На СДСМ му треба претседател кој нема да застане на таа позиција со багаж кој нема да ни дозволи да одиме напред. И тука некои од кандидатите не се доволно самокритични и сметаат дека шепотот на членовите не се слуша. На СДСМ пред се му треба искрен претседател, кој нема да седи и да договора непринципиелни коалиции, кој нема да тргнува со интересите на партијата, ниту со власта, ниту со штетни бизнис кругови. Па дури не ни треба ни претседател кој бил физички присутен во партијата, ама калкулирал, чекал пораз за да каже што мисли или во минатите годни, месеци неговата пасивност била пример за нелојален член а користел привелегии од партијата, вели во интервју за „Локално“ Славјанка Петровска, поранешна министерка за одбрана и актуелна кандидатка за нов лидер на партијата.
Слушам шпекулации дека двајца поранешни претседатели се активно вклучени во кампањата на двајца од кандидатите и ако е така мислам дека тоа е погрешно, затоа што со право понатаму ако некој од нив двајца биде избран ќе го носи новарот на нечија продолжена рака, вели Петровска на прашањето дали екс-претседателот Заев, после катастрофалниот пораз на претседателските и парламентарните избори, влијае на изборот за наследник на Ковачевски.
-Партијата се наоѓа во навистина чувствителен период во кој ако изборот за претседател се сведе на тоа кој од поранешните претседатели ќе има поголемо влијание, тоа само ќе не втурне во сценарио за кое власта ќе биде пресреќна да го види, истакнува поранешната министерка.
Иднината на партијата е загозена, според неа, „ако неоснованите лични амбиции и отсуството на самокритичност победат, наспроти искрениот порив да се вратиме на идеологијата и да се реорганизираме“.
-Јас не би рекла да почнуваме од почеток, затоа што така може да влеземе во замка да ги повториме грешките, а и да ги заборавиме сите оние кои пред нас допринеле за партијата. Затоа сум внимателна и велам реорганизација и враќање кон идеологијата, порача таа.
Прво нешто кое треба да се направи по изборот на претседател, истакнува Петровска, е избор на раководство засновано на критеруми и кое претходно ќе ја помине ветинг процедурата или проверка.
-За мене една од поитните приоритети е и нов статут кој ќе биде насочен кон политички процеси, а помалку административни процедури кои понекогаш се толку комплицирани што ја убиваат суштината на политичкото дејствување, вели таа во интервјуто.
СДСМ го одложи конгресот на партијата, за 30 јуни. Многу шпекулации излегоа во медиумите, меѓу другите и за голема поделеност во партијата. Што доведе, сепак, до ваква ситуација?
-Членовите и поддржувачите на СДСМ за прв пат се соочуваат со најголемиот пораз во историјата на партијата, и сосема ја разбирам разочараноста и апатијата која владее. Голем дел од општинските организации побараа одложување заради дискусија на извештајот во рамките на општинските организации и тоа е за поздравување. Тоа е всушност нешто што недостасуваше и не се направи по изборите во 2020-та и 2021-ва. Несоодветната и недоволната анализа на изборните резултати секогаш ве носи кон полоши резултати во наредниот изборен циклус и тоа се случи. Од друга страна и Конгресот и последната седница на Централниот одбор на СДСМ беа на раб на кворум што покажува дека тие на кои им е доверена најголематата одговорност да бидат членови на ЦО или делегати не покажуваат интерес за партијата и за нејзината иднина со нивното неприсуство, а од друга страна се гласни надвор од партиските органи со секакви теории, па некои од нив и опструкции. СДСМ изгуби од клиентелизмот и од отсуството на социјалдемократијата при креирањето на политките и нивното спроведување. Изгубивме и заради функционерите и во партијата и во извршната власт, кои наместо социјалдемократија спроведуваа бизнис интереси на мали групи и тоа беше на штета на СДСМ.
И затоа ќе инсистирам дискусијата за изборните резултати и во 2024-та, 2021-ва и 2020-та да се отвори не само во општинските организации, туку и во месните организации, како најважната клетка во една политичка партија. Ако не направиме вистинска дијагноза на причините за поразот, не можеме да очекуваме победа. Во 2021 година се промени дел од раководството на партијата и во Владата, ама не се променија навиките и постапките кои им пречеа на граѓаните. И затоа сега ни се случи овој пораз.
„На СДСМ му треба победнички лидер, а не пазарџија“, упати порака еден од кандидатите за позицијата и додаде дека не треба следниот претседател да дојде од „центар на моќ, туку од членството“. Способен ли е СДСМ за ваков процес во овој момент?
-На СДСМ му треба претседател кој нема да застане на таа позиција со багаж кој нема да ни дозволи да одиме напред. И тука некои од кандидатите не се доволно самокритични и сметаат дека шепотот на членовите не се слуша. На СДСМ пред се му треба искрен претседател, кој нема да седи и да договора непринципиелни коалиции, кој нема да тргнува со интересите на партијата, ниту со власта, ниту со штетни бизнис кругови. Па дури не ни треба ни претседател кој бил физички присутен во партијата, ама калкулирал, чекал пораз за да каже што мисли или во минатите годни, месеци неговата пасивност била пример за нелојален член а користел привелегии од партијата. СДСМ не е акционерско друштво па да тргуваме со акции на берза. СДСМ има душа, има енергија, има минато и има иднина, а заеднички именител на ова е членството. „Слушај ме што зборувам, ама не ме гледај што правам“, не проаѓа веќе. На СДСМ му треба борец.
Гледате ли ситуација во која екс-претседателот Заев, после катастрофалниот пораз на претседателските и парламентарните избори, влијае на изборот за наследник на Ковачевски?
-Пред официјално да ја поднесам кандидатурата, изразувајќи го моето почитување кон сите поранешни претседатели на СДСМ, одржав средби со секој од нив одделно. На тие средби мојата амбиција за кандидатура беше позитивно оценета и јас ги ценам советите кои некои од нив ми ги дадоа. Слушам шпекулации дека двајца поранешни претседатели се активно вклучени во кампањата на двајца од кандидатите и ако е така мислам дека тоа е погрешно, затоа што со право понатаму ако некој од нив двајца биде избран ќе го носи новарот на нечија продолжена рака. Партијата се наоѓа во навистина чувствителен период во кој ако изборот за претседател се сведе на тоа кој од поранешните претседатели ќе има поголемо влијание, тоа само ќе не втурне во сценарио за кое власта ќе биде пресреќна да го види.
Загрозена ли е иднината на партијата доколку не се врати моќта во рацете на членството, кое покажува незадоволство?
-Иднината на партијата е загозена ако неоснованите лични амбиции и отсуството на самокритичност победат, наспроти искрениот порив да се вратиме на идеологијата и да се реорганизираме. Јас не би рекла да почнуваме од почеток, затоа што така може да влеземе во замка да ги повториме грешките, а и да ги заборавиме сите оние кои пред нас допринеле за партијата. Затоа сум внимателна и велам реорганизација и враќање кон идеологијата. И да, во Манифестот за социјалдемократијата се препознава враќање на моќта кај членовите, па дури и за избор на тројца од потпретседателите и организационите секретари, а и воведувањето на референдумското изјаснување на сите членови.
Многу поранешни функционира велат дека луѓето кои ја доведоа СДСМ до овој пораз се проблем, а не решение за СДСМ и дека сите си ги следеле само своите кариери и можноста за опстанок во хиерархијата на партијата, без оглед дали е СДСМ победнички или губитнички. Се гледате ли можеби себе си во овие квалификации?
-Не се гледам, затоа што за прв пат после 24 години членство во партијата и активно придонесување во нејзиното дејствување дури во јануари оваа година без избрана за Претседавач на Централниот одбор. И покрај моите бројни ангажмани во партиските структури, партиска функциија сум немала, но никогаш не сум одбила партиска задача и мисија и никогаш не сум опструирала процеси во партијата, но секогаш кога сум имала можоност сум го кажувала својот став. Сум била со СДСМ и кога губел и кога добивал, без оглед на тоа дали сум имала лична добивка за мојот професионален ангажман. Со моето министерување од 2 години покажав како се оправдува дадената доверба и за тоа говорат вработените во Министерството и Армијата, но и соработниците од бизнис секторот и граѓанските организации со кои соработував. Иако имаше обиди од тогашнат опозиција да ме вовлечат во некои така наречени скандали, сепак еден по еден сите беа демантирани, а веќе почнаа да стигнуваат и судските пресуди во моја полза.
Што не е во ред со СДСМ во овој момент, според вас, и со што треба веднаш да се зафати партијата, во однос на реформи?
-Прво нешто кое треба да се направи по изборот на претседател е избор на раководство засновано на критеруми и кое претходно ќе ја помине ветинг процедурата или проверка. Тоа е нешто кое како власт не успеавме да го направиме, и за да можеме да си го вратиме кредибилитетот како опозиција мораме да сториме прво во наши редови и во најтесното раководство па да се продолжи понатаму. Откако ќе се постави партиската структура мора да се спроведе и ажурирање или реевидентирање на членството, па потоа да се продолжи со политичкото организирање и дејствување. За мене една од поитните приоритети е и нов статут кој ќе биде насочен кон политички процеси, а помалку административни процедури кои понекогаш се толку комплицирани што ја убиваат суштината на политичкото дејствување.
Нови избори веќе во 2025-та, способен ли е СДСМ да се консолидира за овој краток период и да излезе повторно со победничка стратегија?
-Манифестот за социјалдемократијата е концизен, со јасно дефинирани пет приоритети и конкретни рокови за нивно исполнување. Свесна сум за предизвиците што нè очекуваат, но СДСМ мора да се менува за да не исчезне. Ако успееме да ги реализираме приоритетите и предизвиците ги претвориме во успеси, ќе можеме да се консолидираме и да се вратиме на победничките патеки. Убедена сум дека СДСМ повторно ќе успее.
В.З.