни системи за избегнување поголем данок на доход во 2019 г. Да, Македонија има релативно мали даночни зафаќања споредено со други земји и тие треба среднорочно да се зголемуваат и преку повисоки даноци и преки прогресивности кај некои даноци. Меѓутоа, најпрво мора да се адресираат други недоследности во системот пред да се премине на такви чекори.

Дополнителен проблем за бизнисот е се помасовното заминување на работоспособното население. Уште колку македонското стопанство  може да го “издржи’’ тоа и каде генерално во оваа ситуација го гледате излезот?

-Добро, треба во однос на ова да сме прецизни и да кажеме дека работоспособното население во последната деценија, деценија и пол, и се иселуваше, но и се вработуваше во домашната економија, бидејќи пазарот на труд имаше повеќегодишно подобрување пришто најголема апсорпција на работна сила направија и фабриките кои се отворија во слободните зони, а незанемарлив позитивен ефект имаа и активните политики за вработување под капата на АВРМ. Тие два тека – иселувањето и новите работни места – го „исцрпија“ пазарот на труд, значи денес се потешко е да се најде добар работник на сите ниво на вештини, но особено од средни вештини нагоре. Тоа објаснува околу 2/3 од порастот на платите во последните 7-8 г., за разлика од пред 15 г. кога обемот на расположливо работоспособно население беше толку голем што и платите се движеа нагоре многу побавно.

Решението на проблемот не е ниту брзо ниту лесно. Прво, мора да имаме предвид дека во АВРМ сеуште имаме околу 100 илјади активни баратели на работа. Мојот став останува дека примарно треба да се фокусираме на нив преку програми на квалификација и доквалификација, што секако не е лесно бидејќи нивната образовна структура е лоша, но не е неизводливо. Притоа, за да ова има било какви почетни шанси за успех, треба да се демотивираат сите нивни неформални извори на приходи, прикаченост на системот за социјална заштита во услови на работоспособност итн итн. Второ, државата може да развие – а слушам дека такви иницијативи ќе има во политичките програми – шеми за поддршка на млади лица кои ќе одлучат од странство да се вратат и да работат дома; тоа би било тешко со веќе изградени професионалци, но нема да е толку тешко со студенти кои отишле да студираат во странство и на кои им треба некаков мотиватор да не продолжат среќата да ја бараат надвор, туку да се вратат и да работат дома. На оваа моја листа, увоз на работници е подолу, лично не сум против тоа, меѓутоа мора да сме многу внимателни во тој поглед. Во крајна линија, увоз на работници секако дека ќе го олабави притисокот врз платите – дали тоа е поволно од перспектива на нашите работници, останувам тоа да го проценат самите.

Македонија останува со ниска просечна  стапка на економски раст, која не само што не е ни приближна до нивото на земјите во ЕУ, туку е и помала и во споредба со државите од поширокиот регион. Дали ова значи дека постоечкиот модел за економски раст нема капацитет да испорача позначителен економски прогрес? 

-Македонија има во овој период пониска стапка од околните земји, односно земјите од Западниот Балкан, кои се наши „врсници“, но сепак таа е во просек слична. Разликите се секако одредени од структурните карактеристики на економиите, од економските политики во сила, и сл., кои не се целосно исти со нашите. Меѓутоа, не се сложувам со дебатата кога велиме, Македонија има 2.5%, па видете ја Србија има 3%. Тоа се небитни разлики. Битна разлика е тогаш кога ние би останале на ова ниво и со оваа варијабилност на растот, а друга земја би постигнала 5-6% континуиран раст во подолг период. Такво нешто немаме во регионот. Моделите на раст на нашите земји се слични, бидејќи сите се мали, отворени, зависат од економијата на Европската Унија, и сите се обременети со проблеми од политичка природа, кои кога ќе се искомбинираат со недоволна ефикасност на институциите, објаснува зошто испорачуваат раст каков што испорачуваат. Реков погоре и повторно ќе повторам: нам ни треба визија на раст базирана на инвестиции, извоз, претприемаштво, кои базираат на приципите на заслуга, наместо на постојано акцентирање на прашањата сврзани со етникумите, со политичките баласти и сл.

 Очигледно е дека треба да се зголемат  јавните инвестиции  во насока на приоритетни капитални проекти како што е гасификацијата, енергетиката и железничката инфраструктура , но тоа не се случува иако устите на политичарите се полни со проекти за време на изборите.  Каде го гледате “проблемот”?

-Капиталните инвестиции се случуваат, но не со динамика со која би сакале, или со која помпезно планираме секогаш кога се донесува буџетот. Значи, во последната деценија имаме солиден напредок во делот на патната и железничката инфраструктура, но проекти со аномалии како што е патот Кичево-Охрид или железницата кон Бугарија оставаат впечаток дека или ништо не е направено или кога се прави е потребно многу долго време или е компромитирано на разни начини. Потоа, во последните 2-3 г., откако отпочна кризата со цените на храната и енергентите, значаен помак се направи во енергетската инфраструктура. Тука пред се мислам на инвестициите во обновливи извори на енергија, кои на среден рок ќе ја намалат нашата зависност од увоз на струја и секако позитивно влијаат врз животната средина.

Вкупниот проблем со капиталните инвестиции на државата е во нивната неефикасност од планирање па се до завршување на реализацијата. Забележете, неефикасноста на институциите за која зборувам е токму таа. Потребно е брзо и ефикасно планирање на една инвестиција, заокружување на финансиската рамка, тендерирање, склучување договори и изведба. Потоа, важно е изведбата да е брза и да не е подложна на промени во договорните услови, а тоа зависи од доброто планирање. Кај јавните инвестиции кои се постојано на тапет на јавноста, проблемот е токму во целата оваа постапка. Вториот важен момент е дека за клучните капитални инвестиции ние мора да градиме општествен консензус.

Бизнис заедницата изразува големо задоволство од придобивките на иницијативата Отворен Балкан, но до каде сме со процесот на интернационализација на економијата? Колку нашето стопанство ги исполнува  барањата и стандардите на ЕУ пазарите и дали доволно амбициозно се градат  поволни регионални врски и подобри меѓународни трговски услови?

-ЕУ извештајот вели дека ние сме делумно подготвени да се справиме со пазарниот притисок во ЕУ. Иницијативите како Отоврен Балкан и Берлинскиот процес имаат за цел да им помогнат на земјите побрзо да се прилагодат на барањата, условите и стандардите на пазарот на ЕУ, и со тоа побрзо да се интегрираме барем де-факто. Конкретно ме прашувате за Отворен Балкан: тоа е добра замисла, меѓутоа има свои проблеми, првенствено затоа што опфаќа само три земји од Западниот Балкан и е паралелна на Берлинскиот процес. На оперативно ниво, повторно е добра иницијатива со едно големо „ама“. На пример, во делот на пазарот на труд, за што Фајнанс тинк објави и научна студија, потенцијалот за мобилност на работната сила во рамки на овие три земји потписнички е сепак ограничен, бидејќи нивото на плати е слични, а работната сила има релативна отпорност за дневна или неделна мобилност. Но, откривме дека кај одредени занимања со средно и високо ниво на вештини, иницијативата може да е плодна почва, бидејќи постојат одредени разлики во платите кои би поттикнале на пример лице со ИТ вештини од Куманово да се пресели и да работи во Ниш. Но, потворно, тоа мора да се гледа низ призмата на состојбите на домашниот пазар на труд: мобилноста ќе е од корист за конкретното лице, но ќе го продлабочи проблемот на недостиг од квалификуван кадар дома. Значи, меч со две острици. Останува во претстојниит период да следиме во која мера овие можности кои иницијативата ги нуди ќе бидат искористени во крајна линија.

К.В.С.

Слични содржини